Култура
Незаборавно музичко патување со звуците на музичката од грчки филмови
Концертот на Фоивос Деливориос синоќа го исполни Клуб ресторанот МКЦ до последното место. Музиката од грчките филмови со задоволство ја слушаа присутните, а Деливоријас заедно со својот бенд ги поведе на незаборавно музичко патување.
На Фестивалот на грчки филм и култура денеска ќе бидат прикажани два нови грчки филмови од последните години. Во 18 часот во кино „Милениум“ е проекцијата на филмот „Следна станица: Утопија“ во режија на Апостолос Каракакис.
Кога грчката фабрика Vio.me. се затвора, група работници се одлучуваат на радикален чекор. Тие ја окупираат фабриката и се обидуваат да ја водат самите на принципот на директна демократија. Нивниот подвиг инспирира активисти низ целиот свет, додека поранешниот сопственик е зачуден гледајќи го семејниот бизнис како преминува во симбол за издигнувачката радикална левица. За работниците, подвигот да се сврзе крај со крај и самоменаџирањето излегува дека е невидена авантура, полна со конфликти. Тие брзо сфаќаат дека за да успеат, првото нешто што треба да се смени се тие самите.
Апостолос Каракасис (1970) студирал филм и видео во Велика Британија на колеџот за уметност и дизајн во Западен Сури. Активен е на грчката документарна сцена повеќе од 20 години како режисер и монтажер. Неговата работа за ЕРТ вклучува повеќе од 20 филмови на културни и историски теми, додека неговите сопствени филмови „98 години“ (1998) и „Национална градина“ (2009) се обата добитница на наградата од публиката солунскиот интернационален фестивал на документарни филмови. Тој е професор во школата за филмски студии при универзитетот „Аристотел“.
Од 20 часот во Кино „Милениум“ е филмот „Нејзина работа“, режија Никос Лабот.
Панајота за прв пат се вработува како чистачка им се надева дека ќе го даде својот придонес во семејството. И додека на работното место се соочува со сурова експлоатација, таа сепак смета дека ова е најсреќниот период во нејзиниот живот. Но ова чувство нема да трае долго бидејќи зад аголот чека ѓаволчето со трозабец в рака.
Никос Лабот (1976) зад себе има неколку проекти како асистент режисер, а со своите три наградувани кратки филмови во првата декада од новиот милениум докажа дека пред него претстои добра филмска иднина. По ко-режисерството со Јоргос Мустакис (Yiorgos Moustakis) на документарниот филм „Тhe Immortals at the southern point of Europe# (2013), минатата година конечно го сними својот целовечерен првенец, кој наиде на одличен прием кај критичарите и публиката, закитувајќи се со неколку фестивалски награди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.