Култура
Награда за филмот „Кајмак” во Португалија
Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја освои специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот „Фантаспорто“. Ова беше 43. издание на фестивалот што се одржува во португалскиот град Порто. Како еден од наградените филмови, „Кајмак“ имаше специјална дополнителна проекција на затворањето на „Фантаспорто“.
Ова е најнова награда за Манчевски, најтрофејниот македонски режисер, кој има освоено повеќе од 60 меѓународни награди и признанија во досегашната кариера. Меѓу нив се и „Златен лав“ во Венеција, номинација за „Оскар“, „Индепендент спирит“ (САД), ФИПРЕСЦИ (награда на меѓународната асоцијација на критичарите), „Давид ди Донатело“ (Италија), „Сребрен кондор“ (Аргенитна), „Сребрена палма“ во Валенција (Шпанија), најдобра режија на „Реинденс“ (Лондон), најдобар филм на „Синеквест“ (Калифорнија), ФЕДЕОРА (награда на медитеранската критика) филм на годината во Турција, најдобар филм на фестивалот во Сао Пауло (Бразил), награда „11 Октомври“, гран при во Санкт Петербург (Русија), почесен докторат од ВГИК (Русија) итн. Најраните награди што ги има освоено за неговите филмски остварувања се на фестивалот „Белград алтернативи“ (за експериментален филм) во 1984 и најдобар рап-спот на МТВ во 1991.
Португалскиот културен магазин „Лаксанте“ го оценува филмот со четири ѕвезди и пишува: „Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурална убавина, со прекрасна фотографија, која успева да го одржи формалното единство, без оглед на тоа дали дејствува во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и сиров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски“.
„Кајмак“ е седми филм на Манчевски, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТ, а поддржана од „Еуримаж“. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.
Филмот, црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството, беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Под слоганот „Приказна се чита“ денеска почнува Саемот на книга
Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје денеска ќе биде отворено 36. издание на Саемот на книга, кој во седумте саемски дена ќе понуди книги од домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од земјава и регионот.
На официјалното отворање на Саемот на книга обраќање ќе има министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Слоганот на манифестацијата е „Приказна се чита“.
– Слоганот „Приказна се чита“ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (на англиски „story“, што во превод значи приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време – се вели во најавата за годинашното издание.
Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април – Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје – средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Boksy – изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.
Саемот на книга ќе биде отворен секој ден, од 10.00 до 22.00 часот. Билети можат да се најдат на влезот на Саемот, како и онлајн преку www.karti.com.mk.
Култура
Промоција на кривопаланечки драми од Страхил Алексиќ
Во НУ Центар за култура Крива Паланка , во петок со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на кривопаланечките драми „Ожењи се Санде калајџија“ и „Најефтината свадба“ , чиј автор е Страхил Алексиќ.
Драмските дела се инспирирани од вистинси настани кои се дел од кривопаланечката историја и традиција, а Алексиќ ги има напишано пред 30-тина години.
Драмата „Ожењи се Санде калајџија“ за првпат е поставена и изведена во 90-тите години под раководство на проф. Марица Николовска, а пред повеќе години беше реобновена и претставена пред кривопаланечката публика од Драмското студио при НУ Центар за култура, во режија на Глигор Цветковски. Во 2018 година, пак, е изведена од ученици од СОУ„Ѓорче Петров“, под раководство на проф. Катерина Наковска Митовска, што јасно говори за интересот кај познавачите на драмското творештво, младите актерски таленти и кривопаланечката јавност.
Делото „Најефтината свадба“ досега не е драматизирано и не е познато на јавноста.
Страхил Алексиќ е првиот и засега единствен автор од Крива Паланка кој напишал драмски дела што сведочат за кривопаланчките настани од минатото, со што се потврдува нивната неизмерна вредност.
Издавач на кривопаланечките драми на Алексиќ е НУ Центар за култура од Крива Паланка, рецензент е Емилија Колевска, а подготовката на делата и промоцијата се реализираат во соработка со ЛУ Градски музеј и Општина Крива Паланка.
Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.
Култура
Изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ во КИЦ во Софија
Во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија на 18 април (четврток) 2024, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“.
На изложбата ќе бидат претставени дела кои се настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодот од 2019 до 2023 година. Составот на авторите е од поранешни и сегашни студенти во оваа образовна установа, и тоа се: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.
Нас. доц. д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани нај карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство.
Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, како и македонските професори: Јана Јакимовска, Јордан Ефремов, Слободан Милошески и Ванѓа Димитријева-Кузманоска.
Жанровски нај застапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.
Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски.
При селектирањето на делата се акцентираше врз владеењето на академските вештини во сликарството. При селекцијата беше отворена можноста за учество на дела од автори кои развиле свој посебен стил и уникатност во изразувањето, за чиј развој дала придонес Ликовната академија во Штип.
Целта на изложбата е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државата и регионот, да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со оваа институција.