Култура
Жалбите малку ја омекнаа, ама не ја сменија Програмата за култура
Иако членовите на комисиите ги разгледале жалбите на апликантите на проектите поддржани од Министерството за култура, табелите што денеска беа објавени не ја менуваат значајно сликата на Програмата за култура.
Корекции се направени таму каде што имало формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите, а повторното бодирање изгледа е соодветно само на логиката на членовите на комисиите. Според нивното бодирање, високо на листата на поддршка на проекти од драмската дејност програмата на Македонскиот народен театар се вреднува речиси исто како програмта на Албанскиот театар, во музичко-сценската дејност доминираат речиси анонимни имиња на поединци или, пак, творци на забавна или народна музика, потоа во издаваштвото се бодираат новоформирани издавачки куќи, а состојбата не е многу поинаква ниту во другите програмски дејности.
Најгласните критикувачи, кои првично беа одбиени за буџетска поддршка, како Скопскиот џез-фестивал, за повеќедеценските фестивали добија поддршка од 4 милиони денари за двата фестивала и се порамни во листата на поддржани со некои релативно нови манифестации.
Овие постојани забелешки на резулатите на конкурсот на ресорното Министерство беа тема на расправа и на повеќе граѓански здруженија, докажани поединци во културната дејност програмата ја нарекуваа и срамна, а одлучувачите неупатени и некомпетентни за работата. Овие насобрани проблеми утре ќе бидат дел од расправата во законодавниот дом, односно Комисијата за култура ќе одржи и надзорна расправа на тема „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година“.
„По првично објавените резултати, кога беа увидени формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите и во согласност со Законот за општата управна постапка (член 39, став 3), на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив. Исто така, беше извршен и детален преглед на бодовите за секоја ставка од конкурсите, а беа одржани и средби со некои од културните оператори. Со цел во иднина да се избегнат недоразбирањата или недостатоците при јавните конкурси, како и начинот на бодирањето и моделите на финансирање на проектите во културата, културните оператори може да дадат свој придонес во изготвувањето нов современ закон за култура, со кој овој ресор ќе ги добие сите потребни системски решенија за кои се залага и се во интерес на културната јавност во државата“, појаснуваат од Министерството.
Со 75 проценти од вкупната сума на проектот државата ќе го помогне објавувањето на цедето на Адис Исмаили, со 19 отсто на Горан Тодоровски, со 43 отсто на Филип Исмаили. Неформалната група „Одисе“ (носител на проектот е Зекирја Исмаили) за музички опус на Јусуф Гервала е поддржана со 16 отсто, односно со 80 илјади денари, а со исто толку во сто проценти од побараната сума цедето на Агус Шабани.
Со исто толку средства, по 80.000 денари, се поддржани и музичките објави на Марија Георгиева-Димитриевиќ, џез-албумот Jazz SYPPHONY, на Горазд Чаповски – „Издавање“, Леана Таќи – „Антиарт“.
Скопскиот џез-фестивал за организација на 38. издание, по жалбата дека е одбиен за буџетска поддршка, сега доби 3 милиони денари и се изедначи со поддршката за здружение „Алегрето“ од Тетово – Сцена на албанската сериозна музика. „Интерарт културен центар Танц фест 2019“ за јубилејното 15. издание, од побараните 6 милиони денари, доби еден милион денари, исто колку и Скопскиот џез-фестивал за 18. издание на фестивалот „Офф фест“.
Во очекување на новиот закон за култура и креирање некоја нова методолгоја за критериумите на Министерството за култура, програмата и натаму изгледа на турли-тава од нејасни културни политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.