Книги
Германскиот роман „Кога светлината згаснува“ во издание на ИЛИ-ИЛИ
Романот „Кога светлината згаснува“ на Ојген Руге, за кој во 2011 ја доби најпрестижната германска награда „Книга на годината“ (Deutscher Buchpreis) е нова книга во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од мрежата „Традуки“.
Приказната во романот „Кога светлината згаснува“ следи неколку генерации на семејството Умницер во текот на педесет години, а секој член го дава гласот на својата страна од приказната. Прикажано е влијанието на пошироките историски случувања на живототот на ова семејство, некогаш дел од комунистичката елита, чијашто социјалистичка утопија со текот на времето почнала да згаснува. Низ четирите генерации Ојген Руге ни ги претставува различните перспективи на животот под различните политички режими и ограничувањата што тие ги наметнуваат. Може да се каже дека оваа просветителска приказна не само што фрла светлина на политичката држава каква што претставуваше Источна Германија пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, туку и умно ја бележи внатрешната политика на семејниот живот во различни општествени околности.
Со мудрост, хумор и голема емпатија, а потпирајќи се на сопствената семејна историја, Ојген Руге величествено ги следи приказните и на ова семејство и на ГДР, додека го истражува трагичното испреплетување на политиката, љубовта и семејството под источногерманскиот режим.
Книжевните критичари се едногласни дека се работи за литерарно ремек-дело:
„Овој роман за ГДР ја поседува големината на Буденброкови на Томас Ман.“ (Ди Цајт)
„Времето е зрело за овој немаскиран, смешен и чувствителен поглед врз историјата.“ (Зидојче Цајтунг)
„Пулсирачко, вибрирачко, возбудливо дело со огромна обликувачка фантазија, необично чувствително и пред сѐ со остар хумор… Овој роман ни покажува дека од урнатините на источниот блок може да порасне нешто што ја има силата да го надживее.“ (Њујорк Тајмс)
Авторот Ојген Руге е роден 1954 год. во Сосва (Урал). Студирал математика на универзитетот „Хумболт“, а подоцна работел во Централниот институт за физика. Пред да замине од ГДР на Запад, во 1988 работел и во студиото за документарен филм „ДЕФА“. Од 1989 работи за повеќе театри и радио-станици како автор и преведувач.
За својот прв ракопис „Кога светлината згаснува“ во 2009 ја добива наградата „Алфред Деблин“ и подоцна во 2011 за истиот роман најпрестижната германска награда „Книга на годината“ (Deutscher Buchpreis).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.