Култура
Двајца познати унгарски автори гостуваат во Скопје
Двајца познати унгарски автори денеска гостуваат во Скопје. Промоцијата на романот „Спокој“ од Атила Бартиш во издание на „Икона“ ќе се одржи во 19 часот во Книготека Икона.
Наратор на романот „Спокој“ е писателот Андор Вер. Романот почнува со погребот на мајката на Андор. Петнаесет години живеат заедно во ист стан од кој таа одбива да излезе, петнаесет години мора да одговара на нејзиното прашање „Кадебешесине?“ и нејзината општа мизантропија. Сестрата на Андор, Јудит, била талентирана виолинистка, ѕвезда која пребегнува на Запад – бега од сопствената мајка и комунистичкиот систем. Нејзиното одбивање да се врати го продлабочува јазот меѓу неа и мајка ѝ, а со тоа завршува и актерската кариера на мајката. „Спокој“ е роман на трагични човечки односи, лажни писма, погребани празни ковчези, големи и необични љубови. Роман за станувањето писател.
Атила Бартиш е еден од најинтригантните унгарски писатели, роден во 1968 година во Романија во семејство на унгарско малцинство. Наоѓајќи се во немилост на режимот на Чаушеску, неговото семејство е принудено да се пресели во Будимпешта. Атила Бартиш е и успешен фотограф. За романот „Спокој“ објавен во 2001 година ги добил наградите „Тибор Дери“ и „Шандор Мараи“. Во 2008 година според романот е снимен истоимениот филм во режија на Роберт Алфелди. Авторот живее во Будимпешта и Бали, Индонезија.Ова е второ гостување на Атила Бартиш во Македонија, по гостувањето во 2017 година и промовирањето на неговиот последен роман „Крајот“ во издание на „Или-Или“.
Оваа година на Струшките вечери на поезијата гостува највлијателниот унгарски поет Иштван Кемењ. Во 21 часот ќе може да се проследи дел од неговата поезија на Меѓународното поетско читање во Музејот на современа уметност во Скопје.
Иштван Кемењ е роден во 1961 година во Будимпешта. Зад себе има повеќе книги поеми, романи и есеи. Неговите збирки поезија се издадени на повеќе светски јазици. Добитник е на сите значајни награди во Унгарија.
Кемењ е еден од најзначајните живи унгарски поети на преминот на 21 век. Кариерата му почнува во осумдесеттите години на минатиот век и неговата поетика влијаела на три генерации современи унгарски поети. На почетокот спротивставувајќи му се на „идеалот на поемата“, којшто се очекувал од социјалистичката културна политика, тој гради поинакви митови, легенди, внесува дури и елементи на научна фантастика во својата поезија, постепено создавајќи сопствена митологија. Успева од банални реченици да создаде поезија, па поради тоа е наречен „постмодерниот поет на 90-тите“.
Во унгарската културна средина Атила Бартиш и Иштван Кемењ се познати по нивното пријателство, сличната поетска/писателска идеологија и ставови за литературата и уметноста.
Препевот и преводот на делата од Кемењ и Бартиш ги направија Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов.Гостувањето на авторите е во рамките на Неделите на унгарска култура во Република Северна Македонија во организација на Министерството на надворешни работи и трговија на Унгарија и Амбасадата на Унгарија во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.