Култура
Шест години постоење на независниот „Театар Провокација“
Театар Провокација по повод 6 години од оформувањето на театарот, ќе имаат премиерна изведба на претставата „ Земја на штркови“ во МКЦ – Скопје на 11.12 (среда), со почеток од 20 часот.
Во овие години Театар Провокација ги реализираше следниве претстави:
Претстави за возрасни: Првин ќе ме земеш после ќе ме…, Скандал, Ожени ме, Разведи ме, Пациенти, Земја на штркови, како и претставите за деца: Веселиот Дедо Мраз, Како ли да го задржам Дедо Мраз кај нас, Зеленковци, Јас сум Акико, Другарство, Штурците и Мравките, како и двата фестивала: Фестивал на балканската независна театарска сцена „Провокација“ и Фестивалот на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ – Неготино.
Претставата која ќе биде изведена по повод роденденот на Театар Провокација „ Земја на штркови“, говори за големиот бран на иселување на младите луѓе од својата татковина. Оваа претстава и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Оскаровска Гала вечер со безвременски филмски хитови
По огромниот успех на првата Оскаровска Гала вечер минатата година и одличниот прием кај публиката, на 22. февруари, сабота во Македонскиот Народен Театар ќе се случи незаборавно филмско музичко патување, концерт во чест на Оскарите.
Безвременските хитови номинирани и наградени со Оскар ќе ги исполнат реномирани македонски пејачи, меѓу кои се Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Горан Наумовски, Денис Димоски, заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect и Полифонија. Низ филмската историја публиката ќе ја води Миланка Рашиќ.
Во манирот на најблескавата филмска ноќ, посетителите ќе пристигнуваат на Црвениот тепих од 19.30., а концертот Оскаровска Гала вечер ќе започне во 20 часот.
Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97-та Оскаровска церемонија во Лос Анџелес.
Влезници за Оскаровската Гала вечер може да се купат на билетарницата на МНТ и онлајн на www.mnt.mk
Култура
Една од најгледаните балетски претстави за деца, „Доктор Офболи“, на сцената на Националната опера и Балет
На 21 јануари, на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 19.00 часот ќе се изведе една од најгледаните балетски претстави за деца, „Доктор Офболи“.
Оваа класична балетска сказна ја прикажува вечната борба помеѓу доброто и злото, во која, како и секогаш, доброто ќе победи. Претставата ја плени најмладата публиката со прекрасната музика, живописните костими и сценографија и децата ја следат со големо воодушевување.
Кореографијата за оваа претстава ја создаде познатиот балет-мајстор од Русија, Михаил Крапивин, додека музиката е на Игор Морозов, работена е според сказната на К. Чуковски, а сценографијата и костимите се дело на Живојин Трајановиќ и Марија Пупучевска.
Во претставата настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои ќе ја пренесат оваа возбудлива приказна на сцената.
Култура
За наградата „Роман на годината“ во „трка“ 43 романи
На својата конституитивна седница жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс, што се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнаа 43 романи.
Жири-комисијата, во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) констатираше дека и годинашната конкуренција е составена од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.
Комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март.