Култура
Монтажерот на „Пред дождот“ награден за животно дело на фестивалот „Синематик“
Третото издание на фестивалот на филмската монтажа „Синематик“ од Скопје ќе се одржи утре и задутре во Кинотеката на Македонија. Фестивалот, кој го организира Асоцијацијата на филмските професионалци на Македонија, и годинава ќе го стави својот фокус на професионалците кои публиката не ги гледа на филмското платно, но без нивната работа, не е возможно да се случи филмската магија.
Отворањето на „Синематик“ ќе биде на 12 декември во 20 часот, со проекцијата на наградуваниот шпански филм „Убивајќи го Бога“ во режија на Каје Касас и Алберто Пинто. Фестивалот ќе го отвори Љупчо Тодоровски, претседател на Асоцијацијата на филмските професионалци на Македонија.
На првиот фестивалски ден ќе бидат прикажани: комедијата „Хотел Гагарин“ (16 часот), „Голијат“, швајцарска драма во режија на Доминик Лохер (18 часот)
Швајцарскиот детски филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ ќе биде прикажан на 13 декември во 16 часот. Од 18 часот ќе следува германскиот „Четири раце“. Фестивалот ќе биде затворен во 20 часот, со проекција на германската комедија „Стрикер (Гол натрапник)“ на Петер Луиси.
Наградата „Златен рез“ за најдобар монтажер ќе ја додели жирито во состав: Гоце Кралевски, Мартин Иванов и Сандра Ѓоргиева.
Добитник на наградата за животно дело годинава е британскиот монтажер Ник Гастер, човекот со богата монтажерска биографија, кој има дадено огромен белег и во македонската кинематографија.
Гастер е монтажерот на два филма на Милчо Манчевски – неприкосновениот „Пред дождот“ и „Прашина“, амалгам на националниот револт и традиционалниот вестерн (како што Гастер го опишува). Тој е потпишан и на монтажата на филмовите на Теона Митевска („Како убив светец“ и „Жената што си ги избриша солзите“). Ник Гастер го монтираше и „Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија.
Ник Гастер нема да може да биде гостин во Скопје поради ангажман на филм, па по тој повод испрати порака за македонската јавност:
„Многу ми значи времето што го поминав во Македонија, работејќи и создавајќи пријатели со сите талентирани техничари и уметници од македонската филмска индустрија. Јас сум многу благодарен за топлината и гостопримливоста што ме пречека кога работев всушност во сите републики на поранешна Југославија. Филмските луѓе сме посебна раса: го зборуваме истиот специјален јазик на соработувачка уметничка креативност што го прави животот вистински возбудлив! Драго здружение на филмски професионалци на Македонија, ми причинувате огромна чест што ме наградувате со награда за животно остварување за монтажа. Ви благодарам многу. Многу ми е жал што не можам да бидам со вас лично. Сѐ уште сум активен во процесот на монтажа на филм за Катерина Велика и затоа не можам да дојдам во Скопје. (Но, ќе можам да монтирам филмови подоцна!) Како што можете да видите од мојата фотографија, облечен сум за церемонија на награди. Ја вклучив и мојата сопруга Сузан во оваа фотографија, исто така. Таа, исто така ви се заблагодарува. Таа вели дека конечно, таа не мора да ме слуша како се жалам дека ми недостига признание, за што таа ви е длабоко благодарна. Јас сум многу благодарен што ја имав прекрасната привилегија да ја посетам Македонија толку многу пати. Тоа место е многу блиску до моето срце“, вели мотажерот.
Ник Гастер е роден во Хампстед, Лондон, во 1946 година. Учел во Уметничко училиште, отсек Сликарство. Со тек на време неговиот интерес се менувал и почнал да се опседнува со филмот. Две години учел во Лондонското училиште за филмска техника, каде што ги научил сите аспекти на филмската вештина, вклучувајќи режија, светло и камера, монтажа на звук и слика.
Работел и како фриленсер на ТВ-филмови и документарци. Во 1974 година соработувал со Feature Films, како музички монтажер на „Монти Пајтон и Светиот грал“.
Работел на многу успешни филмови, меѓу кои е и номинираниот за „Оскар“ Whales of August на Линдзи Андерсон со Бет Дејвис во главната улога, како и A World Apart на Крис Менгес, кој освои специјална награда од жирито и награда за најдобра актерка во Кан.
Гастер работел на индискиот митолошки класик „Махабхарата“ во режија на Питер Брук. Овој шестчасовен филм беше прикажан во цел свет, а освои и „Златен глобус“ за најдобар ТВ-филм. Во 2001 со Брук го снимиле радикалното дело „Хамлет“. Британскиот монтажер работел и на филмот „Розенгранц и Гилденстерн се мртви“, филм на Том Стопард, што освои „Златен лав“ на Венеција. Гастер монтирал и два филма на Ралф Фајнс („Кориолан“ и „Невидлива жена“).
„Среќниот принц“ е последниот филм на кој работел Гастер. Станува збор за режисерското деби на Руперт Еверет, кое зборува за последните денови на Оскар Вајлд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во галеријата „Рудиќ“ – годишна изложба на фотографии на фотоклубот ЕЛЕМА – Скопје
На втори април, во 19 часот, вторник, во Рудиќ галерија ќе биде поставена клубска изложба на фотографии, „ЕЛЕМА 2024“.
„ЕЛЕМА 2024“ е изложба која го означува креативниот и творечкиот континуитетот на ФК Елема низ долгите години постоење и промовирање на фотографската уметност.
Како прва годишна клубска изложба она ги најавува идните активности на Клубот кои секако ќе бидат претставени во периодот кој следи, со јасен акцент на индивидуалноста на авторите слободниот дух, секогаш со нов пристап и нови трендови кон создавањето на фотографијата за што ЕЛЕМА секогаш имала капацитет.
Ќе бидат изложени фотографии на реномирани македонски автори: Раде Луковиќ, Дејан Гилевски, Кирил Штрков, Вацлав Лукиќ, Цветан Гавровски, Владимир Арсовски, Катарина Николов, Драгољуб Николовски и Боро Рудиќ.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот Регион
Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбатата се одржа во Завод и Музеј – Охрид, а учество зедоа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.
„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцира Костадиновска- Стојчевска.
На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.
Министерката со македонските експерти ги информира членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи, меѓу кои предлог-закон за управување со светското природно и културно наследство и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот Регион – светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.
Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг-мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“ во Република Албанија и во Северна Македонија.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.