Култура
Јани-Петери Паси е добитник на „Златна камера 300“ на „Браќа Манаки“
И покрај сите пречки и предизвици со кои се соочивме во изминативе неколку месеци, вечерва можам конечно да кажам и покрај сè успеавме да ја продолжиме магијата и да ја отсонуваме нашата приказна до розов хепиенд. Искрено би сакал да ви заблагодарам вам за тоа. Зошто се чини дека токму со доаѓањето во вашето и наше пристаниште Битола како да запреа сите бури коишто дотогаш жестоко ни се закануваа и му се закануваа на нашиот фестивалски брод. По 16 септември нашата пловидба одеднаш стана мирна и потоа со вас, битолската публика, со вашите и наши прекрасни лауреати и со извонредното меѓународно жири поминавме шест беспрекорни денови во Битола. Имавме извонредни натпреварувачки програми, одржавме три филмски работилници, имавме исклучителни шест прес-конференции и неколку млади девојки и момчиња имаа можност да научат како да снимаат филм за првпат во животот, една група деца имаше можност да види интересен детски филм. И за сето тоа време не се случи никаков технички проблем или прекин“, рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Мони Дамевски.
На шега во тој момент во салата се исклучи струјата и микрофоните не работеа, а директорот рече дека некој од неговиот тим му рекол дека Кан, Берлин и Венеција можат да ни позавидат, на што публиката реагираше со громогласна смеа и голем аплауз.
„Ништо не може да нè запре, и покрај сè, ние ќе продолжиме“, рече на крајот Дамевски.
Добитниците на наградите ги соопштија членовите на жирито. Претседателот на жирито, Суки Меденчевиќ, од името на комисијата се заблагодари за гостопримството и за честа што ни им била дадена да ги изберат победниците на 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
„Секогаш работата на жирито е тешка. Никој не вели дека е тоа лесна работа затоа што да се донесе таква одлука е навистина тешко, но истовремено претставуваше задоволство затоа што имавме можност да погледнеме исклучителни филмови и одлучувачки беа нијансите„, рече Меденчевиќ.
Добитникот на наградата „Мала камера 300“ за краток филм го соопшти Соња Просенц.
„Почестена сум што ќе го соопштам добитникот на оваа награда. Чест ми е што ќе ѝ ја доделам наградата на една млада кинематограферка затоа што на повеќето во медиумскиот свет ни е јасно дека многу често на жените кои се занимаваат со оваа професија повеќе шанси им се дава кога станува збор за краткометражни филмови, додека потешките задачи се резервирани често за нашите колеги мажи. Но, мило ми е дека фестивалот ‘Браќа Манаки’ веќе открил и наградил повеќе кинематограферки и чест ми е да ја најавам наградата ‘Мала камера 300’ за краткометражен филм која ѝ се доделува на кинематограферката Жоана Силва-Фернандеж за филмот ‘Низ маглата’ за смелото, интуитивно, но истовремено минималистичко користење на визуелното раскажување“, рече Просенц.
Заблагодарувајќи се за наградата со видеопорака, Жоана упати благодарност и до режисерот Диого Салгадо за можноста неговата приказна да ја раскаже таа преку слики.
-Навистина сум почестена и среќна што ми е доделена оваа награда токму на фестивалот каде што се слави работата на кинематограферите. Снимањето на филмот беше интересен процес како на некое патување. Благодарам на фестивалот „Браќа Манаки“ и се надевам дека ќе се видиме следната година, рече Силва.
Димо Попов рече дека филмовите се одраз на реалноста во која живееме, во време кое е по малку чудно, по малку вчудовидувачко исто како и оние фотографии на браќата Манаки кои ги гледаме кога влегуваме во антрето на киносалата. Чудна трансформација доживува реалноста додека поминува низ објективот, чудни бои, чудни форми и чудни приказни.
„Поради бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високоестетизиран визуелен стил одлучивме ‘Бронзената камера 300’ да ја добие кинематограферот Рубен Импенс за филмот ‘Титаниум’“, соопшти Попов.
„Ви благодарам за оваа неверојатна награда. Многу сум среќен, му благодарам на жирито што ја препозна и награди мојата работа. Жалам што ме успеав да дојдам во Битола, ѝ благодарам и на Џулија која беше прекрасен партнер во правењето на филмот. Многу сум среќен што ја цените нашата работа и ви посакувам убава вечер на сите“, рече во видеопорака Импенс.
Филип Бергсон рече дека мотото на фестивалот беше „И покрај сè“ најмногу се однесува на пандемијата која ни предизвика навистина големи проблеми и заблагодари на директорот на фестивалот и на тимот на фестивалот затоа што, како што рече „и покрај се направија чудо и успеаја оваа година да се одржи ИФФК „Браќа Манаки“.
„За деликатната камера што нè приближува до ликовите кои се добро позиционирани во урбаниот пејсаз на Осло, ‘Сребрената камера 300’ се доделува на Каспер Туксен за филмот ‘Најлошата личност на светот’“, соопшти Бергсон.
Заблагодарувајќи се за признанието со видеопорака, Туксен рече дека целиот тим има заслуга за овој успех.
„Му благодарам на жирито, на Јоаким Трир, режисерот на филмот, беше задоволство да се работи на овој филм. Ова многу ми значи и од срце им се заблагодарувам поединечно на сите кои работеа на овој филм“, рече Туксен.
На ова се надоврза претседателот на жирито, кој го соопшти добитникот на наградата „Златна камера 300“.
