Изложби
Изложбата на Беди Ибрахим, Мојот дневник“, во Истанбул, Турција
Денес, во Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул, Турција, во 19 часот ќе биде отворена изложбата на Беди Ибрахим со наслов „Мојот дневник“.
Творештвото на Беди Ибрахим изминативе децении сведочи за импресивно мултимедијално творештво, каде што се присутни основната идеја и мотив за концептот на неговите преокупации и личниот уметнички ракопис. Тој твори во разни медиуми и изразни ликовни дисциплини (цртеж, колаж, скулптура, слики-објекти, видео, инсталација…) кои се само алатка на визуализација на концептуалните идеи за себерефлектирањето, каде што визуелниот мотив во концептуалниот уметнички дискурс станува метајазик или визуелен текст преку кој ги разјаснува своите мисли за уметноста како неограничен и бескраен простор на изразување, носи со себе автентичност, која е сублимат на автохтон творечки транскрипт. Тој уметнички концепт, всушност, е емпириски багаж, кој како непрекината нула и круг го изодуваме по беспаќата на еден веќе во голема мера артифициелен свет.
Беди Ибрахим, процесирајќи и трансформирајќи ги видливите артефакти во нивната визуелна опсервација, воспоставува современ дијалог со минатото создавајќи надреалистички асоцијативни форми. Визуелната претстава (со асоцијативни белези) e своевиден симулакрум на мисловниот контекст и концепт произлезен од лабораторијата на Беди. Тој процес на редефинирање на видливата содржина во надреална е акцентиран со збиен психолошки набој и еклектицизам во неговата материјализација. Во имагинативниот вознес и надреалната перцепција секогаш е содржана реалноста.
Токму од тука, ми се чини, почнува идејната нишка на Беди Ибрахим за оваа изложба со наслов „Мојот дневник“. Тој одредува сопствена игра на чепкање по личните доживувања, настани и сеќавања и извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото создава визуелна фрагментирана археологија на меморијата. Во таа игра на визуелна нарација и интерпретација на меморијата се обединуваат приказната со ликовноста, фантазијата со реалноста, стварното со нестварното, измислицата со вистината… градејќи нови сликовни и наративни претстави. Оваа изложба, всушност, претставува ослободување на котвата што ги држи минатото и пловењето кон иднината. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија.
Оваа изложба е составена од повеќе тематски целини (Птици, Гнездо, Порти…) присутни во творештвото на Беди Ибрахим, чиј меѓусебен однос сочинува присоединување на микронаративите, кои создаваат нова естетско концептуална целина – макронаратив со заеднички именител означен од авторот – „Мојот дневник“. Така се создава нова уметничка ситуација, во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните и интимните приказни, кои се колку лични толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот. Изразот и аргументите од реалноста ја отсликуваат чистотата на сеќавањето, еден вид симболично резиме на сопствениот живот, т.е. соочување со себеси.
Беди со необична смелост им пристапува на вечните дилеми што ги прогонуваат уметниците, едната од нив е онаа: како е возможно да се репродуцира, на една површина, со молив или четкичка, глетка што стои пред нас? Тие лирични замрзнати глетки, кои зрачат со топлина и хармонија, приказни затворени во две димензии, како некој шепот да излегува од нив, ни раскажуваат овие слики некакви приказни, кои ни се од некаде познати, ни зборуваат за нешто што сме виделе или само насетуваме. Иако можеме да ги прифатиме и како наши, тоа се сепак премногу лични приказни раскажани од Беди, автентични и препознатливи, само негови…
И на крајот, базична цел во „Мојот дневник“ на Беди Ибрахим е да се изрази слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување на сопствената историја и нејзино естетско визуелно вообличување како чин на себеспознанието…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
Мице Јанкуловски ја отвори изложбата во Букурешт
Синоќа, во 19 часот, беше отворена самостојната изложба на слики од Мице Јанкуловски, „Надвор од црното“, во галеријата „Галатека“ во Букурешт.
Автор на концептот е Корнелија Конеска, а куратор – Анка Боериу, универзитетски професор на Националниот универзитет за уметност на Романија.
За уметничкото творештво на Јанкуловски
Како уметник повеќе од пет децении Јанкуловски континуирано е посветен на истражувањето во областа на сликарството и цртежот, но експериментирал и се претставувал преку повеќе уметнички дисциплини (сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми…) заради што меѓународната професионална јавност го препознава како мултимедијален уметник. Во своето уметничко дело тој постојано ги истражува формата, просторот, бојата, небојата и движењето како елементи што се повторуваат.
