Култура
„Врба“ на Филмскиот фестивал „Црни ноќи“ во Талин
Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски се враќа на европска почва по импресионирањето на азиската публика на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј. Меѓу многуте написи за филмот во Тајпеј се огласи и истакнатата професорка по антропологија, Ју-Чиен Хуанг, која напиша:
„Прекрасен поетски филм, кој тера на размислување. Деликатната наративна структура и продлабочените мотиви ги допираат душите на гледачите“.
Утревечер „Врба“ ќе биде прикажан на 23. Филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, еден од најголемите во Европа. Со оглед дека филмот веќе имаше светска премиера на фестивалот во Рим, во Талин ќе игра надвор од конкуренција, во програмата „Потписи“, во која, како што велат од Фестивалот, се најновите дела на филмските велемајстори.
„Врба“ ќе има три проекции во Талин, а на проекцијата на 27 ноември ќе гостува и режисерот Манчевски, кој ќе има сесија прашања и одговори со естонската публика. „Црни ноќи“ е меѓу 14-те светски фестивали од А-категорија рангирани според ФИАПФ.
Премиерата во Талин е посветена на Ник Пауел, извршниот продуцент на „Врба“, кој почина една недела по македонската премиера. Екипата на филмот го нарече легендарниот Пауел „срце на нашиот филм“. Тој е продуцент на педесетина филма (оскаровецот „Играчка-плачка“ на Нил Џордан, „Скандал“, „Мона Лиза“) и коосновач на „Вирџин рекордс“, заедно со Ричард Брансон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст
Култура
Промоција на стихозбирката „Песнило“ од Ива Петреска
Дебитантската стихозбирка „Песнило“ од младата поетеса Ива Петреска ќе биде промовирана в среда, 27 март, со почеток од 20 часот во „Кафе лаб“ („Лабораториум“) во Скопје. Збирката низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска, а настанот ќе биде збогатен и со изложба на фотографии од Колевски.
„’Песнило’ пее за сите нешта што се чувствуваат на кожата, што ежат, што горат, што оставаат лузни, а потем сече, слој по слој, со прецизен и остар јазик како скалпел соголувајќи го гнилото во нас и во општеството за накрај в раце да го држи нашето срце и од нас зависи дали ќе ни заврши во тегла“, вели Јулијана Величковска.
„’Песнило’ ќе ви ги отвори очите, ќе ве разбесни, ќе ве насмее, ќе ве налути, ќе ве праша дали сте здрави и ќе ве прекори. Ова е стихозбирка што беснее меѓу двете корици, а ако има беснило, Ива Петреска ќе ја излечи со своето песнило“, рече Андреј Медиќ-Лазаревски.
„Ете така, само понекогаш, ќе се појави млад женски глас што патува низ времето, и постои отсекогаш до којзнае кога, ако не и засекогаш. Ива Петреска со својот младешки импулс и глас им ја дава живоста и бојата на нештата од кои е составен товарот на животот. ‘Песнило’ е анатомија на суштественото; песните се хируршки прецизни резови преку кои се прави пристап до телесното и духовното, од каде излегуваат звучно и тактилно, со сета своја силина, љубовта, презирот, молкот на едниот и крикот на другиот, болката на местото на љубење, сето тоа длабоко од внатрешноста на срцето, директно од местото на допирот, однатре истекува сета зачуденост од неправди и лаги, сета растргнатост помеѓу грижата за другиот и гневот кон него, сета храброст одново и повторно да љуби. „Песнило“ е сите прашања, сите повици да се разбуди другиот, да се биде буден, да се гледа, да се држи погледот вперен во убавината, во апсурдот, во животот, да се биде една од жените што трчаат со волците, да се биде дива, а не сива“, вели Д. А. Лори.
Ива Петреска (2001, Скопје) студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ и „Клинци“, во организација на „Култура бета“,„Отскочна штица“, настан за млади во рамките на Скопскиот поетски фестивал, „Добри гости“, и др., а неколку нејзини песни се објавени во „Репер“. Застапена е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (2023, ПНВ Публикации). „Песнило“ е нејзина прва стихозбирка.
Култура
Одбележување 79 години МНТ
Годинешниот 79. роденден на МНТ ќе биде хуманитарно одбележен.
„Во текот на сите години постоење оваа институција секогаш била тука за публиката. Тоа продолжува и денес со изведбите на претставите ‘Силјан Штркот шанца’ и ‘Сите сме птици’, кои во таа чест ќе бидат одиграни на 3 април“, велат од МНТ.
Средствата од продадените билети за овие претстави ќе бидат наменети за лекување на нашиот Леонид Индов.
Истиот ден во фоајето на театарот ќе биде претставена документарна изложба „Миг кој трае“, на која низ оригинални фотографии и предмети ќе бидат претставени дел од досега изиграните претстави од 1945 година до денес.
Изложбата е отворена за публиката.