Култура
„МКЦ за Скопје“ за одбележување на 58 години од земјотресот
Вечерва, со почеток од 19:30 часот во МКЦ ќе се одржи настанот „МКЦ за Скопје“, со кој се одбележуваат 58 години од скопскиот катастрофален земјотрес.
„МКЦ за Скопје“ е настан што нè потсетува на солидарноста на скопјани, на солидарноста кон Скопје, на интензивноста, обединетоста и хуманоста на луѓето.
ПРОГРАМА И РАСПОРЕД:
19:30 – „Јули” @ Џебно кино
„Јули“ е краток филм на Сезер Салихи.
‘Метин го слави роденденот, неговиот пријател Хасан го изненадува со торта. Тој се сеќава на неговиот трагичен, романтичен, весел и мистериозен роденден на 25 јули 1963 година. Еден ден пред земјотресот, кој уништи 80 проценти од градот Скопје’.
20:00 – „Ехо на ехото на мојот град“ @ бифе МКЦ
„Ехото на мојот град“ е краток филм на Борјан Стојков и претставува ретроспектива на постземјотресно Скопје.
20:00 – Јулија Манојловска @ Галерија
„Пресоздавање“ – изложбата на Јулија Манојловска е објектна инсталација на визуелна сензација, лутање, односно перцептивно раздвојување и повторно создавање.
Трансформирана слика создадена од традиционалниот дводимензионален сликарски медиум во тродимензионален објектен цртеж ги содржи сите елементи што го дефинираат сликарскиот дискурс. Материјализацијата на цртежот преку бојата и светлото – сенките, го освојува просторот и околината со обоен цртеж-објект.
Идејата за ваква инсталација е идеја на внатрешното чувство за репетитивно барање и лутање низ простор за истражување помеѓу објективната и субјективната реалност. Делото се обраќа на експресивноста на емоцијата на авторот конвертирана во идеја што создава сликата и инсталацијата т.е објектот.
20:30 – Шизик на ризик @ Галерија 2
ШИЗИК НА РИЗИК е македонски лајфстајл бренд. Роден во Скопје, брендот е наменет за смели дечки и девојки од улиците на овој или кој и да е друг град. ШИЗИК НА РИЗИК раскажува приказна за еден отворен град од едно безгрижно време и за еден дечко, кој никој не го видел али сите го знаат. Шизик на ризик е оригинален и смел. Тоа е наше дете од улиците на кои растеле и растат генерации.
Брендот ШИЗИК НА РИЗИК веќе 3 години креира премиум производи во лимитирани серии. Посебна серија на производи сочинуваат иконичните дизајни инспирирани од градот Скопје, кои во облик на модни парчиња и додатоци веќе подолго време со мерак се носат по светските улици.
21:00 – Поетри слем @ Парк МКЦ
Сакате да искусите поинаков начин на забава и тоа со поезија?
Не сакате да бидете пасивна публика?
Ние изведуваме, вие навивате, свиркате, апаудирате, довикувате, гласате!
Заедно можеме земјата да ја тресеме со поезија!
Ние сме ПОЕТРИ СЛЕМ МАКЕДОНИЈА!
Настапуваат: Игор Трпчески – Трпче, Цветанка Колева, Марија Грубор, Горазд Китановски – Кени и Елена Пренџова
21:40 – Хајка @ Парк МКЦ
Хајка е скопски панк-рок бенд. Енергија, сирова енергија. Го сочинуваат Теодор Атанасовски, Александар Атанасовски, Бојан Таневски и Филип Лафазановски.
Имаат настапувано на Лузерфест, кога ги запознавме, а неодамна го објавија својот прв албум „Антиталент“.
22:20 – Stoned Hedge @ Парк МКЦ
Ангела Маринковска – вокал, Исмаил Камбери – гитара, Дејан Томовски – бас и Марко Стојчевски – тапани успеаја за само 4 месеци (за време на пандемијата) да го создадат својот деби албум и тоа во манир на веќе искусен бенд, небаре ова е нивната трета хит-плоча. Она што овие млади луѓе го направија во тој краток период е навистина за восхит, а тоа се големи и неверојатно мелодични песни, кои лесно ќе ве заведат со својата питкост и искреност и ќе ве однесат во светот и борбата на убавите, чесните и младите. Зборуваме за една борба со силен и невидлив противник, но Stoned Hedge во стил на искусни борци со неверојатна леснотија на сите нам ни покажаа дека со талент и чисто срце може да звучиш и изгледаш светски. Тука станува збор за светска класа на трагот на Guano Apes и Portishead.
23:05 – Column Still @ Парк МКЦ
Column Still е нова група оформена во 2021, од музичари познати по својата работа со бендовите Fighting Windmills, Светлост, Shock Troopers, Палиндром, The Local Blue, Amplidyne Effect…
Свират музика со карактеристики на doom метал, drone, минимализам, слободен џез и електронска музика.
Нинослав Спировски [кларинет/саксофон], Кристијан Новковски [тапани], Драган Теодосиев [тапани], Мартин Георгиевски [гитара/електроника], Дени Омерагиќ [бас гитара/електроника]
23:55 – Виножито проект @ Парк МКЦ
Проектот Виножито претставува храбар експеримент, односно музички мозаик составен од различни етностилови.
Проектот со наслов „Обединети во музиката – Виножито“ во земја каде што заедно живеат: Македонци, Албанци, Роми, Срби, Власи и други етникуми е вистински предизвик да се направи спој од сите и да се слушне како ќе звучи ваква музичка фузија составена од врвни професионални музичари.
Комбинацијата на музичари од повеќе етникуми што создаваат музика во Македонија до сега не е слушнат и ќе биде единствен од тој вид и сосема природно ќе произлезе нов, до сега неслушнат и квалитетен звук.
Репертоарот на групата ќе биде од песни што секој од членовите ги носи во својот генетски и фамилијарен код, се разбира обработени и „преоблечени во едно современо руво“.
Носител на проектот е Петар Младеновски – Пеце, фронтменот на групата Суперхикс, кој со своите пријатели од различни етникуми, ќе се обидат да ги прикажат сите звуци што ги носи нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).