Култура
Месец на незаборавни филмови со „Малиот скитник“ на големиот Шарло
Јазикот што го говорат јунаците во филмовите може да биде најразличен, може да биде и без говор, со пантомима, а може да биде и со свиркање. Со таков „свиркачки“ јазик ја започнуваме мартовската програма: Свиркачи (La Gomera / The Whistlers) на Корнелиу Порумбоју (Corneliu Porumboiu) уште еднаш ја докажува тезата дека добра идеја за филмска сторија може да обедини неколку јазици, продуцентски куќи од неколку европски земји, а заплетот да се изгради околу вештината да се комуницира со измислен јазик со помош на свиркање, со сите граматички и морфолошки карактеристики.
А јазикот – тој што го говорат јунаците во филмовите – може и да го нема. Легендарниот Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) е совршен доказ за тоа и 100 години откако започнал да ги снима неговите ремек-дела, со кои не само што почнува златниот период на немиот период на Холивуд, туку и на американската и светската кинематографија.
Во 11 термини кон крајот на март ќе имаме уникатна можност да погледнеме 10 реставрирани филмови со „малиот“ скитник на големиот Шарло на ДЦП-формат, како и 4 кратки играни филмови на 35 мм од архивската збирка на Кинотеката.
Средината на месецот е резервирана за промоција на ДВД-изданието на пет дигитално реставрирани македонски играни филмови: „Македонскиот дел на пеколот“ во режија на неодамна починатиот Ватрослав Мимица, „Три Ани“ на Бранко Бауер, „Жед“ на Димитрие Османли, „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски и „ХАЈ-ФАЈ“ на Владимир Блажевски. Овие пет домашни наслови, своевидни сведоци на растежот на македонската кинематографија во период од речиси четири децении, ќе имате можност уште еднаш да ги погледнете во дигитално реставрирано руво.
Март, секако, е месец и во кој се одбележува Меѓународниот ден на жената, 8 Март. Две вечери на програмата на Кинотеката се посветени на Вечери на женски права, со два филмски наслови кои ја преиспитуваат денешната положба на жената: „Куќа на малата ѕвезда“ (Little Star Rising), документарен филм на хрватската режисерка Слаѓана Лучиќ (Slađana Lučić), и „Отворена врата“ (Derë e Hapur / Open Door), игран филм во режија на Флоренц Папас (Florenc Papas). И двата филма се со силен критички набој, без разлика на различната документарна и играна структура, во пресметката со општествените клишеа наменети за понежниот пол.
Македонската документаристика има нов адут: насловот „Гребнатинки на душата“
(Scratches of the soul) во режија на Александар Манасиев е фокусиран на веројатно најбогатата колекција на македонско музичко наследство кое внимателно се чува, дигитализира и архивира во домот на семејството Ендендајк во Суст, Холандија.
Документаризмот и експерименталната филмска форма се присутни и во други наслови во мартовската филмска програма: „Каде си Жоао Жилберто?(Where are you Joao Gilberto?)“ во режија на Жорж Гашо (Georges Gachot) е портрет на највлијателниот музичар на правецот босанова, а „Писма до Пол Морисеј (Letters to Paul Morrissey)“ во режија на Арманд Ровира и Саида Бензал (Armand Rovira, Saida Benzal) ќе одговири на прашањето околу улогата на „таткото на треш-културата“ и соработник на поп-арт кралот Енди Ворхол и бендот „Велвет андерграунд“ во обликувањето на андерграунд-сцената од крајот на минатиот век.
Средината на месецот е резервирана за нов поглед во современата турска кинематографија низ Денови на турски филм, филм по избор на Гете институт е „Во диско филинг
(Ich fühl mich Disco / I Feel Like Disco)“, игран филм во режија на Аксел Раниш и Рене Римкус (Axel Ranisch, René Rimkus), а низ целата месечна програма се присутни и филмски наслови од поновата европска и светска кинематографија како составен дел на арт-кино профилот на Кинотеката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.