Култура
Нов музички проект на Дино Милосављевиќ – LARTA: Fragments
Fragments е првиот самостоен албум на тапанарот Дино Милосављевиќ, издаден под проектниот наслов LARTA. Во проектот со свое авторско и изведувачко учество придонесуваат долгогодишните соработници Ѓоко Максимовски – бас, Васко Бојаџиски – саксофон и Владан Дробицки – тромбон, кој воедно се јавува и како продуцент на изданието.
Проектот LARTA: Fragments го брои 38. издание на етикетата PMG Jazz.
Дејан (Дино) Милосављевиќ е еден од најистакнатите тапанари во земјата и на Балканот. Активен е на музичката сцена од почетокот на 90-тите години. 19 години бил дел од „Влатко Стефановски трио“ и соработува со врвни и познати артисти, како Калиопи, Кирил Џајковски, Стефан Миленковиќ, Теодосиј Спасов, Јан Акерман, „Анастасија“, „Мугер фугер“, Стен Скиби, Раде Шербеџија, Бајага, Зоран Предин, Џибони, Владо Јаневски, Владимир Василевски-Четкар, „Ласт екпедишн“, Каролина Гочева, „Меморија“, „Игор Џамбазов бенд“, „Суперхикс“ и други. Неговото артистичко умеење особено доаѓа до израз на албумите на Sethstat, Kabadayas, Beneventan trio, Infuse и „Алшар“, проект на Никола Коџабашија. Дејан Милосављевиќ е еден од основачите на Skopje Drum Talks, првото здружение за едукација и поддршка на тапанарите во Република Македонија, кое веќе три години организира јавни настани поврзани со уметноста на овој инструмент.
Набргу ќе следува промоција на изданието во Скопје. Снимањето на албумот е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст