Контакт

Култура

Шекспировата „Кротењето на опаката“ со украинските актери ја отвора интернационалната драмска програма на „Охридско лето“

Објавено пред

Театарската претстава „Кротењето на опаката“ од Вилијам Шекспир, во режија на Викторија Шевченко, а во изведба на Киевски академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина ќе биде прикажана вечерва како дел од драмската програма на годинешното 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

dobivaj vesti na viber

Две и полчасовната претстава ќе се одигра во предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Дел од актерската екипа денеска на прес-конференција обелодени дека „Кротењето на опаката“ е всушност современо читање на Шекспир, кое, како што рекоа, никого нема да остави рамнодушен.

-Среќен сум заради улогата во претставата и што можам да ја отелотворам на сцената. Самата претстава е несекојдневна, специфична. Режисерката има сменето буквално сè, има специфичен пристап кон шминка, костими… и имаше храброст да промени дел од текстовите на Шекспир. Шекспир малку го скусивме, малку го препишавме и додадовме нешто наше, но сметам дека на сите гледачи ќе им се допадне. Современото читање на Шекспир нема да остави никого на страна, рече актерот Владислав Красиков, кој вечерва ќе ја игра улогата на Петручио.

Целото дејство во претставата се одвива околу младата Украинка Маргарита Овчарова, која ја толкува улогата на Кетрин, млада и богата девојка за која се водат напори да биде скротена.

-Вечерва ќе прикажеме современа интерпретација на Шекспир што ќе биде мошне интересно за публиката. Самиот процес на реализација на оваа театарска претстава беше многу интересен, рече Овчарова.

Виталиј Томњук, раководител на одделот за култура, националности и религија на градскиот совет на градот Буча потенцира дека денешната трагедија во Украина не само што го спречува нормалното функционирање на културниот сектор, го уништува културното наследство, туку, како што кажа, ги одзема и животите на многу цивили меѓу кои и професионалните уметници.

-Секој го брани својот фронт, воен, волонтерски. Секој има свое оружје. А за нас тоа оружје е културно и уметничко. Украинските музички групи, пејачи, театарски колективи ширум светот одржуваат хуманитарни концерти за поддршка на вооружените сили на Украина и на жртвите од војната. Во оваа војна веќе не може да се поставува прашање дали има место за културата. Бидејќи оваа војна е токму борба за нашата украинска култура, рече Томњук.

Како што најави селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Сања Арсовска, со театарската претстава „Кратењето на опаката“ почнува интернационалната драмска програма на фестивалот.

-Интернационалниот дел од драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ започнува вечерва во предворјето на црквата „Света Софија“ со театарската претстава „Кратењето на опаката“. Големо е задоволството во вакви тешки и неподносливи услови за живот во Украина што имаме гости од оваа земја. Благодарност до украинската амбасада во Република Северна Македонија којашто ни помогна да стапиме во контакт и да го реализираме ова нивно гостување. Се радувам што вечерва украинските актерите наместо со звуците на аларм за тревога, на проектили и истрели, ќе играат и ќе се чувствуваат безбедно токму на сцената на фестивалот, истакна селекторката Арсовска.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција подвлече дека годинешното 62. фестивалско издание е на половина од својата реализација.

-Точно сме на половина од реализацијата на годинешново 62. фестивалско издание и можам слободно да кажам дека фестивалските вечери изминативе 20 дена изминуваат со квалитетна програма и полни гледалишта. За повеќето настани се бара и карта повеќе што за нас е доказ дека „Охридско лето“ и годинава понуди квалитет и содржини привлечни и атрактивни за пошироката публика. Остануваат уште 20 фестивалски вечери во кои ќе понудиме квалитетна програма и вечери за паметење. Оттука со право можам да најавам дека „Охридско лето“, како фестивал кој е поддржан од Министерството за култура, а под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, и со ова 62. издание ќе ги оправда очекувањата на љубителите на уметноста, очекувањата на спонзорите, помагателите и пријателите, рече директорката Поповиќ.

Театарската претстава „Кротењето на опаката“ ќе се одигра на „Охридско лето“ со поддршка на Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија како содржина во рамки на традиционалната Украинска вечер на фестивалот.

Киевски академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина е најголемиот и најстар театар во регионот на Киев основан уште во далечната 1934 година.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

13-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

Објавено пред

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на Македонија пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“. Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи во МКЦ на 22 и 23 август.

dobivaj vesti na viber

Со мото „Лупење идеи“ фокус на 13. „МакеДокс“ е развојот на идеи, а прес-конференцијата за програмата на фестивалот се одржа денес (10 август) на платото пред МКЦ во Скопје.

