Култура
„Јон Вардар“ со премиери во Кина, Германија и во Романија
Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува со својата меѓународна фестивалска авантура. Во наредните недели филмот ќе биде прикажан на три престижни фестивали: Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата (Silk Road International Film Festival) во Кина, Фестивалот за детски и младински филмови Шлингел (SCHLiNGEL International Film Festival for Children and Young Audiences) во Германија и Галактички Имагинариум (Galactic Imaginarium) во Романија.
Silk Road International Film Festival е еден од најголемите културни настани во Азија и вистинска раскрсница на светските кинематографии. На неговите досегашни изданија учествувале големи имиња како Лук Бесон, Асгар Фархаади, Софи Марсо. Амос Гитаи и Џеки Чен.

Со своето 30-то јубилејно издание, SCHLiNGEL е еден од најголемите и најзначајни европски фестивали за детски и младински филм. Таму се прикажуваат внимателно селектирани остварувања што ја слават креативноста и разновидноста во светското детско кино.
Романскиот Galactic Imaginarium пак, се одржува во Тимисоара и е специјализиран фестивал за фантастика и научна фантастика.
„Неверојатно е чувството да видиш како една македонска приказна за помалку од две недели патува од Кина, преку Германија, па сè до Романија. Овие три фестивали се различни по својот карактер – еден е светски гигант, другиот е европска институција за детска публика, а третиот е специјализиран за фантастика. За мене тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик. Се надевам дека публиката насекаде ќе ја почувствува иста радост и возбуда како и ние кога го создававме.“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.

Од екипата на филмот најавуваат дека во октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции, и дека меѓународното патување на Јон Вардар против Галаксијата допрва продолжува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на Иван Ивановски во Кина
Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Северна Македонија.

Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
![]()
![]()

Култура
Македонскиот проект „Балада за лонецот и капакот“ доби 9.000 евра за развој на сценарио
Филмот „Балада за лонецот и капакот“ во режија на Вардан Тозија, а во продукција на Ивана Шекуткоска и Минимал Колектив Продукција, е меѓу избраните проекти што ќе добијат финансиска поддршка во рамки на 2025 Funding Round на SEE Cinema Network.
Официјалната најава беше објавена во рамки на 66. Меѓународен филмски фестивал во Солун (TIFF66), каде што SEE Cinema Network ги претстави добитниците на овогодинешниот развоен фонд, соопшти Агенцијата за филм.
Секој од поддржаните проекти ќе добие 9.000 евра наменети за развој на сценарио и подготовка на продукција.
Култура
Нова меѓународна награда за „Златната пеперутка“ со Биби и Боби
Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната Пеперутка“, со омилените детски херои Биби и Боби, освои ново меѓународно признание – наградата „Млади Хоризонти“ (Young Horizons Award) на престижниот CEE Animation Forum, што се одржа од 4 до 6 ноември во Плзењ, Чешка.
На форумот беа претставени 29 проекти од 15 земји, пред повеќе од 200 претставници од европската анимациска индустрија: продуценти, режисери, телевизиски уредници и дистрибутери.
Ова е втора награда за „Златната Пеперутка“, по MIA Development Award која проектот ја доби во октомври годинава на MIA Market во Рим – еден од водечките европски филмски пазари.
„Франција ги има Астерикс и Обеликс и Мињоните, Англија ги има Валас и Громит, Русија ги има Маша и Медо, Хрватска го има Балтазар, а Белгија го има Тин-Тин. Нашата цел е децата од светот да слушнат за Македонија преку Биби и Боби“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Во филмот, Биби и Боби патуваат во амазонската џунгла во потрага по легендарната златна пеперутка, симбол на рамнотежа меѓу човекот и природата. Нивната мисија ги води кон митскиот град Ел Дорадо, каде ќе мора да ги здружат своите сили за да ги победат темните сили што демнат во џунглата.
Македонски продуценти на проектот се Македонска Крепост, Светот на Биби и Тун Моушн Студиос, а филмот ќе се реализира во копродукција со Аргентина, Шпанија, Колумбија и Бразил.

