Култура
Есеистиката на Горан Стефановски ги обедини македонистите и јужнославистите од Љубљана, Загреб и Скопје
Есеистиката на Горан Стефановски ги обедини македонистите и јужнославистите од Љубљана, Загреб и Скопје. На настанот којшто денес, по повод 70 години од раѓањето на Стефановски, хибридно – со физичко и виртуелно присуство се одржа на Одделот за славистика при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, покрај словенечките студенти се приклучија и студенти од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Покрај нив, на настанот учествуваа и етаблирани македонисти и јужнослависти – истражувачи, книжевни преведувачи и писатели, меѓу кои и писателката Лидија Димковска. Но, виртуелно се вклучија и предавачи и книжевни преведувачи и од Англија и Грција. Сите со интерес и решеност да се случат и нови исчитувања на опусот на големиот македонски драмски писател и есеист. Во централниот дел на настанот беше одржано предавање на тема: „Пораки за Дивиот Исток: Идентитетските прашања и дилеми во есеите на Горан Стефановски“, од асс. м-р Иван Антоновски.
– Горан Стефановски е првиот драмски автор кој надминувајќи ги македонските културни граници, со вредностите на своето дело го поврза некогашниот југословенски и воопшто јужнословенскиот културен простор. И тоа уште со неговата драма „Јане Задрогаз“ во 1974 година, а клучно, пет години потоа, со тогаш најдобрата југословенска драма „Диво месо“ – признание кое го доби и за „Црна дупка“. Со децении неговите драми се на сцените на театрите ширум јужноловенскиот ареал, но веќе и дел од она што редовно го читаат студентите по македонистика на странските универзитети – само во Словенија и Хрватска, дванаесетпати премиерно е поставен на сцена негов драмски текст. И да не заборавиме дека меѓу многуте признанија, во 2007 година ја доби и големата награда на фестивалот „Виленица“ во Словенија, и дека само еден месец пред неговото физичко заминување беше прогласен за почесен доктор на науки на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Бугарија. Горан покажа дека со книжевноста може да се поврзат културите и да се создаде приказна во која во име на книжевните вредности нема Ние и Тие, туку само Ние. И не запре тука – туку со своето дело нè претстави сите нас од јужнословенскиот ареал на сцената на Европа и светот, покажувајќи ги нашите достоинства. Затоа, ние сме и обврзани да ги одржуваме синтезите коишто тој ги воспостави и драго ми е што со нашите школи, оваа година, придонесовме и за нивно зајакнување, поттикнувајќи ново исчитување и на драмското и на есетичкото творештво на Стефановски, и што еве, ни се случува и овој настан, истакна директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во своето уводно обраќање на настанот.
На настанот се обрати и проф. д-р Намита Субиото, која изминативе дваесет години ја води љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност, а сега е и раководителка на Одделот за славистика.
– Драмите на Горан Стефановски се постојано дел од лектирата на студиската програма Јужнословенски студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, а седумдесетгодишнината од раѓањето на големиот драмски автор ја одбележуваме на посебен начин: со циклус предавања за неговото драмско творештво што ги одржува доц. д-р Ивица Баковиќ, експерт за македонската и воопшто јужнословенската драма. Баковиќ ни доаѓа од Филозофскиот факултет во Загреб во рамките на договорот за размена на професори, склучен помеѓу љубљанскиот и загрепскиот Филозофски факултет. Многу се радувам што во оваа инспиративна динамика се вклучува и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со посебно предавање на асс. м-р Иван Антоновски за есеистиката на Стефановски, а со тоа се вклучува и МСМЈЛК при УКИМ, бидејќи Антоновски годинава на оваа тема го одржа и курсот на Втората зимска школа за македонски јазик, литература и култура, на којшто имав чест и задоволство да учествувам и да се уверам во неговото исклучително продлабочено познавање на овој до сега поскромно истражен сегмент на богатиот креативен опус на Стефановски, посочи Субиото.
Доц. д-р Баковиќ кој го одржува циклусот предавања во Љубљана, посветени на драмите на Стефановски, нагласи дека драмскиот опус на Горан Стефановски редовно се чита и се толкува во рамките на наставата по неколку македонистички предмети на додипломските и магистерските студии по јужнославистика на Филозофскиот факултет во Загреб.
– Годинава, по повод годишнината, дополнително, во рамките на наставата по неколку предмети творештвото на Стефановски беше во преден план, зашто преку неговиот опус, студентите лесно се запознаваат со најважните поглавја од историјата на македонската драма и театар, па дури и со клучните струења во современите јужнословенски драмски литератури. На мое големо задоволство, во овој семестар, драмскиот опус на Стефановски го толкувам и исчитувам и со љубљанските македонисти. Но, особена чест ми беше што како преведувач и соработував со овој голем драмски автор, кога заедно со проф. Борислав Павловски работевме на првото хрватско издание на одбраните драми на Стефановски. Книгата „Одисеј и други драми“ е излезена од печат токму во ноември 2018. Сега, благодарение на колегата Иван Антоновски, експертот за есеистиката на Стефановски, имаме можност подобро да се запознаеме и со овој важен дел од опусот на Стефановски. Во јужнословенскиот контекст, на Стефановски му припаѓа важно место, и затоа ваквата соработка е од исклучителна важност, напомена Бановиќ.
Во централниот дел на настанот, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во своето предавање, најпрво се осврна на поетичките особености на есеистиката на Стефановски и изнесе дел од своите согледувања и тези во врска со она по што таа се издвојува не само во рамките на македонското есеистичко искуство, туку и воопшто во поимањето на есејот како жанр. Потоа, во целост, акцентот на предавањето беше ставен на односот на Стефановски кон идентитетот, во неговите есеистички текстови кои според Антоновски се метажанр во опусот на овој голем македонски автор. Антоновски пред присутните претстави и мини каталог на идентитетски прашања и дилеми во есеите на Стефановски, поттикнувајќи синтези со неговото драмско творештво и едновремено отворајќи нови перспективи за анализирање на опусот на Стефановски во целина, споделувајќи и дел од своите заклучоци претставени во книгата „Идентитетот е приказна“.
По предавањето, присутните поведоа и дискусија во која се отворија и нови прашања, со кои исчитувањето на есеистичкиот и севкупниот опус на Горан Стефановски продолжува, не само во нашата културна средина туку и на странските универзитетски центри. Во дискусијата се вклучи и писателката Лидија Димковска, напоменувајќи дека цитатите од творештвото на Горан Стефановски изминатиов период се многу присутни во нашиот културен и општествен простор и дека може да се очекува во следниот период да бидат присутни уште повеќе, дотолку што ќе постанат своевидна „народна книжевност“.
Со ова, активностите на МСМЈЛК при УКИМ посветени на делото на Стефановски не запираат. Меѓу другото, веќе се подготвува издание во кое ќе бидат поместени и избори од неговото дело „Конзервирани импресии“ преведени на неколку странски јазици, во рамките на школите на МСМЈЛК при УКИМ кои се одржаа оваа година, како и зборник со научни трудови од 49. Меѓународната научна конференција на која една од централните теми беше творештвото на Горан Стефановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).