Култура
Второ издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“
Годинава, меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, ќе се одвива од 4 до 6 октомври во Скопје и во родното село на поетот, Лазарополе.
Отворањето на манифестацијата на 4 октомври ќе биде во 19 часот, во спомен-собата на Анте Поповски во Центарот за култура во општина Ѓорче Петров во Скопје, каде што поетесата Александра Димитрова за поетскиот ракопис „Дупка“, по пригодната реч, официјално ќе биде прогласена за победник на конкурсот „Антево перо“ за 2019 година за необјавена поетска книга на македонски јазик.
Притоа се очекува на Димитрова да ѝ биде врачен и отпечатениот авторски примерок од победничката збирка. Како поети чии збирки се најдоа во најтесната конкуренција за наградата, на авторите Михајло Свидерски за збирката песни „Граници“ и на Сузана В. Спасовска за стихозбирката „Јазикот на светлината“, ќе им бидат врачени две придружни награди „Антев златник“ со ликот на поетот Анте Поповски.
На младата поетеса Емануела Ковачевска-Китановска за поетскиот наслов „Кожена душа“ ќе ѝ биде врачена новоутврдената награда „Антев часовник“, која во иднина ќе им се доделува на поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на најмладите наши таленти. Во продолжение на вечерта присутните ќе уживаат во поетското читање на дел од присутните учесници на годинешниот конкурс за наградата „Антево перо“, а предвидено е врачување благодарници на присутните поети кои учествувале на годинешниот конкурс, за нивниот придонес во растежот и афирмацијата на манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“.
Исто така, јавно ќе бидат прочитани и пристигнатите поздравни телеграми со поддршка на манифестацијата организирана во чест на академик Анте Поповски.
На 5 октомври, со повеќе содржини манифестацијата ќе продолжи во родното село на поетот, Лазарополе, каде што за учесниците е предвидено и ноќевање. Централен настан, кој ќе му даде белег на овој ден, ќе биде симпозиумот во чест на великанот Анте Поповски со наслов „Антево дело“, со кој ќе раководи проф. д-р Кристина Николовска. Симпозиумот ќе иницира: литературни, литературно-теориски, јазични, културолошки, филозофски, општествени теми, теми од историја на уметноста, естетиката, теми од културното живеење итн. Учесници на симпозиумот ќе бидат еминентни научни, културни работници, писатели, уметници, сликари, јавни личности, но и познати кои би ги расветлиле Антевото дело и неговиот лик. Свои трудови за овој научен собир поднесоа, односно најавија, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска, д-р Атина Цветаноска, доцент д-р Атанас Чупоски, м-р Симона Петровска, м-р Наташа Данчевска, м-р Митра Блажевска и Панде Колемишевски. По сесиите, се предвидува да има дискусии и предлагање нови теми за следниот симпозиум, а организациониот одбор на манифестацијата ќе се погрижи да отпечати и зборник со поднесените трудови од симпозиумот.
Програмата предвидува и промоција на трудот со наслов „Книга за Анте“ од проф. д-р Кристина Николовска, долгогодишен проучувач и проследувач на целокупното творештво на академик Анте Поповски. Членовите на Академијата „Анте Поповски“ на одделна седница, меѓу другото, ќе се произнесат по тековните работи, по предлозите за нејзино проширување со нови членови, но и по најновата иницијатива за чување и заштита од заборавот на ликот и делото на Анте Поповски. На платото пред бистите на Кочо Рацин, Анте Поповски и Симон Дракул во реновираниот и разубавен парк на поезијата на мијачкиот крај во Лазарополе, кој неодамна беше предаден во употреба, наградените и други поети ќе прочитаат свои творби, а стихови ќе одекнуваат и за време на неформалното дружење на учесниците во хотелот „Калин“. Поетско матине се очекува и во акустичниот амбиент на селскиот духовен храм „Свети Ѓорѓија“, а предвидена е и посета на богатата Библиотека на Анте Поповски во неговата спомен-куќа. Создавајќи многубројни ликовни дела за целото времетраење на проектот „Анте Поповски – Антево перо“, познатиот ликовен уметник и креативец Живко Поповски – Цветин ќе промовира мир и љубов, испреплетена со стихови.
Постои можност за учесниците на манифестацијата да биде организирана и посета на бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“.
Годинешната меѓународна културно-поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ целосно ќе биде заокружена до крајот на октомври со две работилници за креативно пишување и поетско-ликовно изразување на талентирани средношколци, односно студенти, за што дополнително ќе бидат објавени детали и информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).