Култура
Филмот Efterklang: Makedonium Band во продукција на МКЦ селектиран на 5 филмски фестивали

Филмот “Efterklang: Makedonium Band” во текот на 2025 година е селектиран на пет престижни европски филмски фестивали.
Проекциите, ќе бидат проследени со концерт на данскиот музички состав Efterklang, а на дел од нив, ќе се одржат и настапи на целосниот музички ансамбл “Efterklang: Makedonium Band”.
Фестивалите, во чии рамки ќе биде прикажан филмот се “Balkan Film Week” во Лајпциг, “Budapest Ritmo Festival” во Будимпешта, “Dokfest Munich” во Минхен со пет последователни проекции, фестивалот “Ethniesy” во Бидгошч, Полска и “Tromso World” во Тромсо, Норвешка.
Филмот, успеа да биде и дел од каталогот на филмови на престижната авиокомпанија “Fly Emirates”, како дел од понудата филмови за време на прекуокеанските летови.
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 насловен “Efterklang: Makedonium band” во продукција на Rosforth и Rumraket (Данска) и ЈУ Младински културен центар, минатата година ја имаше својата светска премиера на престижниот европски фестивал за документарен филм “CPH:DOX” во Копенхаген.
Филмот претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Ефтеркланг во рамките на својата европска турнеја ќе настапат на 1 мај во културниот центар Паблик Рум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Државниот симфониски оркестар од Солун првпат доаѓа во Скопје

Државниот симфониски оркестар од Солун првпат во неговото 66 годишно постоење ќе настапува во Скопје во салата на Филхармонија на 17 мај со почеток во 19.30 часот.
Оркестарот ќе настапи со дела од Емилиос Риадис и Морис Равел со специјални гости од двете земји, како водечката грчка сопранистка Мирто Папатанасиу и нашиот светски реномиран пијанист Симон Трпчевски.
Со Оркестарот ќе диригира реноминираниот грчки диригент Владимирос Симеонидис.
На програмата се дела од Морис Равел и неговиот грчки студент Емилиос Риадис, на чествување на 150 годишнината од раѓањето на Морис Равел и 90 годишна од смртта на најголемиот Солунски композитор Емилиос Риадис, вклучувајќи ја и светската премиера на симфониската свита од операта “Галатеиа”
Проектот се спроведува во рамките на националниот план за закрепнување и отпорност Грција 2.0 финасиран од Европската Унија NextGenerationEU.
Култура
Промоција на публикацијата „Кузман Јосифоски – Питу – животна приказна“ во Музеј на Македонија

Музејот на Македонија го одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај со промоција на публикацијата „Кузман Јосифоски – Питу – животна приказна“.
Промоцијата ќе се одржи на 19 мај 2025 година (понеделник), во 12 часот, во изложбените простории на Музејот.
„Публикацијата е дел од истражувачкиот проект посветен на животниот пат на револуционерот Кузман Јосифоски – Питу и се реализира во рамките на годишната програма, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Нејзината намена е да ја збогати музејската презентација и едукација, на теми со историска содржина и да послужи како корисно помагало во наставата по историја и граѓанско образование, во рамките на образованиот процес“, велат од Музејот.
Автор на публикацијата е м-р Здравко Стојкоски, кустос – историчар во Музејот. Промотор на настанот ќе биде м-р Данијела Трајкова Крстиќ, виш кустос – историчар во НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност.
Култура
Премиера во Грузија на „Јон Вардар против галаксијата“

Анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на 5. издание на Striped Tale Animation Festival 2025, што ќе се одржи од 16 до 18 мај во Тбилиси, Грузија.
Фестивалскиот тим на својата веб страница го опишува филмот со следниве зборови:
„Вселенска зоолошка градина. Балкански хумор. Хаос на интергалактичко ниво. Јон Вардар против Галаксијата нè носи во една апсурдна мисија за спас на универзумот. Чудовишта, сатира и емоции се судираат во оваа забавна вселенска опера за сите возрасти. Научно-фантастична пародија со срце, вонземјани и автентичен балкански дух.“
Филмот досега имаше селекции на преку десет фестивали, од кои 5 се во А и Б листите на најдобри филмски фестивали во светот. Поддржан е од Агенцијата за филм.