Култура
Друштвото на филмските работници: Институциите да ги испитаат сите наоди за продукцијата „Банана филм“
Достоинството на филмските професионалци и нивната посветена работа не смее да биде заложник на поединци, кои, сакајќи да ги прикријат своите злоупотреби и незаконско работење, се обидуваат да фрлат дамка врз целата фела, велат од Друштвото на филмските работници.
„Друштвото на филмските работници како најстаро и единствено релевантно стручно здружение во РСМ од областа на филмот остро реагира во врска со изнесените инсинуации во јавноста за наводно незаконско работење на Здружението. ДФРМ сака да ја извести јавноста дека ги отфрла сите тенденциозни и некоректни написи изнесени во некои медиуми и на социјалните мрежи, кои имаат цел да го нарушат угледот и реномето на Друштвото“, велат од тука.
Се сомневаат и во селективното постапување на некои од институциите, чија законска и морална обврска е да утврдат незаконитост во работењето, независно од авторитетот што го ужива некоја продукција во јавноста.
„Во изминатиот период севкупната документација на ДФРМ беше дадена на увид на повеќе истражни тела, како секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството за култура, Државната комисија за спречување на корупцијата, Управата за финансиска полиција. Во оваа комплетно транспарентна соработка, во која севкупната документација беше на увид на споменатите институции, во ниту еден извештај не беше констатирано неправилно или незаконско работење“, нагласуваат од Здружението.
ДФРМ не е државна институција, туку независно, самостојно, невладино, непартиско и непрофитно Здружение што се грижи за остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци, како и за обезбедување континуиран развој на филмската дејност. Раководните тела на ДФРМ се избираат на редовно годишно собрание, а актуелното раководство беше реизбрано со апсолутно мнозинство гласови од членовите на минатогодишното изборно собрание.
Апелираат до Управата за финансиската полиција, ДКСК и до другите надлежни институции да постапуваат според принципите на правичност, еднаквост и транспарентност и да ги испитаат сите наоди изнесени во јавноста поврзани со работењето на продуцентската куќа „Банана филм“ и другите за кои постојат какви било индиции за неправилност и незаконитост во работењето.
„Во културната јавност веќе подолго време се објавуваат информации кои се базираат на основани докази за неправилности во процедурите при аплицирање, продуцирање и евалуација, односно отчет на оваа продукција. Се чини дека сите овие индиции за надлежните органи се јавна тајна, па затоа оправдано се сомневаме дека ‘Банана филм’ е ставена во повластена позиција и недопирливост, која оваа продукција ја уживала и во минатото. Нерегуларноста на постапките на оваа продукција неодамна беше констатирана и од службите во Агенцијата за филм на РСМ и инспекцијата при Министерството за култура по што е проследена на натамошно постапување до надлежното обвинителство и до Управата за финансиска полиција“.
Во Друштвото се уверени дека токму овие постапки за конечно расчистување на неправилноста во работењето на „Банана филм“ се провокација за продукцијата да стане извор на низа анонимни претставки и пријави кон ДФРМ.
„Нападите од страна на поединци што користат платен ПР ги отфрламе со индигнација и ја повикуваме јавноста да се информира непосредно и прецизно. Апелираме до институциите и ја охрабруваме јавноста да ги земе предвид сите основани докази до конечно расчистување на случајот со „Банана филм“. Достоинството на филмските професионалци и нивната посветена работа не смее да биде заложник на поединци, кои сакајќи да ги прикријат своите злоупотреби и незаконско работење, се обидуваат да фрлат дамка врз фелата“, стои во реакцијата на ДФРМ.
Друштвото на филмските работници постои 73 години, а неговите основни заложби и цели се подобрување на условите за работа во филмот и аудио-изуелната сфера, подобрување на статусот на филмските работници и хармонизација на нашите закони со европската легислатива. Друштвото е дом на повеќе од 80 проценти од активните филмски работници и заедно со Друштвото на писателите и Друштвото на ликовните уметници е здружение на граѓани од највисоко културно значење.
ДФРМ членува во разни значајни европски здруженија и асоцијации, меѓу кои и ФЕРА (Европска федерација на режисери), ЦЕПИ (Европска асоцијација за аудиовизуелна продукција), ИМАГО (Меѓународна федерација на икнематографери) и ја поседува лиценцата за избор на национален кандидат на наградата „Оскар“. Организатор е на манифестацијата „Златна рамка“, Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола и други манифестации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).