„По две бурни години за целиот свет време е повторно да си дадеме сила за реализирање на идеите. Но, овојпат од нова перспектива, да ги излупиме старите лушпи и одново да создаваме на новите бели слоеви. Сметаме дека делот на процесот на развој на документарниот филм е многу значаен, особено за регионот каде на овој процес од создавањето на филмот обрнуваме многу малку внимание. Затоа оваа година развојот на идеи го поставивме во фокусот на фестивалот. Среќни сме што после две години ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости“, истакна Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „МакеДокс“.

Годинава на фестивалот ќе пристигнат околу 70 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со МакеКоПроДокс форумот, кои делумно ќе се одржат онлајн.

Филмската програма на 13. „МакеДокс“ содржи 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од компетицијата за наградата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус – годинава тоа е Чешка и Програмата за деца и младинци.

Фестивалот ќе биде отворен на 18 август, во Куршумли-ан, со документарниот филм „Сѐ што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).

Главната програма содржи 9 филмови, во селекцијата нови автори има 11 филмови, во програмата на кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во студентската програма ќе бидат прикажани 8 филмови. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 18 филмови. Земја во фокус е Чешка Република и ќе бидат прикажани 8 нови документарни филмови.

„Среќни сме што оваа година на адресата на „МакеДокс“ пристигнаа филмови од сите пет континенти на планетава Земја. Гледавме филмови со месеци и ја лупевме програмата за да ја добиеме нејзината најавтентична форма и содржина која ќе ја одрази креативната сила на „МакеДокс“, како фестивал на креативен документарен филм. Мислам дека успеавме во тоа, а се надевам и публиката ќе биде задоволна од нашиот избор.
Фестивалот ќе го отвориме со филмот „Сѐ што дише“ на режисерот Шаунак Сен, а пред него ќе го прикажеме белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ на режисерката Хуанита Онзага. Втората вечер е веќе традиционално резервирана за отворање на програмата Земја во фокус, оваа година посветена на Чешка, и радосни сме што имаме чест да ја отвориме со филмот „Рене – затвореник на слободата“ (Rene – The Prisoner of Freedom) на нашата почесна гостинка Хелена Тшештикова (Helena Treshtikova), мајката на тајм-лапс документарецот, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден ќе одржи и мастерклас за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело. Време е за лупење на старите закоравени размислувања и идеи, а верувам дека „МакеДокс“ со својата овогодишна програма ќе помогне при тоа и ќе направи простор за нови… подобри, посветли!“, потенцираше Петрула Вељановска, дел од програмскиот сектор на „МакеДокс“.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот предвиден е мастерклас со Хелена Тшештикова, почесна гостинка на „МакеДокс“ 2022, која ќе говори на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“. „Чешката режисерка и документаристка Хелена Тшештикова е повеќе од режисерка и документаристка. Може да се каже дека таа е своевиден феномен, од оние што ги поместуваат границите за она што го знаеме за документарниот филм“, изјавил Михаил Железников. Разговорот со Хелена Тшештикова ќе го води Туе Стен Милер.

Исто така, Туе Стен Милер, консултант за документарци и критичар од Данска, ќе одржи работилница за развој на идеи од 20 до 22 август. Учесници на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани на Балканот.

Централно место во индустрискиот сегмент зазема четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот, што ќе се одржи од 22 до 24 август.

„За вториот дел од форумот, годинава имаме одлична и разновидна селекција од 11 проекти кои се продуцирани или се снимаат на Балканот (Албанија, Косово, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Турција…). Тие ќе ги претстават своите проекти на 23 август и ќе имаат „еден-на-еден“ состаноци со одлучувачите. МакеКоПроДокс форумот е реализиран во соработка со Агенцијата за филм на РСМ, МЕДИА деск МК, Грчки филмски центар, Град Скопје, „Вардар филм“ и МКЦ“, објасни Сара Ферро, координаторка на МакеКоПроДокс форумот.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли-ан. На 21 август ќе биде отворена фото-изложба на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.

По завршувањето на фестивалот, „МакеДокс“ ќе ги продолжи своите активности и во текот на годината. Во септември екипата ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне програмата „Зимски МакеДокс“, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа „Doc Around Europe“.

Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.

Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворање на 18 август и церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.

Прикажи повеќе...

