Култура
Едночасовен „Волшебен свет“ пред полната сала во МНТ
Едночасовна уметничка целина од современ танц, музика и визуелни уметности беше прикажана вчера, на големата сцена на Македонскиот народен театар. Во продукција и изведба на млади уметници, мултимедијалниот перформанс „Волшебен свет“ го заокружи вториот циклус од Инкубатор програмата за култура во организација на КЦ Интерарт, поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. „Волшебен свет“ е резултат на тримесечната работа на младите уметници во работилниците на Инкубатор во три категории – танц, музика и вузелни уметности, под менторство на Рисима Рисимкин, Тони Китановски и Лидија Георгиева.
„Премиерата на „Волшебен свет“ во Скопје помина одлично и исклучително сум задоволна од сѐ она што ни го донесе Инкубатор програмата за култура. Создавањето на оригинални дела од еден нов бран на млади ентузијасти и уметници, со погледи на светот кои се вистинско богатство, ни покажа дека како општество имаме иднина со голем културен потенцијал. Со овие два циклуси на Инкубатор добиваме сериозен број на нови уметници кои со сработеното докажуваат дека се подготвени да носат и создаваат големи проекти. Среќни сме што со поддршка од Амбасадата на Швајцарија, успеавме да обезбедиме комплетен циклус на обука, целосна едукација, продукција и искуство на настапи и патувања за младите креативци. Јас, а се надевам и пошироката јавност, со нетрпение ги очекуваме идните дела на овој нов бран на младинската уметничка сцена”, вели Рисима Рисимкин, ментор и уметнички директор на проектот.
Деновиве, Инкубатор продукцијата е на караван во повеќе градови ширум земјата.
„Среќна сум што вечерва заеднички и во толку голем број ја проследивме презентацијата на делата од втората фаза на Културната програма Инкубатор. Интересот кој е уште поголем од првиот циклус, за Амбасадата на Швајцарија како донатор е јасен знак дека сме донеле добра одлука да промовираме алатка за поддршка на локалната уметност и култура. Искрено се надеваме дека преку нашата културна програма ќе придонесеме кон создавање една самокритична, општествено одговорна и инклузивна културна и општествена клима. Нашата цел и понатаму е независен, силен и разновиден културен сектор, фокусиран на промоција на професионализам, креативност и слободен уметнички израз. Се надеваме дека ова е еден убав почеток на што повеќе вакви активности, за Интерарт културниот центар, но и за други ентитети кои делуваат во овој домен“, истакна амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Сибил Сутер Техада.
Финалната продукција на Инкубатор програмата за култура поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија е дел од Инкубатор деновите на младинска уметничка сцена, кои се реализираат со поддршка од Министерството за култура, во рамки на проектот Млади Европејци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.