Култура
На КРИК 03 промоција и дискусија за критиката во регионот
Третото издание на КРИК, фестивал на критичка култура, продолжува во Музејот на современа уметност во 19:30 часот. Оваа фестивалска вечер ќе биде посветена на критиката во регионот (Словенија, Хрватска, Србија). Ќе се одржи промоција на книгите „Напомош,читаме книга!“ и„Опасно читање, поимник за книжевна критика“, а ќе ги промовираат Лука Остојиќ, писателот на „Напомош, читаме книга!“ и уредникот на „Опасно читање, поимник за книжевна критика“, и Миленка Булевиќ, уредничка на „Напомош, читаме книга!“ и претседателка на Kulturtreger, како и партнерите од Контрапункт, Kurziv, SEEcult and SCCА. Двата поимници го прикажуваат потенцијалот на критичкото читање и поширокиот контекст во кој се случува ова читање (и уметничката критика воопшто).
И во ова издание, КРИК се застапува за сегментот кој директно ја засега уметничката продукција – станува збор за критиката и критичката рефлексија. Без критика не може да има вистински исчекор, вистинска промена. Клучното прашање што ќе се отвори со регионалната партнерска платформа „Kритичките ставови во регионот“ е што претставува критиката денес, со акцент на критиката на уметничките пратики и нејзината фрагментираност со процесите што ја условуваат нејзината трансформација. Каде се наоѓа денес критиката, кому се обраќа, која е нејзината улога и како таа ги наоѓа своите нови форми и јазици – се некои од прашањата на кои често се навраќаме и се обидуваме да ги држиме отворени во просторот на поширока јавна дискусија. Платформата „Критичките ставови во регионот“ е во партнерство со kulturpunkt. hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија) и SCCA-Љубљана (Словенија)
Booksa.hr заедно со партнерите Kontrapunkt, Kurziv, SEEcult и SCCA создадоа и објавија два поимници од областа на книжевната критика. Овие книги не се конвенционални поимници бидејќи не ги дефинираат условите, но ги користат како почетна точка за да иницираат размисли за книжевноста, книжевната критика и нивната улога во современото општество.
Првиот поимник „Опасно читање, поимник за книжевна критика“ е збирка на текстови од реномираните регионални книжевни критичари за различните аспекти на критиката. Тие објаснуваат како постојано променливиот социјален, политички и медиумски контекст влијае врз критиката и улогата на критичарот. Овој поимник ги разгледува односите меѓу текстот и контекстот, критичкото читање на новите медиуми, феминистичката критика, меѓу академската и новинарската критика и влијанието на личноста на критичарот врз неговиот текст.
Вториот поимник „Напомош, читаме книга!“ е антологија на сатирични текстови за фиктивниот лекар д-р Остојиќ, „литературолог“ за лекување на читатели – пациенти кои се борат со болни значења на класичните книжевни дела. Овие текстови, претходно објавени како колумни на Booksa. hr, нудат нови толкувања на познати дела, повремено пристапуваат кон „сериозната“ литература и го прикажуваат влијанието што книжевноста и критичкото читање го имаат врз животот на луѓето.
Потоа ќе се одржи и дискусија на тема „Критиката во регионот“, со учесниците: Лука Остојиќ, Миљенка Буљевиќ, Антонија Летиниќ, Лујо Парежанин од Хрватска, Миха Келемина и Душан Довч од Словенија и Весна Милосављевиќ од Србија.
Фестивалот годинава ја обработува генералната тема „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“. На програмата на фестивалот, која ќе се одвива во неколку делови до 19 декември 2018 година, ќе има предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.