Култура
Љутков: Соработката со Германскиот археолошки институт отвора нови перспективи за македонската археологија
На еден од најзначајните археолошки локалитети во нашата земја, Скупи, денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков и Лукас Вертер потпишаа Меморандум за соработка со Германскиот археолошки институт, меѓународна научна институција со долгогодишна традиција и светски признати резултати во областа на археологијата.
„Ми претставува особена чест и задоволство што денеска токму на локалитетот Скупи, со д-р Лукас Вертер од Римско-германската комисија, го потпишавме овој значаен документ. Со оваа соработка се отвораат нови перспективи за нашите јавни музејски и научни установи, кои преку посебни договори ќе имаат можност да воспостават партнерства со оваа реномирана институција и да реализираат заеднички археолошки истражувања“, изјави министерот Љутков.
Археологијата беше посочена како значаен сегмент од културно-историскиот мозаик на нашата земја и непроценливо наследство за идните генерации.
„Ние сме должни да го истражуваме, да го заштитиме и да го афирмираме тоа наследство бидејќи секој археолошки наод е жива врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината“, нагласи министерот.
Особено е важно што интензивната комуникација со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, кој е под надлежност на Федералното министерство за надворешни работи на Германија, денеска е заокружена со документ кој ќе овозможи размена на искуства, знаења и методологии на еднакво партнерско ниво.
„Овој меморандум претставува силна основа за унапредување на стручната и научната афирмација на нашите археолошки откритија, преку примена на современи методолошки принципи, обработка на материјални докази и нивна промоција во меѓународен контекст“, изјави министерот.
Истовремено, соработката ќе придонесе за развој на културниот туризам како една од стратешките насоки на европската културна политика во 21 век, со што археолошките локалитети ќе добијат нова димензија – како научни, но и како туристички атракции кои ја раскажуваат историјата на нашата земја пред светот.
На настанот беше потпишан и втор документ од страна на Музејот на град Скопје и директорот Панче Велков со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, со што започнуваат првите конкретни чекори во рамките на оваа долгорочна соработка.
„Убеден сум дека ова партнерство ќе донесе значајни резултати, нови научни сознанија, унапредени стандарди во археолошките истражувања и поголема меѓународна промоција на нашето културно наследство. Тоа е заеднички успех, кој не само што ја зајакнува нашата културна дипломатија, туку и создава основа за идни генерации истражувачи, кои ќе продолжат да го пишуваат археолошкото и културното поглавје на нашата држава“, потенцираше министерот Љутков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на Иван Ивановски во Кина
Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Северна Македонија.

Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
![]()
![]()

Култура
Македонскиот проект „Балада за лонецот и капакот“ доби 9.000 евра за развој на сценарио
Филмот „Балада за лонецот и капакот“ во режија на Вардан Тозија, а во продукција на Ивана Шекуткоска и Минимал Колектив Продукција, е меѓу избраните проекти што ќе добијат финансиска поддршка во рамки на 2025 Funding Round на SEE Cinema Network.
Официјалната најава беше објавена во рамки на 66. Меѓународен филмски фестивал во Солун (TIFF66), каде што SEE Cinema Network ги претстави добитниците на овогодинешниот развоен фонд, соопшти Агенцијата за филм.
Секој од поддржаните проекти ќе добие 9.000 евра наменети за развој на сценарио и подготовка на продукција.
Култура
Нова меѓународна награда за „Златната пеперутка“ со Биби и Боби
Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната Пеперутка“, со омилените детски херои Биби и Боби, освои ново меѓународно признание – наградата „Млади Хоризонти“ (Young Horizons Award) на престижниот CEE Animation Forum, што се одржа од 4 до 6 ноември во Плзењ, Чешка.
На форумот беа претставени 29 проекти од 15 земји, пред повеќе од 200 претставници од европската анимациска индустрија: продуценти, режисери, телевизиски уредници и дистрибутери.
Ова е втора награда за „Златната Пеперутка“, по MIA Development Award која проектот ја доби во октомври годинава на MIA Market во Рим – еден од водечките европски филмски пазари.
„Франција ги има Астерикс и Обеликс и Мињоните, Англија ги има Валас и Громит, Русија ги има Маша и Медо, Хрватска го има Балтазар, а Белгија го има Тин-Тин. Нашата цел е децата од светот да слушнат за Македонија преку Биби и Боби“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Во филмот, Биби и Боби патуваат во амазонската џунгла во потрага по легендарната златна пеперутка, симбол на рамнотежа меѓу човекот и природата. Нивната мисија ги води кон митскиот град Ел Дорадо, каде ќе мора да ги здружат своите сили за да ги победат темните сили што демнат во џунглата.
Македонски продуценти на проектот се Македонска Крепост, Светот на Биби и Тун Моушн Студиос, а филмот ќе се реализира во копродукција со Аргентина, Шпанија, Колумбија и Бразил.