Култура

„Флипбук филм фестивал“ – ќе бидат прикажани повеќе од сто кратки авторски анимирани филмови

Објавено пред

На годинешното издание на „Флипбук филм фестивал“, од 11 до 14 август, ќе бидат прикажани повеќе од сто кратки авторски анимирани филмови. Првата вечер традиционално е резервирана за селекција на филмови од најголемите фестивали за анимиран филм, а годинава ќе биде прикажано најдоброто од двата најголеми светски фестивала, „Анеси“ (Франција) и „Анимафест“ (Хрватска).

dobivaj vesti na viber

Во следните три вечери ќе бидат прикажани филмовите од главната селекција, студентската, селекцијата на анимиран документарен филм и селекцијата на анимирани музички спотови. Од пријавените повеќе од илјада наслови, сите селектирани филмови ги менуваат правилата на игра и ги поместуваат границите на медиумот анимација, носат новитет и во тематска и во технолошка смисла: визуелна иновативност, силна приказна, која обработува некоја современа тема, остра социјална критика, софистициран хумор, експериментирање со формата и содржината итн. И годинава ќе бидат прикажани најдобрите европски наслови, кои во изминатиот период ги освоија најважните награди на светските фестивали: во главната селекција на словенечката режисерка Шпела Чадеж – Steakhouse, на хрватската режисерка Луција Бужанчиќ – Saturation, англискиот Hide на Данел Греј, во селекцијата на анимирани документарци The Garbage Man на португалката Лаура Гонсалвес и My father’s damn camera на српскиот режисер Милош Томиќ, студентските Slouch и Toothless и македонскиот Torch од младиот автор Калин Маловски. Во селекцијата, пак, на анимирани музички спотови, меѓу другите, ќе прикажеме анимации од двајца македонски автори: Никола Дрвошанов и Филип Митров.

За најдобрите филмови ќе одлучуваат две жирија. Во жирито на главната и на селекцијата на анимирани музички видеа членови се: Себастијан Сперер, селекторот на фестивалот „Анеси“, Даниел Шуљиќ, уметничкиот директор на „Анимафест“, кој ќе ја претстави монографијата по повод 50 години од фестивалот, и Олга Бобровска, професорка по историја на анимиран филм во Краков и директорка на фестивалот „Стоптрик“. Во жирито на анимирани документарци и студентски филмови членови се: Педро Риверо, професор по сценарио за анимиран филм и директор на фестивалот Анимаком во Билбао, кој ќе одржи работилница Storytelling for Animation, Петрула Велјановска, програмски координатор на фестивалот за документарен филм „Македокс“, и Милан Милосављевиќ, директор на фестивалот „Балканима“ во Белград, кој ќе ја промовира книгата со есеи за анимиран филм The Last Turn at Albuquerque. Промоција на книга од областа на теоријата на анимираниот филм ќе имаат и полскиот теоретичар Михал Бобровски и авторот на анимиран филм, Иван Ивановски, промоција на книгата „До празнината и назад“, проследена со изложба. Во соработка со организацијата „Екосвест“ ќе биде одржана тематска работилница за анимиран филм во техника стоп-анимација и изработка на флип бук-тетратки со учениците од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“.

Прикажи повеќе...

концерти

Даворин Боговиќ од „Прљаво казалиште“ првпат ќе одржи концерт во Македонија

Објавено пред

„Сцена продукција“ оваа година со концерт ќе го одбележи својот втор роденден. Првиот вокал и еден од основачите на еден од најпопуларните поп-рок состави во поранешна Југославија, загрепско „Прљаво казалиште“, првпат ќе одржи концерт во Македонија, и тоа ексклузивно во Битола. Даворин Боговиќ, поранешен член на „Прљаво казалиште“, на 17 август во Битола ќе го донесе својот црно-бел свет. Moje ime je Davorin Bogović, a ovo sve oko mene je crno-bijeli svijet, се стиховите со кои Даворин влезе во историјата на поп-култарата на овие простори и се лансира во орбитата на популарноста. Даворин и Боговичи на задоволство на сите ќе ги отпеаат хитовите што го одбележаа југословенскиот new wave: Mi plešemo, Crno-bijeli svijet, Sve je lako kad si mlad и десетици други песни, кои ги знаат неколку генерации од овие простори.

dobivaj vesti na viber

„На 17 август, конечно, ќе имам концерт во Битола. Во Битола претходно бев со театарска претстава, но ова е она вистинското. Ви ветувам добра свирка и забава. Почнуваме со старите хитови, како: Mi plešemo, Crno-bijeli svijet, Sve je lako kad si mlad… па сè до поновите, како: Moja voljena, Niz brdo od ljubavi, Ljubav vjerna kao pas. Се радувам на брзото доаѓање! Дојдете да се дружиме во што поголем број“, вели Даворин пред концертот во Битола.

Атмосферата ќе ја загрева метал-сензацијата од крајот на деведесеттите и почетокот на милениумот, една од најдобрите македонски метал-групи ФАЏ (FUDGE), која повторно се враќа на сцената со концертни настапи. По повод роденденот на „Сцена продукција“, влезниците до 5 август беа по цена од 200 денари. Oд 6 август до денот на концертот цената ќе биде 500 денари. На денот на концертот ќе се продаваат по цена од 700 денари.

