Култура
Дванаесетто издание на фестивалот за документарен филм „Македокс“ од денеска до 26 август
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во своето 12-то издание ќе биде отворен на 19 август во Куршумли-ан со документарниот филм „Луѓето од гаражите“ (Германија, 2020, 93 мин.) на сценаристката и режисерка Наталија Јефимкина. Во истиот блок, којшто почнува во 21 часот, ќе биде прикажан и краткиот документарен филм „Џукели“ (Канада, 2019, 18 мин.) на Халима Уардири.
Основна тема во филмот „Џукели“ е прифатилиште за кучиња-скитници во Мароко, каде времето застанало за 750-те животни кои чекаат посвојување, а нивните животи следат една прецизна, еднолична рутина.
Документарецот „Луѓето од гаражите“ ги следи приказните на луѓе кои живеат во гаражни населби во постсоветска Русија. Иако однадвор личат на негостопримливи лимени шупи, гаражите често им нудат бегство на мнозина Руси, повеќето од нив мажи.
Вечерта на отворањето на фестивалот ќе биде заокружена со концертен настап на Добрила и Дориан Дуо во рамките на музичката програма „Македокс: Ноќни приказни“.
На филмската програма на 12. „Македокс“ планирано е од 19 до 26 август на четири локации да бидат прикажани над 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и категоријата Етички идеи. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус – Украина и Програмата за деца и младинци.
Фестивалот се одржува со мото „Што сега?“, а главниот фокус ќе биде ставен на дистрибуцијата на документарниот филм со посебен акцент на промоцијата на филмовите на фестивалите низ Европа.
Во индустрискиот сегмент на фестивалот, кој ќе се одвива онлајн, на 21 август е предвиден е мастерклас со Хајно Декерт, еден од најуспешните европски дистрибутери на документарни филмови, додека централно место во овој сегмент зазема третото издание на Макекопродокс форумот, што ќе се одржи од 23 до 25 август. Форумот ќе се одржи онлајн, а присутни во Скопје ќе бидат модераторките Хеле Хансен, Бриџит О’Шеа и Зејнеп Ѓузел. Првата активност на Форумот, практично, се одржа на 17 август, со онлајн-работилница за „пичинг“ на 11-те проекти за документарни филмови во фаза на продукција или копродукција.
Програмата Земја во фокус, во чии рамки ќе бидат прикажани 10 нови документарни филмови од Украина, ќе биде отворена на 20 август во Куршумлиан со проекција на филмовите „Територија на празните прозорци“ (2020, 10 мин.) на Зоја Лактионова и „Дождов никогаш нема да запре“ (2020, 104 мин.) на режисерката Алина Горлова. На фестивалот е планирано да гостуваат десетина автори на филмовите од Украина.
Дванаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.
Партнери на 12. МакеДокс се „Петра Пан филм продакшн“, Младински културен центар, Кинотека на РСМ и мрежата на документарни филмски фестивали „Doc Around Europe“.
***
Важна напомена е дека Сите програмски активности на фестивалот ќе се одвиваат според протоколите што важат од 18 август 2021 година.
Согласно протоколите, организаторите нема да може да одобрат влез во фестивалскиот
простор доколку не биде ставен на увид сертификат за вакцинираност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.