Култура
„Јон Вардар против галаксијата” викендов беше премиерно прикажан во Шпанија
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја имаше својата светска премиера на 57. издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“, еден од најголемите жанровски фестивали во светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио“ беше прикажан во фамилијарната секција. Капацитетите на салата беа исполнети, главно со најмладата публика, која енергично ја дочека македонската анимација.
Режисерот Цветановски имаше кусо обраќање, при што на шпански јазик им кажа на децата дека се првите во светот што ќе го гледаат филмот, на што тие реагираа со воодушевување.
По настанот, Цветановски изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата“ почна возбудливо најавувајќи уште многу убави вести набргу.
„Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона, кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со ‘Јон Вардар’ напишавме историја и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември“, рече режисерот Цветановски.
Во рамките на фестивалот во Ситџес анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.
„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани, кои се на мисија да ја спасат галаксијата од самите себе.
Арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, браќата Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и во Хрватска.
Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во киносалите во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Самостојна изложба „Почетоците“ на Христина Мазнеска во Скопје
На 31.10.2024 година, во ЈУ Дом на Култура „Кочо Рацин“ Скопје, во Салон Сутерен беше отворена самостојната изложба насловена “Почетоците” на Христина Мазнеска. Изложбата беше свечено отворена со музичка изведба на Христијан Ристески, со почеток во 19:00 часот.
Изложбата, според организаторот ќе биде отворена за јавноста до 08.11.2024 година.
Изложбата на сликарката и илустраторка Христина Мазнеска насловена „Почетоците“ претставува трилогија од три циклуси, концептуално поврзани меѓусебно, кои самостојно и во целина, ги опфаќаат метафизичките теми за материјата и енергијата, микро и макрокосмосот, виден од авторска перспектива.
Во првиот, насловен како и самата изложба, „Почетоците“, кој е интимистички и автореференцијален циклус, Христина низ еден своевиден дијалог и игра на бојата и цртежот, разоткрива период од својот микрокосмос; доживување или искуство низ кое поминала по својот животен пат. Една своевидна психосоматска транзиција и трансформација, предадена етапно и во целост. Бојата, која има примарна улога, е тесно поврзана со внатрешното јас т.е. микрокосмосот – емоциите, чувствата, па и самата аура. Така и во нејзините дела таа е разнолика и симболична, а во таквиот колоритен сензибилитет, инкорпорирана е и сивата боја – момент на колапс, премрежје. Или поинаку кажано, секојдневно сивило кое некој го живее краткорочно и сегментно, а некој секојдневно.
Динамичните аморфни облици се прикажани во една лирска игра на спојувања и одделувања. Низ еден апстрактен пристап, претставен е своевиден дијалог и дуел, соединување и разделба. Симболика на кога од едно станува две, а од две едно; вечната игра на двата принципи. Претежно во овие дела може да се долови женскиот принцип, мултиплициран и апстрахиран, доведен до момeнт на симбол, како алегорија на новиот почеток, но и космички портал кон животодарното, суштинското, есенцијалното. Машкиот принцип, од друга страна, е ставен во улога на дополнување на суштественоста на женскиот.
Вториот циклус насловен „Портали“ несомнено ја третира темата за макрокосмосот, или уметничко настојување за истражување на универзумот и паралелните светови. Во нив, примарен акцент е ставен на бојата и нејзиниот сензибилитет, додека пак цртежот, ставен во втор план, e со тенденција за негова елиминација. Ваквиот колоритен сензибилитет, предаден низ своевидна игра на аморфни структури, со еден експресионистички – апстракционен приод, Христина алудира на вечноста на материјата и енергијата и непостојаноста на формата. Ставајќи се во семи-демиурговска улога, Христина со нејзините „портали“ ги деконструира категориите простор и време и преку нив настојува да проникне во други, нови, непознати светови. Преку нив, како да се чувствува тој артистички ескапизам кон идеалното, совршеното.
Низ целиот циклус проникнува еден подлабок философско – метафизички набој, кој ја надополнува ликовната естетика. Нејзините дела како да се обременети со дополнителна философска мистика, па дури и теософска идеологија, барајќи претходно проучување и предзнаење од спектаторот, за да може идејата на уметникот дословно да биде предадена.
Циклусот насловен „Куфер со спомени“ содржи бројни разновидни скици, цртежи и минијатури, изработувани низ широк временски дијапазон, во различни техники и стилови. Иако е доста различен од претходните два, сепак концептуално се поврзува и надополнува на претходните два, градејќи една целина т.е. фаза од животот, или патот на уметникот. Низ тој пат се овековечуваат разни ликови, предели, настани. Трајни спомени кои како личен багаж ги носи Христина со себе по патот. Полн микрокосмос, кој сѐ уште останува докрај неоткриен, неспознаен.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм од денес и во Прилеп
Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против Галаксијата“ од вечерва, понеделник, во 19 часот, ќе почне да се прикажува во киното „Мис Стон“ во Прилеп, на домашен терен, од каде што доаѓа главниот протагонист, Жарко Димоски, кој го толкува ликот на Јон Вардар.
Филмот засега е достапен за скопската публика, со проекции секој ден во „Синеплекс“, каде викендов беше најгледаниот филм на репертоарот на киното. „Јон Вардар против галаксијата“ се прикажува и во Киноверзум во Велес и Штип. Во Кино Манаки во Битола, филмот е на репертоарот во петок и во сабота од 18 часот. Наскоро доаѓа и во другите градови во Македонија.
„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат галаксијата од себеси.
Режијата е на Гоце Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Филмот, кој е најголемиот анимациски копродукциски проект на Балканот, е изработен со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на фестивалите „Ситџес“ во Шпанија, „Киненова“ во Македонија и „Мостра Сао Пауло“ во Бразил.
Култура
Грчки филмови во Кинотека
Амбасадата на Грција во Северна Македонија започнува серија проекции на грчки филмови со наслов „Ајде да се запознаеме“.
Целта на проекциите е да се претстават современите грчки филмови кои беа многу сакани и во Грција но и во странство. Серијата на проекции „Ајде да се запознаеме“ ќе започне динамично со повеќенаградуваниот филм „Мала Англија“ (2013, 2h12) на Пантелис Вулгарис, еден од најзначајните грчки режисери, кој заедно со Теодорос Ангелопулос беа главните претставници на трендот на Новата Грчка Кинематографија, која стана светски позната во 70-тите.
Филмот „Мала Англија“ е една романтична драма, која се врти околу тоа како договорениот брак ќе го размрда животот на едно семејство во периодот помеѓу 30-тите и 50-тите години. Дејството на филмот се одвива на островот Андрос, наречен Мала Англија поради финансиската моќ на неговите жители. Филмот „Мала Англија“ е производ на соработката на режисерот Панделис Вулагарис и истакнатата грчка писателка Јоана Каристианис и постигна голем успех од уметнички но и од комерцијален аспект. Доби 6 признанија од Грчката Филмска Академија и награда за најдобар филм на 17иот Меѓународен Филмски Фестивал во Шангај.
Проекцијата на „Мала Англија“ ќе се одржи во Кинотека на Северна Македонија (ул. Никола Русински бр.1, Скопје), во среда, 6 ноември 2024 година, во 19:00 часот.
Влезот е бесплатен.