Јанкуловски првенствено се занимава со истражување или поточно барање на разните форми, кои ги поставуваат темелите за создавање уметност. Неговите интереси вклучуваат испитување на врските меѓу формите и просторот, нивното заемно влијание и како формите се движат во даден простор. Кога се набљудуваат неговите слики и цртежи, може да се забележи дека доминантни се геометриските форми, но на крајот тие еволуираат во поорганска и невоздржана форма. Рабовите на овие форми играат клучна улога во дефинирањето на просторот и овозможуваат тој да функционираат како кохезивна целина.
Последната фаза на концептуални слики на Јанкуловски се одликува со монохроматичност, модуларност, мултипликација и минимализам. Уметникот користи систематски пристап за примена на основни форми, како што се кругови, квадрати и триаголници на големи квадратни платна, користејќи само црна боја. Формите се создаваат со правење шари на намази од дебел слој црна боја. Во зависност од тоа дали намазите се нанесуваат на заднината или на самите форми, се постигнува дополнителен впечаток на позитивно/негативно. Серија од дела се создава со мултипликација на формите во платната, како и со мултиплукација на самите платна, што резултира со големи концептуални дела, како полиптиси.
Веднаш треба да се забележи дека црното, т.е. небојата, како што понекогаш се дефинира, е единствениот протагонист на делото… покрај светлината како составен дел на конечниот резултат.
Во однос на просторната организација на концептуалните дела од повеќе делови, Јанкуловски секогаш се труди да обезбеди можност за нивно читање, без разлика на позицијата на деловите, за да може да се набљудуваат поставени на разни начини – резултат на неговиот првичен интерес за палиндромите (зборови што се читаат исто и напред како назад).
Индивидуалниот творечки потпис во делата на Јанкуловски се стреми кон контемплативност и медитативност со претставување на постојаната различност на универзалниот поредок. Неговата потреба да ги пренесе горенаведените односи во (речиси) дводимензионални дела е на ниво на филозофска интерпретација, при што секое дело има своја приказна и отвора мноштво нови димензии.
Неговото најново уметничко творештво е истражување со карбон (познатата најцрна боја) – боја откриена со најновите нанотехнологии, која обезбедува поглед во непознатото надвор од сè што досега е познато за црното.
За изложбата „Надвор од црното“
Основниот мотив на изложбата е визуелен одговор на прашањето: „Што има надвор од границите?“
Наспроти белата боја (која ги рефлектира сите бои), црната ги апсорбира сите бои и се доживува како граница каде што сите бои завршуваат. Дали е така? Што е зад или подобро надвор од црното? Според перцепцијата на Јанкуловски – повеќекратна реалност!
Концептот на изложбата е една од тие реалности. Главните атрибути на неговото уметничко дело му дозволуваат да прави бескрајни варијации и разни реалности, но како докажан минималист ги постигнува со минимални елементи. Како и секогаш, тој користи само црни квадратни платна со разни растери со црн акрилик. Конечниот резултат се постигнува со мултипликација на формите и со комбинација на модуларните (претходно обмислени) формати на платната распоредени во полиптиси.
Изложени дела:
„Ноќите на Тоскана“, 2019 (сегмент)
Полиптих од 10 слики, акрилик на платно, 195 x 1.950 cm (195 x 195 cm/секоја)
„Круговите на Леонардо“, 2020 (сегмент)
Полиптих од 4 слики, акрилик на платно, 195 x 780 cm (195 x 195 cm/секоја)
„Хоризонтален свет“, 2021 година
Полиптих од 4 слики, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm/секоја)
„Дијагонален свет“, 2021 година
Полиптих од 4 слики, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm/секоја)
Изложби
Самостојна изложба на Глигор Кондовски во „Центар Јадро“
На 2 ноември, во 20 часот, во КСП „Центар Јадро“, ќе се одржи самостојна изложба на фотографии на Глигор Кондовски со наслов „Импровизации“.
На отворањето на изложбата настапува џез-триото: Глигор Кондовски – виолина, Владан Дробицки – тромбон, Дени Омерагиќ – контрабас. Изложбата ќе ја отвори Мирко Попов.
„Во овој фотографски момент Глигор ја поставува фотографијата на ниво на класичната визуелна техника. Медиумот е граница, но ликовниот израз е високата визуелна точка на вкрстување на сите технички патувања. Слободниот дух и слободната рака во овој случај го одвеле уметникот на најнеочекуваните фотографски надминувања, а слободата како апсолут во сите сфери од животот ја носи и како ангажирана идеја овој современ уметник. Овие фотографии поставуваат прашања: што е слобода, ги преиспитува границите на слободата, односот на современиот човек кон слободата, како и тоа што е внатрешна, а што надворешна слобода?“, рече м-р Билјана Билбилоска, ликовен уметник.
