Книги
Објавена книгата „Раскази за љубовта“ од Михал Вивег
Издавачката куќа „Готен“ ја објави збирката раскази „Раскази за љубовта“ од еден од најпопуларните современи чешки писатели, Михал Вивег. Преводот од чешки јазик е на Соња Стојменска-Елзесер.
Делата на Вивег се преведени на повеќе од 25 јазици, а само во Чешка неговите книги се продадени во повеќе од 1 милион примероци.
Збирката раскази „Раскази за љубовта“ ги содржи главните карактеристики на прозното писмо на Вивег – одлично чувство за раскажување приказни, дозиран хумор, луцидно согледување на односите меѓу луѓето.
Млади љубовници и постари љубовници, парови во брак и разведени, неженети мажи и вдовици, отворени и прикриени страсти, непредвидени емоции што се појавуваат во разни ситуации, копнежи што не се реализираат или се остваруваат на необичен начин – едноставно, љубовта во сите нејзини облици – тоа е главната тема на „Раскази за љубовта“.
Сите 16 раскази од книгата го носат печатот на авторот, кој умее своето чувство за стил и композиција да ги обедини во приказни полни со живот и умешно нијансирање на основната тема. Михал Вивег ги набљудува среќните и тажните страни на љубовта не само со разбирање, туку и со иронична ладнокрвност. Повремената тага и меланхолијата вткаени во овие кратки прози речиси секогаш благовремено се натопени со хумор, па иако емоциите играат главна улога во текстовите, тие никогаш не навлегуваат во патетика.
Михал Вивег е мајсторски раскажувач и затоа неговите раскази се читаат со исклучителна леснотија и уживање.
Соња Стојменска-Елзесер (1963) работи како научен советник и професор во Институтот за македонска литература во Скопје, во одделението за теорија на литературата и компаративна книжевност. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (1986). На истиот факултет ги одбранила магистерскиот труд „Теориско-методолошките начела на Михаил Бахтин“ (1995) и докторската дисертација на тема „Лудистички постапки во современиот расказ“ (2003).
Во периодот 1997-2000 работела како лектор по македонски јазик и литература на Карловиот универзитет во Прага, Република Чешка.
Авторка е на книгите: „Пулсирачка филологија“ (1997), „Игропис: есеи за книжевниот лудизам“ (2004), „Споредбена славистика“ (2005), „Гризни го јаболкото: антологија на македонската еротска проза“ (2006), „Компаративна книжевност“ (2007), „Еквилибриум/Equilibrium“ (2009), „Со посвета“ (2013), „(Не)секојдневни љубопитства“ (2018).
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.