Култура
Доделени наградите на Фестивалот за европски анимиран филм – Flipbook Film Festival
Со доделување на наградите заврши првото издание на Фестивалот за европски авторски анимиран филм Flipbook Film Festival, кој се одржа од 11 до 13 август 2020 година во Младинскиот културен центар.
Жирито во состав: Катрин Новаковиќ, Катерина Стојановски и Гоце Господиновски, наградата за најдобар филм во главната конкуренција му ја додели на филмот Sh_t Happens на режисерите Михаела Михали и Давид Штумф.
Во истата категорија жирито додели специјална награда на македонскиот филм „Карантин“ во режија на Иван Андреевски.
Наградата на онлајн-публиката, која гласаше за филмовите на Cinesquare, му припадна на филмот „Ќерка“ во режија на Дарија Кашчеева.
Во студентската селекција наградата за најдобар филм му припадна на Cockpera на хрватската авторка Ката Гугиќ, а специјалната награда од жирито на филмот The Kite. За најдобар анимиран документарен филм беше прогласен Carlotta’s face, а специјалната награда од жирито му беше доделена на Macka je uvek zenska на режисерките Мартина Мештровиќ и Тања Вујашиновиќ од Хрватска.
Ова се образложенијата од жирито за наградите:
SH_T HAPPENS
Овој мал голем филм, со навидум толку лесен стил, ќе ве замисли дали случајно не гледате некоја комерцијална анимација од високобуџетско студио. Преку совршениот спој на носталгична анимација и трагикомичен наратив дава една интимна перспектива на секогаш актуелните дуалитети на човековото постоење: љубов – страст, живот – смрт, смисла и апсурд. Едно потсетување на чешката и словачката анимациска доминација од едно друго време, која полека но сигурно се враќа.
QUARANTINE (специјална награда)
Со интересна техника, која ги меша естетиките на традиционалната стоп и современата 3Д-компјутерска анимација, овој краток филм нè води во еден за секого многу присутен амбиент, но преку комична призма, која барем за миг ни дозволува да се насмееме и малку да издишеме од нашето загушувачко секојдневие. Мајсторски сработена анимација од еден млад автор, која укажувана тоа дека златното време на македонскиот анимиран филм е пред нас.
Студентски: COCKPERA
Храбра цртачка техника со динамична, но елегантна анимација. Хумор и еротизам, кои го трансцендираат цртежот од кој произлегуваат. Скокајќи помеѓу неколку жанрови и медиуми, успева да ја плени целокупната перцепција. Овој студентски филм како да излегува од златните денови на загрепската анимација, но со младешка полетност на денешницата најавувајќи нова доминација на хрватскиот анимиран филм.
THE KITE (специјална награда)
Чешка стоп-анимација во најдобро светло. Одличен карактер и сет-дизајн. Суптилната анимација успева да ја пренесе меѓучовечката блискост и врските што ги надминуваат времепросторот, животот и потоа. Филм кој ги поместува линиите меѓу студентската и професионалната продукција. Традицијата на Јиржи Трнка успешно продолжува.
Анимиран документарен филм: CARLOTTA’S FACE
Филмот е сработен со уметнички израз, кој се надоврзува на нарацијата и создава еден амалгам од дело и документ. Дозволува интимно да го доживееме наративот низ кој нè води и создава сочуство со носителот на дејството.
A CAT IS ALWAYS FEMALE (специјална награда)
Еден успешен анимиран превод на скулпторскиот медиум. Фрла светло на борбата за креативен израз и родова еднаквост во професија и време под машка доминација. Храбро впуштање на анимацијата во водите на документарниот филм, но и скулпторскиот медиум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.