Ве очекуваме на ракометното заедно да ги пееме најголемите хитови од почетоците на „Прљаво казалиште“ .

Прикажи повеќе...

Најново

Економија3 часа

Државата нема контрола како се враќаат парите од ковид-мерките, тоа ќе ја чини 23 милиони евра

Државата не предвидела како ќе го контролира враќањето на доделените средства за финансиска поддршка на работодавците и физичките лица за...

Македонија4 часа

Нема хоспитализиран пациент со мајмунски сипаници на Клиниката за инфективни болести

Нема хоспитализиран пациент суспектен за мајмунски сипаници, информираат од Клиниката за инфективни болести. „Во врска со пациентот што се споменува...

Европа4 часа

Полскиот премиер ја обвини ЕУ за империјалистичко однесување кон помалите членки

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја обвини Европската Унија за империјалистичко однесување кон помалите членки во статија објавена на веб-страницата „Велт“...

Свет4 часа

Хаос на аеродром во Париз, маж се заканувал со нож, полицијата го убила

На парискиот аеродром „Шарл де Гол“ полицијата отворила оган врз маж вооружен со нож, јавува BFMTV повикувајќи се на неименуван...

Македонија6 часа

Гори борова и дабова шума во Охридско

Сè уште е активен пожарот кај охридските села Вапила и Сирула. Како што соопшти Центарот за управување со кризи, гори борова...

Свет6 часа

Кина најави нулта толеранција за сепаратистичките активности на Тајван

Предупредувањето од Пекинг, кој го смета Тајван за своја територија, дојде неколку дена по невидените воени вежби на Кина во...

Свет7 часа

Зеленски: Војната на Русија против Украина мора да заврши со ослободување на Крим

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека конфликтот со Русија нема да заврши додека не се ослободи црноморскиот полуостров Крим,...

Свет7 часа

Јенс Столтенберг: Србија со години е близок партнер на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, оцени дека Северноатлантскиот сојуз е долгорочен и близок партнер со Србија велејќи дека партнерството...

Свет7 часа

Русија: Од почетокот на август од Украина се извезени 370.000 тони храна

Над 370.000 тони храна се извезени од украинските пристаништа во 12 брода од почетокот на август, изјави шефот на рускиот...

Свет7 часа

Во експлозија на аеродромот на Крим загина едно лице, а осум се повредени

Едно лице загина, а осум се повредени во инцидент на аеродром на Крим, соопшти локалното Министерство за здравство. „Бројот на...

Свет20 часа

Нов вирус се појави во Кина: Заразени 35 луѓе – имаат треска, замор, кашлица, анорексија

Нов тип на хенипавирус добиен од животинско потекло, Langia henipavirus, кој може да зарази луѓе е пронајден во источната кинеска...

Свет21 час

Поранешен шеф на кампањата на Трамп: Споделив доверливи информации со Русите

Пол Манафорт, кој беше менаџер на кампањата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2016 година, призна дека споделил доверливи...

Македонија22 часа

МОН го повлекува учебникот по Социологија за втора година гимназиско образование

Министерството за образование и наука информира дека е формирана Комисија за давање предлог за повлекување од употреба на одобрен учебник...

Македонија1 ден

Регистрирани 679 новозаразени од коронавирус, нема починати лица

Во согласност со податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се...

Економија1 ден

ССМ: Вредноста на минималната синдикална кошничка во јули 2022 е 47.042 денара

Вредноста на синдикалната минимална кошница со вклучена инфлација (трошоци за живот) за јули изнесува 47.042,00 денара и не може да...

Македонија1 ден

МНР: Ги отфрламе сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи

„Во врска со појавени шпекулации во јавноста за нови заемни документи меѓу Северна Македонија и Бугарија, дозволете да информираме дека...

Регион1 ден

Румен Радев: Изборите на 2 октомври треба да произведат стабилно и одговорно мнозинство

„За сите од најголема важност е овие избори да дадат одговорно мнозинство. Исто така, важно е ова мнозинство да ужива...

Свет1 ден

Градоначалникот на Нагасаки: Нуклеарното оружје е реална и присутна закана

Нуклеарното оружје е реална и присутна закана откако Русија ја нападна Украина, изјави денеска градоначалникот на Нагасаки на 77-годишнината од...

Свет1 ден

Зеленски со порака до Западот: Забранете им на Русите да влезат, нека живеат во свој свет

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните земји да го забранат влезот на сите руски граѓани. Во интервју за „Вашингтон...

Македонија1 ден

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски скриен во глувчешка дупка молчи додека во Бугарија се спремаат нови услови и барања за Македонија

„На повидок нов дебакал на предавничката влада предводена од Димитар Ковачевски во дипломатијата. Повторно нови услови и нови документи од...