Култура
Каспер Туксен, дански кинематографер: Светлината е клучен елемент во филмот
Реномираниот дански кинематографер Каспер Туксен има солидна филмографија од над 50 филмски наслови, меѓу кои и неколку комерцијално успешни филмови од кинорепертоарите (последниот од нив е „Јавачи на правдата“, со Мадс Микелсен во главната улога). Филмот со кој Каспер Туксен се претстави на фестивалот „Браќа Манаки“ е „Најлошата личност на светот“/ THE WORST PERSON IN THE WORLD, кој е всушност последен од „Трилогијата од Осло“ на норвешкиот режисер Јоаким Триер, по филмовите „Реприза“ од 2006 година и „Осло, 31 август“ од 2011 година.
-Жал ми е што не можев физички да присуствувам на Фестивалот, поради пандемијата и се надевам дека од следната година веќе ќе може да патуваме и би сакал да присуствувам на „Браќа Манаки“. Светлото е клучно во овој филм бидејќи се претставуваат многу сезони од годината. Иако сум од Данска, не е многу различна од Осло. Таму поминав 4 месеци само во проучување на светлината и всушност имав можност да го видам светлата на Осло во една година и беше добра тактика цел ден да се помине на местото каде што ќе се снима и да го гледам светлото, да го проучувам и да испланирам како ќе се снима секоја сцена во кој било дел од денот. Сценариото зависи од светлото од самиот почеток бидејќи филмот почнува со сцена од зајдисонце, има многу периоди каде се менуваат делови од денот и сето ова се реализираше на овој начин бидејќи и режисерот сметаше дека светлото е клучно за визуелизацијата на неговата приказна, рече Туксен на денешната прес-конференција.
Во филмот „Најлошата личност на светот“ следиме неколку епизоди од животот на една шармантна и интелигентна млада жена. Пред неа се можностите за речиси сè што може да посака, живее во едно од најнапредните општества, но сепак изгледа дека почнува да ги испушта шансите кои ѝ ги дава животот и времето почнува да ја притиска. Особено е впечатлива смрзнатата сцена која претставува вистинска магија.
-За таа сцена вештачко светло се употребуваше само кога девојката си оди во станот и се враќа и светлото во станот. Сè останато е изведено со снимање во право време и на право место. Ова е многу интересен пристап, луѓето требаше само да седат мирни, тоа во последно време е често употребувана метода, но нагласувам дека најголемиот дел од таа сцена е изведен под природно светло, објасни Туксен.
Селекторот Слаѓан Пенев го замоли Туксен да каже што мисли за системот за осветлување на Кристијан Бергер, кој е годинашен лауреат на „Златна камера 300“ за животен опус на „Браќа Манаки“ и кинематограферот истакна дека е запознат со ситемот на Бергер, но многу малку гафери знаат да ги работат неговите огледалца.
-Во Шведска имав можност да ги користам. Иако не беа неопходни беа корисни за рефлекција на Сонцето. За мене осветлувањето на еден филм е успешно направено кога не им пречи на актерите. Отсекогаш сакав да снимам со Јоаким бидејќи и тој верува во додавање на боите во светлата, да се потенцира руменилото на образите и светлината во очите на актерите, раскажа Туксен.
Ова е филм кој лесно ве вози низ приказната, нудејќи доволно содржини за забава и за тага, а прекрасно фотографираните интериори и екстериори на еден од врвните архитектонски градови, Осло, ја дополнуваат пријатната атмосфера на убавините и удобствијата на средната класа во напредните општества.
-Ми беше чест што работев на филм за борбата на една млада жена низ животот, што ме натера да помислам на сопругата, на сестра ми, на сите мои жени пријателки, поранешни девојки…, рече Туксен.
Главната актерка, Ренате Реисве, ја доби наградата за најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Кан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот Регион
Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбатата се одржа во Завод и Музеј – Охрид, а учество зедоа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.
„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцира Костадиновска- Стојчевска.
На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.
Министерката со македонските експерти ги информира членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи, меѓу кои предлог-закон за управување со светското природно и културно наследство и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот Регион – светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.
Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг-мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“ во Република Албанија и во Северна Македонија.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.