Култура
Музички настан „Љубов и светлина“ – вечерва на „Бит фест“
Вечерва, во рамките на „Бит фест“, ќе се одржи музичкиот настан „Љубов и светлина“ на кој ќе настапат Марина Коруновска – мецосопран, Александра Ристевска – пијано и Марјан Бакревски – кларинет, со почеток во 20:00 часот во Офицерскиот дом.
На програмата ќе бидат изведени дела од Хајдн, Брамс, Шуберт, Григ, Прокопиев, Дебиси, Мусоргски и Пијацола.
МАРИНА КОРУНОВСКА е македонски мецосопран, родена во Битола.
Средното музичко училиште го започнува во Битола во класата на проф. Пеце Митревски, а како исклучителен талент го завршува во Белград, Р Србија во класата на проф. Људмила Грос со мислење на солопеачкиот отсек: „Марина Коруновска спаѓа во редот на најталентирани ученици во музичкото училиште ‘Коста Манојлович’. Дипломира на Националната музичка академија во Софија, Р. Бугарија во класата на проф. Ирена Брмбарова со највисоки оцени. Добитник е на бројни државни и меѓународни награди и признание за културен придонес на општина Земун, Р Србија.
АЛЕКСАНДРА РИСТОВСКА е родена во Битола, каде го започнува музичкото образование од својата петта година во класа пијано на проф.В асилка Куновска.
Средното музичко образование го завршува во класа пијано на проф. Маргарита Татарчевска. Дипломира и магистрира на ФМУ Скопје во класа пијано на проф. м-р. Евушка Елезовиќ. Активно соработува со: Стефан Тасевски- саксофон, Маја Митровска- сопран, Марина Коруновска – мецосопран и камерниот оркестар на Битола.
Од 2002 г. до денес работи како наставник по пијано и корепетитор во Државното музичко училиште во Битола. Од 2017 е асистент во школата Korunovska singing & music.
МАРЈАН БАКРЕВСКИ роден во Битола. По завршување на музичкото образование во Битола и летниот камп Интерлохен во Мичиген, музичкото образование го продолжи во Бостонскиот конзерваториум за музика во Бостон и универзитетот „Моцартеум“ во Салзбург, Австрија. Во повеќегодишниот престој во САД има редовни оркестарски и камерни настапи во рамки на универзитетскиот оркестар и камерни групи, но и со оркестарот Charles River Wind Ensamble. По завршување на студиите во Моцартеум, Марјан живее во Виена каде што е член на оркестрите Kagran Musik Orchester, Dorfmusik Strebesrsdorf и Wiener Regimentorchester IR4 Deutschmeister каде што настапува како соло кларинет и водач на групата кларинети. Од 2013 започна со работа во основното музичко училиште во Прилеп, а од тогаш до денес работи во Државното музичко училиште – Битола и е диригент и основач на Битолскиот дувачки оркестар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.