Култура
Агенцијата за филм досега расчистила со долгови во висина од 470.870.862 денари, се најавува нова стратегија за развој на филмот
Агенцијата за филм на РМ во соопштение до јавноста информираше дека во период од осум месеци успеала да расчисти повеќе од половина од наследените долгови или поточно 470.870.862 денари, а со снимање завршиле четири долгометражни филмови. Изготвиле и нацрт-програма за привлекување интернационални продукции на филмски и други аудиовизуелни дела, а во рамките на новата стратегија за аудиовизуелна дејност во подготовка е и нов закон кој ќе ја регулира дејноста.
„ Од затекнатиот пустош и големите долгови во кои се најде оваа најзначајна институција за филмската дејност, по неполна година успеавме да ја вратиме македонската кинематографија во европската насока, каде што таа бездруго и заслужено припаѓа. Иако мала кинематографија, оваа уметност е силен и можеби најафирмиран автентичен културен производ што ја претставува нашата земја во светски рамки. Откако ја кренавме рампата за криминално работење и претворање на филмот во ситно партиски интерес, каде што авторите биле мотивирани по принципот на ‘наши’ и ‘ваши’, направивме детална анализа за примена на соодветна методологија и критериуми за поддршка на проектите и можеме да соопштиме значајни резултати“, соопштува Агенцијата за филм.
Од институцијата информираат дека приоритетно ќе се стимулира соработка со странски продуценти, а законот ќе им ја олесни работата на домашните продукции.
„Во интензивна соработка со најповиканите во оваа дејност, филмските професионалци, ќе постапуваме по нова стратегија за која ќе биде потребно да се донесе и нов закон што ќе ги олесни административните пречки и нема да остави можност за манипулација, а филмаџиите ќе можат да се посветат на креативниот дел и да се отворат кон странските продуценти. Копродукциите, независно дали се тие од малцински или мнозински карактер, се одлична шанса за македонскиот филм да оди напред. Во стратегијата посебно место посветивме на начинот со кој ќе се привлечат странските продуценти“, се вели во соопштението.
Според новата стратегија, Агенцијата нагласува дека се напушта политиката на мегаломански проекти во кои по секоја цена се нагласува нашата историја, а единствена референца за нивна поддршка ќе бидат квалитетни, модерни, современи сценарија и издржани и темелни продукциски планови. Ветуваат поддршка на повеќе дебитанти и се приклучуваат кон светскиот тренд за поддршка на женските филмски автори.
„ Со рационално користење на буџетот, кој е намален оваа година, се обидовме да дадеме шанса на дебитантите и се надеваме дека само креативната компетиција меѓу повеќе автори ќе даде квалитет. Младите автори мора да добиваат шанса да работат бидејќи искуствата покажуваат дека тие со своите дебитантски дела ја однесоа Македонија подалеку од оние автори од постарата генерација кои добивале значајна поддршка без многу труд, а истите го затворија филмот во провинциски рамки“, стои во соопштението.
Со снимање се завршени четири долгометражни играни филмови , „Здивот на ангелот“ во режија на Јани Бојаџи, „Проект Хепинес“ во режија на Борјан Зафировски, „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски и „Господ постои, се вика Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска.
На последниот конкурс се финансирани 17 филмски проекти , 3 долгометражни играни со македонски мнозински удел, 5 долгометражни играни со македонски малцински удел, 3 документарни филмови, 5 краткометражни играни и 1 краткометражен анимиран филм и за истите се доделени вкупно 151.375.000 денари.
Поодршката на проекти на конкусрот од национален интерес добиле 16 проекти за организација на филмски фестивали, 1 играна и 2 документарни серии и 4 проекти за проекти од национален интерес кои се однесуваат на Едукативни програми и програми за развој и унапредување на филмската култура и кинематографија и поддршка за членство на Република Македонија во меѓународни филмски организации, и за истите доделени се средства во вкупен износ од 55.320.000 денари.
Почната е процедура за потпишување договор за меѓусебна соработка со Република Бугарија и Република Косово, како и со фестивалот на македонски филм во Торонто, Канада, а се разговарало за потпишување договори за меѓународна соработка со Франција и со Канада (Телефилм Канада).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.