Култура
Годишна програма на Националната галерија
Од Националната галерија најавуваат плодна културна програма за 2022 година. Националната галерија, додаваат од таму, изразува благодарност до Министерството за култура на Република Северна Македонија за поддршката на Годишната програма.
Март со својот календар донесе две вонпрограмски содржини. Прв настан беше изложбата со наслов „Процут кон женственоста“ по повод Меѓународниот ден на жената, а со вториот настан, во соработка со Францускиот институт од Скопје, се придружуваме кон одбележувањето на Денот на франкофонијата. И во давата проекта беа/се претставени дела од богатата ризница на Националната галерија.
Понатаму, продолжуваме со претставување на убавините на една не така далечна земја, лулка на историјата, културата и модата.
28 март – 21 април 2022, Чифте амам, „Убавините на Италија“, изложба на фотографии од архивот „Алинари“, Италија
Куратор Горанчо Ѓорѓиевски
23 април 2022, Венеција, Италија, 59. Венециско биенале, Landscape experience на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска
Април 2022, Социјална инклузија, подигнување на свеста во борбата со аутизмот
29 април 2022, Даутпашиниот амам, Лавиринт на уметноста 2
5 мај – 31 јули 2022, Даутпашиниот амам, ретроспективна изложба на Димитар Кондовски
27 мај 2022, „Мала станица“, 13. Младински пролетен салон
Мај – јуни 2022, Даутпашиниот амам, годишната изложба на основни училишта
Јуни 2022, Чифте амам, самостојна изложба на Свјетлан Јунаковиќ, уметник од Хрватска во организација на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“
7 – 30 јули 2022, Чифте амам, „Пресек“, самостојна изложба на Иванчо Талевски
4 август – 4 септември 2022, Чифте амам, „Трилогија“, Дријант Зенели
4 – 24 септември 2022, Чифте амам, самостојна изложба на Кирил Геговски
28 септември – 28 октомври, Чифте амам, јубилејна изложба „Миле Корубин, 100 години од раѓање“
Октомври 2022, КИЦ „Тирана“, Албанија, изложба на акварели од колекцијата на Националната галерија
Октомври – ноември 2022, Даутпашиниот амам, ретроспективна изложба на Илија Аџиевски
Ноември 2022, „Мала станица“, изложба на уметничката група XXL од Бугарија
Ноември 2022, Чифте амам, Ретроспективна изложба на Теофил Шулајковски-Тофе
Декември 2022, Чифте амам, Изложба на жанр сцени од Колекцијата на Националната галерија
Декември 2022, „Мала станица“, Истражување, изложба и монографија „Уметноста на движечки слики во Република Северна Македонија“
Декември 2022/ јануари 2023, Даутпашиниот амам, „Ликовното творештво на Анета Светиева“
Декември 2022, Чифте амам, „Јубилеј 30 години творештво на Нехат Беќири“
3 декември 2022, Чифте амам, социјална инклузија по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби
Издавачка дејност, „Од ризницата на Националната галерија“, публикација
Националната галерија е една ед најреномираните институции во Република Северна Македонија, која поседува богата колекција на ликовни дела од четиринаесеттиот век до денес. Оттука, реално се наложува потребата од изготвување репрезентативно издание, кое сеопфатно ќе ја претстави колекцијата на НУ Национална галерија на РС Македонија.
Вакво издание, во кое преку репродукции ќе се претстават најрепрезентативните дела со комплетни податоци, е значајно не само за нашата институција и стручната јавност туку и за презентирање на македонската ликовна уметност пред домашната и светската јавност. Воедно, ова издание ќе послужи како сериозна референтна литература за сите студенти по историја на уметност, ликовна уметност, историја, музеологија, културолошки студии и основа за идни сериозни научноистражувачки проекти и нивни проучувачи.
Носители на проектот се вишиот кустос Славица Алексоска, вишиот кустос Маја Неделкоска-Брзанова, вишиот кустос Маја Чанкуловска-Михајловска.
Музејска дејност и заштита на културното наследство.
Конзерваторско-реставраторски работи на 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели) од Спомен-куќата на Лазар Личеноски.
Конзерваторско-реставраторскиот проект ќе биде реализиран во неколку фази. Во првата фаза оваа година се планира да бидат конзервирани 20 ликовни дела (слики и цртежи). Процесот на конзервација и реставрација ќе го извршува стручен тим од Националната галерија и надворешни соработници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.