Култура
Костадиновска-Стојчевска: Уништувањата на „Влахо“ и на „Лагадин“ се преседан што не смее да се повтори
На денешната прес-конференција, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска се осврна на теми што предизвикаа интерес во јавноста, а се од областа на заштитата на културното наследство, како и на актуелните случувања во Охридскиот Регион.
Поради актуелноста на некои од прашањата, Костадиновска-Стојчевска одржа и седници со Националната комисија на УНЕСКО и со Националниот совет за културно наследство.
„Ја поздравувам одлуката на Битолскиот суд кој го уважи предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и изрече забрана за вршење на ископ на подрачјето на Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, општина Новаци, од страна на концесионерот до правосилно завршување на постапката која во ОЈО Битола се води за кривично дело ‘оштетување или уништување на добра’ од чл. 264 од Кривичниот законик. Ја поздравувам и брзата реакција на Основното јавно обвинителство Битола“, рече Костадиновска-Стојчевска околу продолжувањето на работата на концесионерот на локалитетот Влахо, и покрај забраната која е изречена заради извршување на законските заштитни конзерваторски работи.
Одлуката на Битолскиот суд следи по реакцијата на Министерството за култура соодветните институции за заштита веднаш да ги активираат своите законски надлежности по алармантните укажувања од стручните лица за случувањата на локалитетот Влахо.
Министерката потенцираше дека Министерството за култура ја продолжува засилената координација со сите релевантни фактори за спречување на натамошни нелегални и деструктивни активности на археолошките локалитети и останатото културно наследство во земјава.
За локалитетот во штипско Спанчево, Костадиновска-Стојчевска ја пренесе информацијата од надлежната институција, НУ „Завод и Музеј“- Штип од каде се вели дека е извршен увид на археолошкиот локалитет „Свети Атанасие“ во село Спанчево и е констатирано дека на местото каде што се изведуваат градежни работи за поставување на фотоволтаици од инвеститорот „Сити Инвест“ не се забележани наоди кои би укажале на постоење на културно наследство. Во консултација со Општина Чешиново-Облешево, инвеститорот ги имал сите документи за отпочнување со градежни активности, односно дозвола за градба од 2013 година со важност од 10 години.
Костадиновска-Стојчевска по седницата со Националната комисија за УНЕСКО, информираше дека по прашањето со изградбата на објект на крајбрежјето во Лагадин е заклучено дека се препорачува Општина Охрид повторно да ги разгледа активностите поврзани за градба на објект на крајбрежјето во Лагадин, притоа водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
„Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид“, подвлече министерката која е претседателка на Националната комисија за УНЕСКО.
Информираше дека Комисијата препорачува Општина Охрид, следејќи ги препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство, и водејќи се по одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, да ја поништи донесената Одлука за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (број 08-17370/61 од 22.12.2022 година) и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, а имајќи го предвид членот 2 од Законот за управување со светското природно и културно наследство според кој управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес, што се врши во согласност со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
„Во новата Одлука, Општина Охрид треба да има предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што е наведено во членот 4 од Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22.12.2022 година“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.