Култура
Доделени наградите на 19. „Синедејс“
Со премиерата на филмот „Хомо“ на Игор Иванов Изи, под отворено небо на кровот на ГТЦ и концертот на Здружението на џез-музичари и гудачкиот оркестар во паркот на МКЦ, беше затворен 19. Меѓународен фестивал за европски филм „Синедејс“.
„Затворивме успешен фестивал, за којшто твитерџиите напишаа ‘Синедејс згази’. И многу ни е мило за таквиот впечаток, бидејќи со многу ентузијазам и силен мотив, навистина се потрудивме. Годинава направивме огромна промена, решивме наместо да се туфкаме и зборуваме колку е тешко да се работи во овие услови, да бидеме проактивни и да реализираме фестивал во физички услови, а не онлајн. Скопје го претворивме во кино под отворено небо, и успеавме да стигнеме во многу маала, да ги ревитализираме за време на фестивалот некогашните кинопростори и да му дадеме друг пулс на градот“ – вели Маргарита Арсова, координаторка на „Синедејс“.
Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири-комисијата во состав Лабина Митевска – актерка и продуцентка, Благој Веселинов – актер и Кнут Елстерман – режисер, која ги додели следниве награди:
Во официјална селекција, награда „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Гагарин“ во режија на Фани Лијатар и Жереми Трули.
„Жирито за многу кусо време се согласи дека ова беше најдобриот филм. Нè восхити неговата визуелна убавина и хуманост. Инспирирани од вистинит настан – рушењето на огромен станбен комплекс, режисерите создале модерна бајка за тоа што значи домот денес, што прави да го чувствуваме како дом – луѓе од најразлични културни потекла се обединуваат како во село, соединети во болката од загубата на овој дом. Со извонредни, автентични млади актери, совршен во третманот со бои и текстури, оригинален и стручен во играта со мотиви, овој филм е како поетска утопија, ремек-дело што ни изнуди насмевки и солзи и нè направи многу среќни“, се вели во образложението на жири-комисијата за филмот.
Во „SEE програмата“ награда „Златно сонце“ за најдобар филм доби филмот „Оаза“ во режија на Иван Икиќ.
„Храбар и ризичен проект: режисерот Иван Икиќ работел со фантастични актери со попреченост и успеал да создаде трогателна љубовна приказна, конфликт на љубовен триаголник во институција за лица со интелектуална попреченост, раскажана во три поглавја. Секое поглавје е посветено на еден од трите главни лика, кои имаат високо достоинство и многу комплексни карактери.
Многу ни се допадна начинот на кој Икиќ работи во нормален ракурс со неговите актери, никогаш не е во ѕиркачка перспектива и оваа трогателна приказна ја раскажува однатре, а не како љубопитен набљудувач. Икиќ е одличен раскажувач, но неговиот филм е многу повеќе од тоа: без никакво претерување или едноставни обвинувања, снимен речиси во документарен стил, овој филм се залага за правото на самоопределување и љубов на лицата со попреченост“, се вели во образложението на жири-комисијата за филмот.
Специјално признание за филмот „Матер“ во режија на Јуре Павловиќ од „SEE програмата“.
„Многу едноставна, архаична приказна, конфронтација на една сурова мајка на посмртна постела со нејзината ќерка Јасна, хрватски иселеник во Германија, извонредно одиграна од фантастичната Дарија Лоренци. Нè воодушеви детално разработениот и природен начин на кој режисерот Јуре Павловиќ го создава напнатиот однос помеѓу двете жени, истражувајќи го секое делче од ранетата душа на Јасна, врвното, длабоко проникнување во влијанијата што го градат нашиот карактер, со многу наративни детали – Јасна е многу послична на мајка си одошто мисли“, се вели во образложението на жири-комисијата за филмот.
Овогодишниот 19-ти Меѓународен фестивал за европски филм „Синедејс“, кој се случуваше во поместен термин, го следеа повеќе од 5000 луѓе, кои уживаа во проекциите под ведрото небо. Под слоганот „Филм на секое платно“ успеа во својата мисија со програмски репертоар од 40 филмски проекции, на девет локации низ Скопје и три концерти со фокус на домашната филмска продукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.