Култура
Мартовски амбивалентни интерпретации
Мултимедијалните авторки Ана Димчевска-Семенпеева, Вероника Камчевска, Марина Аврамовиќ и Симона Манчевска преку своите дела ја обработуваат идејата за жената како состојба и рефлексија во социо-економските предиспозиции на општеството. Преку видеоарт, анимација, инсталации и графика ги деконструираат феноменолошките особености на родовите специфичности, кои сами по себи го содржат конфликтот на себеспознавањето на битието како уникатен дел од живеењето. Нивниот уметнички израз го истражува критичкиот диспозитив на врамување особености што ги детерминираат половите и родовите релации. Нивната заложба не е само да се даде можност за потврда на женската битност, туку да се повлече критички осврт кон слабостите на постоење во свет на крајна поделеност.
Видеоавторките Вероника Камчевска и Марина Аврамовиќ посочуваат дека жената како авторка не е доволно присутна во филмската, мултимедијалната и во видеоарт-продукција. Според нив, креативните индустрии мора да бидат поотворени, а воедно општеството да создава и услови за еднакво партиципирање. Можноста да се создава и твори во мултимедија отвора големи прашања за поделеноста во оваа индустрија, која полека станува поосвестен и отворен пазар за жените артисти, но сѐ уште е далеку од она што значи рамноправно учевство и економска еднаквост, истакнуваат авторките. Според нив, ако се гледаат статистички добиените награди на големите филмски фетсивали, очигледно е каде се наоѓа жената авторка, а во оној момент кога некој филм станува успешен, тогаш тоа е пренагласено во медиумскиот простор дека станува збор за дело од жена режисер, што го повлекува прашањето за прикриена дискриминација.
Уметничкото видео „C/11“ на Вероника Камчевска ги истражува состојбите на поделеност и симулации на реалноста кои го оттргнуваат битието од самоспознавање. А експерименталното видео „Тешкоба“ на Марина Аврамовиќ го отсликува влијанието на медиумите во моделирањето на жената како општествен конструкт.
Авторската љубопитност на уметницата Ана Димчевска-Семенпеева кон секојдневните човекови релации ја трансформира комплексната егзистенцијална битност во уметничка содржина, каде што жената е краен агенс. Прашањата поврзани со суштината на човековото постоење и неговата егзистенција го набљудува со уметнички интерес, кој не е само градиво за почетен концепт на уметничко дело, туку и преиспитување кај самата авторка и гледачот кон постојана потрага за каузалоноста на состојбите и причината за последиците.
(Дело: „Брзиот полжав“ Сериграфија 70смХ50см, Ана Д. Семенпеева)
Уметницата Симона Манчева преку видеосимулацијата „Полиња за убивање“ ги истражува општествениот дискурс и индивидуалната слобода.
„Општествениот дискурс ни кажува многу работи и поставува разни прашања кои ја ограничуваат индивидуалната слобода, особено границите на човечкото тело, како што е човечката природа, која општеството ја сфаќа како девијантна, како и задоволувањето на човечките потреби и фантазии се смета за перверзна, а преку квир-дискурсот нашиот фокус е отворено прифаќање на овие девијантни работи… девијантното е сосема релативно…“, вели Манчева.
Уметничка изјава:
„Жената“ е состојба. Момент на симулација. Сѐ она што во фаза на рефлексија го означува бидувањето човек и ја нагризува идејата да се биде женско само поради половата предиспозиција. Битието станува свесен дел од суштествувањето само тогаш кога конструктот го губи наративот во значајниот дел да се биде во животот сам по себе.
Жената е сила. Таа е Јанус и Медеја. Гаја и Хаос.
Таа е и тогаш кога престанува означениот карактер на родовата предиспозиција и ползи во нејзиниот императив, кој создадва и руши спознание на различности.
Жената е биос-деус. Венера и силната страна на Зевс.
Жената е ти и ти си тука преку единствен циклус на создавање и отуѓување од твоето материјално Јас.
Жената е магија и уникатен инженер на сите сфери стокмени во живеењето.
Таа е уметница, писателка, лекарка, новинарка, домаќинка, сексуална работничка, припадник на ЛГБТ ( LGBTIQ + ) заедницата и сѐ што сме ТИ и ЈАС.
Жената е стваробитност во социо-економскиот систем. Таа е истисната компонента во постојана борба на самодокажување. Таа е неуморна, идеен фактор на сѐ она што е околу нас. Жената не е конструкт. Таа е самата во себе концепт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).