Култура
(Видео) „Најсреќниот човек на светот“ со македонска премиера на 27 октомври
„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар-Митевска патува низ светот по светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција и Торонто и одличниот прием од страна на светската критика.
Овој месец „Најсреќниот човек на светот“ патува на пет фестивали.
„Почнавме со ексклузивна проекција на филмскиот фестивал во Киев, Украина, кое беше проследено со предавањето од страна на режисерот Теона С. Митевска. Полната сала во Киев и крајно емотивната проекција на филмот во Киев проследена со звуци од сирени зборува за значајноста на оваа приказна и овој филм, кој крајно искрено говори за тешкотиите и можностите за помирувањето по воените разорувања, за длабоките траги и трауми, кои остануваат врежани засекогаш кај сите оние зафатени од немилосрдниот виор на војната“, истакна Лабина-Митевска.
Од Киев „Најсреќниот човек на светот“ продолжува во Хаифа – Филмскиот фестивал во Израел од 8 до 17 октомври, каде што ќе биде прикажан во исклучителната силна главна конкуренција. Потоа патува во Бразил на Интернационалниот филмски фестивал во Рио де Жанерио, кој почнува на 21 октомври. Во октомври филмот ќе биде прикажан и на Филмскиот фестивал во Загреб по што веднаш следува и кинодистрибуција на филмот во Хрватска.
„Како што најавивме во Венеција, набргу ‘Најсреќниот човек на светот’ го носиме и во Скопје. Македонската премиера на националниот претставник за ‘Оскар’ закажана е на 27 октомври во киното ‘Милениум’“, изјави Лабина-Митевска.
Турнејата на „Најсреќниот човек на светот“ за десеттиот месец ќе заврши во Словенија, каде што ќе се натпреварува за наградата „Весна“ за малцински копродукции на Филмскиот фестивал во Ровињ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов започнува 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности и ќе се одвива во текот на целата година. Новото, 19-то издание АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат низ различни градови во државата, опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата бр.33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ и ќе биде отворен во четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата бр.33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ од пред околу 30 години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беа во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски покренаа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата, ниту пак во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – тие коишто се упатени кон (или пак заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници кои го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а истите тие за да опстанат зависат во голема мерка од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење, овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста, туку и пошироко во рамките на општеството во коешто живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – Јавните простори во движење (кон), преку која минатата година фестивалот презентираше неколку практики што замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики можат повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења, или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ и во текот на годинава во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и во странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст