Култура
Костадиновска-Стојчевска: На европската куќа ѝ пожелувам добредојде на вистинската адреса, во европска Битола
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Битола присуствуваше на потпишувањето меморандум за разбирање за отворање европска куќа во градот на конзулите.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, заедно со министерката Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот Тони Коњановски, го посети просторот во Офицерскиот дом на Широк сокак во Битола, каде што е лоцирана европската куќа.
Поздравувајќи ја одлуката за отворање европска куќа во европска Битола, како што рече Костадиновска-Стојчевска, таа ја толкува како порака дека се уважени вистинската вредност и големината на Битола, која е отворен широк сокак за добронамерните, за пријателите.
„И, денеска, драго ми е што гласот на моите сограѓани битолчани беше помоќен од ’дуинг-бизнисот‘. Овој раскошен објект, чии темели се поставени пред 114 години, беше осакатен и во февруари 2016 година беше ставен на продажба. Со гласноста на битолчани аукцијата беше повлечена, а со поддршка од ЕУ и од претходниот советнички состав на Општина Битола и локалната самоуправа, на Офицерскиот дом му се вратени убавиот лик и достоинството. Минатата година, со одлука на Владата, го прогласивме за културно наследство од особено големо значење, со што објектот ужива највисок режим на заштита, каков што и му прилега“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Според евроамбасадорот Гир, овој простор во иднина ќе биде место на кое новата генерација млади луѓе ќе може да се среќаваат и ќе разговараат за важни прашања поврзани со идниот правец на нашата земја кон Европската Унија, односно за правецот по кој ќе се движат како идни граѓани на ЕУ.
„На европската куќа младите и локалното население во иднина треба да гледаат како на прозорец што ќе ги води на патот кон Европската Унија. Прозорец низ кој луѓето може да го видат огромното богатство и културно наследство, кое вие како град и како земја можете да ѝ го понудите на Европа“, рече Гир.
Тој посака Офицерскиот дом, како што рече, да го исполниме со човечки гласови и млади луѓе.
„Навистина верувам дека граѓаните на Битола европската куќа ќе ја гледаат како наша куќа и наш дом“, рече Гир.
Градоначалникот на Битола, Коњановски, пак, рече дека отворањето на европската куќа, всушност, ќе биде продолжение на долгогодишната соработка и партнерство меѓу Делегацијата на Европската Унија и Општина Битола.
Со потпишувањето на меморандумот од страна на евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот Тони Коњановски, Битола станува дел од мрежата европски куќи по оние во Скопје, Крива Паланка и во Струмица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст