Култура
Доделување на наградата „Златен објектив“ на Кинотеката на Олга Лукова-Дончиќ и Благоја Куновски-Доре
Кинотеката, по повод својот роденден, на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Оваа година – на 20 мај (петок) во 12 часот – на сцената на летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката ќе бидат доделени годишните награди „Златен објектив“ на филмската монтажерка Олга Лукова-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. На лауреатите ќе им бидат доделени традиционалните пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.
Олга Лукова-Дончиќ е родена во Скопје, 1945 година, каде завршува средно музичко училиште во 1964 година. Од 11 ноември 1967 работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ како асистент монтажер на кратки филмови. За кратко време се осамостојува како монтажер на кратки, а подоцна и долгометражни филмови, соработувајќи со водечките македонски филмски автори. Кариерата ја завршува во 1986 година. Благоја Куновски-Доре е роден во Скопје, 1946 година, долгогодишен уредник и филмски критичар во Македонската радио и телевизија.
Куновски е и долгогодишен уметнички директор (2009-2019), селектор на главната натпреварувачка селекција (1995-2019), и директор (2016-2017) на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Тој е основач на уметничкото кино „Фросина“ и на фестивалот на европски филм CINEDAYS при Младинскиот културен центар во Скопје; основач и програмски координатор на Меѓународниот фестивал на анимиран филм АНИМАКС Скопје фест.
Куновски со децении наназад е член на Фипресци (Fédération Internationale de la Presse Cinématographique – FIPRESCI) десетина пати бил член и(ли) претседател на оваа водечка интернационална асоцијација на филмските критичари на филмските фестивали во Кан, Берлин, Венеција (три пати), Лондон, Москва, Карлови Вари…
Член е на Асоцијацијата на европски и медитерански филмски критичари „Федеора“ (FEDEORA- Federation of the European and Mediterranean film critics). Автор е на илјадници прилози, критики, есеи, фестивалски извештаи, портрети и интервјуа во македонските и светските медиуми. Куновски е коавтор на монографијата „Дожд: светот за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски“ (Rain : the world about Milcho Manchevski’s film “Before the Rain”), 2004 година; коавтор и еден од уредниците на монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“; соработник на филмските изданија и списанија на Кинотеката на Македонија: дел од редакцијата на „Кинотечниот месечник“ и долгогодишен автор и соработник на „Кинопис“; соработник и уредник во филмските списанија „Синеаст“ (Сараево), „Филмска култура“ (Загреб), „Филмограф“ (Белград) во ексјугославија, итн…
Досегашни добитници на „Златен објектив“ се режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.