Култура
Заврши Скопскиот поетски фестивал
Со проекција на 12 поетски филма во кафе-книжарницата „Буква“, синоќа заврши второто издание на Скопскиот поетски фестивал.
На настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ се прикажаа филмови изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка-Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј ал-Асади.
Претходно, пак, на темата „Урбана поезија“ се одржа работилница за креативно пишување поезија за млади, на која говореа Сергеј Тимофеев од Латвија, Радмила Петровиќ од Србија, Владимир Мартиновски и Диме Данов.
„Организацијата на второто издание на Скопскиот поетски фестивал беше предизвик, прво затоа што секогаш плановите ни се за една поголема и посериозна програма, со повеќе учесници од странство, што поради недостигот на средства претрпува сериозни компромиси, па си ги спуштаме очекувањата и се надеваме дека тоа што, сепак, ќе успееме да го донесеме за скопската публика, ќе биде на достојно ниво и, второ, што навистина временските услови деновиве беа непогодни, па моравме настаните да ги организираме во затворен простор“, вели директорката на фестивалот, Јулијана Величковска.
Величковска вели дека фестивалот минал одлично и во однос на квалитет и во однос на посетеност.
„Сепак, и покрај сето тоа, настаните беа многу посетени, со внимателна и вклучена публика, публика што долго по читањата остануваше на дружба со нас од организацијата и со учесниците. Чувствувам дека фестивалот беше навистина успешен, понудивме квалитетна поезија и од домашни и од странски поети, поинаков начин на изведба во придружба на наши познати музичари, имавме и една извонредна изложба на колажи со поезија, но сметам дека почетокот на фестивалот, настанот за млади – ‘Отскочна даска’, како и вчерашната работилница за креативно пишување и филмските проекции на 12 поетски филма изработени од четворица млади режисери, беа највпечатливото што можевме програмски да го понудиме.
Имаме среќа што многу драги луѓе ја препознаваат нашата заложба, нашата налудничава страст да го подигнеме нивото на книжевните настани во земјата и токму на тие прекрасни луѓе и на нивната помош и поддршка и креативност се должи ова убаво чувство на исполнетост и радост по завршувањето на фестивалот и будењето со мислата, а сега време е да се подготвува следниот! За крај, би сакала да упатам голема благодарност до тимот и до сите пријатели и поддржувачи на фестивалот“, додава Величковска.
Фестивалот, неофицијално, се отвори на 29 август со настанот „Отскочна даска“, на кој учество зедоа 13 поети на возраст од 16 до 25 години и на кој Марија Велинова беше избрана да настапи и на официјалното отворање на фестивалот следниот ден.
На отворањето во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар поетското читање беше тематско и посветено на битничката генерација, со наслов: „Во друштво на мртвите поети: како битник – џез и поезија“, при што во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол од „Летечки пекинезери“ настапија Андреј ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија.
Следната вечер на интернационалното поетско читање настапија Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.
За времетраењето на фестивалот во кафе-книжарницата „Буква“ посетителите можеа да ја разгледаат и изложбата колажи на Валентина Бакти посветени на Скопје: „Сум страдал, ама убаво ми било“.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар – Скопје, од кафе-книжарница „Буква“, клуб-ресторанот МКЦ и винарницата „Стоби“. Медиумски покровител беше „Нова Македонија“, а „Култура бета“ медиумски партнер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.
Фестивалот којшто се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.
Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.
„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.