М-р Глигор Кондовски (1980) дипломира на Факултетот за музичка уметност, вокално-инструментален оддел, отсек виолина. Дипломира на вториот Факултет за драмски уметности при Тетовскиот универзитет, филмска и ТВ-режија. Магистрира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, филмско и ТВ-сценарио. Моментно е вработен како наставник по виолина во ДМУ „Тодор Скаловски Тетоец“ во Тетово. Во 2008 година негова композиција Green dance е во компилациско ЦД со наслов Imamo dobro glasbo, издадено преку Радио Вал 202 при РТВ Словенија. Во 2014 година учествува со експериментален филм „Рестарт“ на Микорарт фестивал во Белград, Србија. Во 2016 на Festival u Slavonski brod, Croatia. Во 2016 на Indipendent European Cinema, во Нови Сад, Р. Србија. Во 2017 на студентскиот филмски фестивал New wave Софија, Р. Бугарија. Во 2019 со филмот „Попладневни малини“ учествува на државен филмски фестивал во Крушево, на Вива фестивалот во Сараево, Босна и Херцеговина и на Inshort fest во Нигерија. Прва самостојна изложба на фотографии со наслов „Обични профили“ ја прави во Смедеревска Паланка, Р. Србија, во 2018 година, како и со дел фотографии учествува на: изложба на фотографии во Музејот на современата уметност и „ЕУ инф-центарор“ во склоп на проектот Денови на разноликоста, 2017. Самостојна изложба со наслов на фотографиите: „Тетовски џез-моменти“, 2019, со поддршка на Министерството за култура. Самостојна изложба на фотографии со наслов: „На сцена“, 2020, со поддршка на Министерството за култура. Самостојна изложба на фотографии со наслов: „Сфера“, со поддршка на Министерството за култура, 2021 година. Во 2020 го издава музичкиот албум: Here, под македонската етикета „Шарла“, после тоа за истата етикета ги издава албумите: „Беседа“ за соло виолина импровизација и Hover, 2021 година. По тоа, за ПМГ ЏЕЗ го издава албумот: Nightscape, во 2021 заедно со џез-тромбонистот Владан Дробицки и во 2022 година за истата дискографска куќа го издава албумот: „Разгледи“ заедно со Марија Каева – вокал, Владан Дробицки – тромбон. Со композицијата Once upon a train учествува на една компилација наречена „Клавирско небо“ во Р. Србија, 2021 година. Во 2022 го издава соло албумот: Encounter за издавачката куќа ПМГ ЏЕЗ. Неколку промотивни настапи на албумот: „Крај Вардарот сесии“ во „Аудиокултура“. Настап на Џез-фестивалот: „Крај Вардарот џез“, 2023, и настап на Скопско лето, 2023 година.
Изложби
Отворање изложба на фотографии на Ерина Богоева во МКЦ
Вечерва, во 20 часот, во Галеријата 2 на Младинскиот културен центар, ќе биде отворена изложба на фотографии со наслов „Македонските архитектурални скулптури“ од Ерина Богоева.
По многу години истражување и фотографирање на архитектурата од втората половина на ХХ век во Скопје, во 2017 година Ерина ја посветува својата последна изложба „Затемнетиот град“ токму на таа тема, а во 2018 година со иста инспирација ја издава и монографијата „Скопје – архитектурата како фотографска скулптура“.
Непобитен факт е дека монументалистичката архитектура е присутна не само во главниот град туку и во целата држава и таа досега ретко била предмет на истражување, фотографирање и презентирање. Во Скопје и во другите градови таа е често занемарена, оставена на маргините и пропаста. Амбивалетниот однос кон тие (веќе историски) времиња влијае врз фактот на неможноста да се постигне одвојување на убавината на градбите од политичкиот и историскиот контекст на времето во кое се создавани. Преку фотографијата Ерина ја прикажува оваа архитектура во целосната нејзина скулптуралност, комплетно извадена од временскиот и просторниот контекст.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и од Младинскиот културен центар и е од продажен карактер.
Ерина Богоева е родена на 2.7.1988 во Скопје. Нејзините почетоци во уметноста и поконкретно во фотографијата се поврзани со програмата на меѓународната матура, во склоп на средното образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007. Во октомври 2021 година Ерина ја има својата петта самостојна изложба „Мистеријата зад женскиод поглед“, поддржана од Europe House Skopje по што се одржува и дискусија инспирирана од изложбата, а посветена на жените во креативните индустрии во нашата земја. Истата година, во ноември, Ерина е дел од фотографската изложба на модното списание „Вог“ во Милано преку фондацијта ВИД.
Изложба ќе биде отворена за посетителите до 15 октомври 2023.