Култура
Затворање на Вевчанско лето
Синоќа со хорот од базелската катедрала се затвори Вевчанско лето 2022 во организација на Здружението за афирмација на туризмот, културата и културното наследство – Вевчани Турист Инфо, а под покровителство на Општина Вевчани.
Од 15 јули до вчера Вевчани дишеше во ритамот на културата, спортот, уметноста. Вевчани беше мегдан на богати музички, културни и спортски збиднувања на кои можат да позавидат големите градови.
Вевчанското лето се отвори со прекрасната монодрама „ Кармен “ на Билјана Драгичевиќ Пројковска, а во режија на ценетиот и светскипризнатиот режисер Дејан Пројковски.
Од 20 јули во галериите на Мултикултурниот центар беше отворена детската ликовна изложба во рамки на првата детска ликовна школа во организација на колонијата Вевчански Видувања. За најмладите, во Домот на Култура во Вевчани гостуваше Интимен Театар од Битола, со театарската претстава „ Шушавко, Мајмунот и Снежната Кралица во режија на Софија Ристевска.
Младата пијанистка Аница Нелоска, заедно со нејзината соученичка Јана Блажевска и нашиот млад музичар, вевчанецот Марко Китаноски, одржаа целовечерен концерт за паметење.
Вевчанско лето го прослави и Илинден. Со свој настан насловен Ноќ спроти Илинден – вечер на етно музика и поезија, во чест на големиот македонски празник Илинден, се одржа концерт на флејтистката Невена Танеска и музичарот Теодор Бошков, придружени со стиховите на младата писателка Верица Мукоска во прекрасната природа на Вевчанските извори.
Вевчанското лето беше збогатено и со спортски настани. Трчаме непокорни и горди – Крос на поранешни и сегашни ученици на ООУ „ Страшо Пинџур “ беше содржината која му даде спортски дух на Вевчани во чест на непокорот вевчански.
7. Август беше инспирација за ликовните уметници од Вевчани за Вевчани. Во чест на вевчанскиот непокор, во Мултикултурниот центар, отворена беше изложбата на вевчанските ликовни уметници: Никола Угриновски, Аница Китаноска, Марјана Костојчиноска Узунчева, Симун Лешоски, Симун Коруноски, Перо Шутиноски и Коста Костоски.
Со програмската содржина „Вечер на непокорот“ одбележавме 35 години од Вевчанскиот случај, датум кој ќе биде засекогаш запамтен во Вевчанската историја. Прикажани беа сведоштва на Драгослав Симиќ, новинар во пензија од радио Београд, за Вевчанскиот случај во 1987 година, а модератор на вечерта беше нашиот вевчанец Проф.др. Пера Кочовиќ.
Од 15 до 19 август , традиционално, по 12 пат во организација на КУД Дримкол од Вевчаниво очи вевчанската слава Преображение Христово, се одржа големиот фесивал на народна култура „ Пображење “ – Вевчани, денови на традиција, песна, орото каде учество зедоа Културно Уметнички Друштва и Фолклорни Ансамбли од Македонија и Балканот.
За најмладите вевчанчиња во Вевчани пред неколку дена гостуваа и пееја Златните славејчиња од Скопје.
Вевчанското лето заврши синоќа со Хорот на Базелската Катедрала кои пристигнаа од Базел, Швајцарија.
Хорот на базелската катедрала е еден од најуспешните во Швајцарија. Одржуваат многубројни концерти во државата но и надвор од земјата. За нивната успешност говорат и бројните проекти и соработки со светстки познати музичари и музички групи. Меѓу нивните најзначајни турнеи е турнеата во Јужна Африка каде што во текот на две недели одржале многу концерти во градови од Јоханезбург до Кејп Таун. Диригент на хорот е Оливер Рудин а за сценската изведба е задолжен Даниел Рафлауб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).
Култура
Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.
Фестивалот којшто се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.
Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.
„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.