„Многу е убаво кога може да се види како самите кинематографери признаваат дека рабитите се дел од тимски напор и дека кинематограферот е налик на диригент кој го раководи оркестарот и дава ритам. Да се биде член на жири е и доста интимна работа затоа што сите цениме различни нивоа и тоа ја прави одлуката тешка, но во овој случај одлуката ни беше лесна на сите пет члена на жирито. За деликатниот и осетлив начин на која камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот север, жирито ја додели наградата ‘Златна камера 300’ на кинематограферот Јани-Петери Паси за филмот ‘Купе број 6’“, соопшти Меденчевиќ.
Лауреатот Јани-Петери Паси исто така во видеопорака рече дека иако веќе ја има добиена оваа награда толку многу се возбудил кога му било соопштено што се разбудил среде ноќ и останал буден до изутрината.
„Благодарам Битола, за жал, не можев да бидам таму оваа година. Беше големо изненадување за мене, истовремено чест да се добие повторно ова големо признание. Толку многу бев возбуден што се разбудив среде ноќ и останав буден. Голема чест е да се биде награден на фестивал посветен на кинематограферите, се надевам ќе се видиме следната година“, рече Паси.
Селекторот на долгометражните филмови, Слаѓан Пенев, ја најави проекцијата на филмот „Титаниум“ во режија на Џилија Дукурно и наградениот кинематографер Рубен Импенс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Културно лето на Чаир“ – еден месец настани во Општината
Општина Чаир го претставува „Културно лето на Чаир 2026“, едномесечна програма со културни, уметнички, спортски и забавни активности за сите генерации.
Од 1 до 30 јуни, Чаршијата и повеќе локации на територијата на општината ќе се претворат во центри на културата, традицијата, музиката и креативноста, преку низа активности кои имаат за цел збогатување на јавниот живот и промоција на културните вредности.
„Културно лето на Чаир 2026“ претставува манифестација што ги обединува граѓаните и го претвора Чаир во простор на средби, славење и културно доживување во текот на целиот месец јуни.
Култура
Момент за Мориконе – музичко-поетска италијанска вечер во Филхармонија на „Скопје Брас Фестивал“
На 29 мај (петок), во Камерната сала на Филхармонија во 19 часот, ќе се одржи долгоочекуваната музичко-поетска италијанска вечер под наслов: „Поетиката на музиката и музикалноста на поезијата: големата италијанска традиција“, која ќе ја обедини магијата на филмската музика, поезијата и врвната изведувачка уметност.
Во Скопје пристигнува еден од најреномираните италијански трубачи, Марко Пиеробон, кој ќе настапи како солист заедно со ИД Камерниот оркестар, под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска.
На програмата се дела од легендарните композитори Енио Мориконе и Нино Рота — музичките визионери кои оставија длабока трага во италијанската и светската филмска уметност, создавајќи незаборавни звучни пејзажи кои и денес ја освојуваат публиката ширум светот.
Посебна уметничка димензија на вечерта ќе ѝ дадат поетските сегменти инспирирани од творештвото на Франциск Асишки (годинава се одбележуваат 800 години од неговата смрт) и Луиџи Пирандело, кои ја збогатуваат програмата со филозофска и духовна длабочина, а ќе биде прочитана и една поема од Мајка Тереза. Како рецитатор ќе се претстави Тина Иванова, музиколог и писателка.
Темата „Љубовта и сите нејзини облици“ ја води културната програма за 2026 година на Амбасадата на Италија во Скопје. Станува збор за универзална и безвременска тема која низ историјата инспирирала бројни значајни дела од италијанската литература.
2026 година одбележува 90 години од смртта на Пирандело, добитник на Нобелова награда за литература во 1934 година и еден од најзначајните италијански писатели на сите времиња. Неговите размисли за љубовта го отвораат тематскиот контекст на вечерта.
„Песната на созданијата“, пак, на Франциск Асишки е напишана околу 1224 година, две години пред неговата смрт. Делото претставува прв поетски текст во народен италијански јазик и возвишена пофалба на природата, создадениот свет и братството со сите елементи на животот. Поемата на Мајка Тереза носи наслов „Сакај го животот“ и таа е посветена на возвишеноста на љубовта и на животот.
Концертот е дел од годинешното издание на „Скопски Брас Фестивал“ и се реализира со значајна поддршка од Италијанската амбасада во Скопје и Италијанскиот институт за култура во Белград.
Публиката ќе има можност да доживее вечер исполнета со емоција, медитерански дух и уметничка префинетост, каде музиката и поезијата се спојуваат во едно единствено сценско доживување.
Култура
Промоција на книгата „Раскажани стихови: историја на една љубов“ од Марина Димитриева – Ѓорѓиевска
На 26. мај 2026 година, во 19:19 часот, во Културно информативниот центар – Скопје, Салон 19:19, ќе биде промовирана книгата „Раскажани стихови: историја на една љубов“ од Марина Димитриева- Ѓорѓиевска во издание на издавачката куќа „Македоника литера“.
Книгата ќе ја промовираат Нове Цветановски и Ранко Младеноски, стихови ќе чита Ева Стојчевска
Книгата содржи суптилна и издржана лирика во која главни теми се љубовта и човечките доблести и слабости. Книгата содржи близу 80 песни во кои доминантни теми се љубовта, чесноста, почитта, човекољубието, праведноста, женската вистина во општествените, партнерските и семејните односи. Секој лирски текст звучи како лична размисла која алудира на автореференцијалност, најмногу поради првото лице, но од друга страна, тоа е поезија која зафаќа проблеми од секојдневието на урбаниот човек, односно на жената: вредностите на животот и вредностите на љубовта.
Марина Димитриева – Ѓорѓиевска е родена во Скопје во 1978 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна го завршила и магистерски и докторски студии. Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).
