Книги
Објавен романот „Адам и Ева“ од романскиот писател Ливиу Ребреану
„Македоника литера“ од Скопје, деновиве го објави романот „Адам и Ева“ од романскиот писател Ливиу Ребреану, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.
„Адам и Ева“ е едно од ремек-делата на големиот романски писател на 20 век – Ливиу Ребреану (1885 – 1944). Ова е љубовен роман, но главната тема е верувањето во реинкарнацијата, односно метемпсихозата. Архетипска и андрогена двојка се бара и се надополнува во седум многу различни историски периоди.
Главниот лик на романот, Тома Новак, поминува низ повеќе животи, прво е свештеник во Индија, потоа гувернер во Египет, писар во Вавилон, римски коњаник во Рим во епохата на владеењето на Тибериј, калуѓер во средновековна Германија, лекар во Франција за време на Француската револуција и најпосле универзитетски професор во Букурешт. Тој се вљубува во седум женски личности: Навамалика, Изит, Хамма, Сервила, Марија, Ивона и Илеана.
Ливиу Ребреану изјавил дека „Адам и Ева“ е дело најблиско до неговата душа.
Ливиу Ребреану (1885 – 1944) е романски писател, новинар и академик. Тој е еден од најзначајните романсиери во романската литература на 20 век. Роден е во Трлуша како прво од 13-те деца на Василие и Лудовика Ребреану, кои подоцна стануваат негова инспирација за фамилијата Херделеа, која се појавува во неколку негови романи: „Јон“, „Буна“, „Горила“ и други. Првата негова книга е објавена во 1912 година – изборот новели со наслов „Маки“. За време на Првата светска војна продолжил да објавува новели, а во 1920 го објавил романот „Јон“, кој се смета за прв модерен романски роман. За романот „Јон“ ја добил престижната награда на Романската академија, а во 1939 година и самиот тој станал член на Академијата. Од 1928 до 1930 година раководел со Националниот театар во Букурешт, а од 1940 до 1944 година бил претседател на Сојузот на романските писатели.
Автор е на голем број новели, драми, социјални романи, психолошки романи, кои претставуваат пресврт во романската литература и националната култура во тоа време. Негови најпознати дела се романите „Шумата на обесените“, „Адам и Ева“, „Јон“ и „Чиулеандра“, кои книжевната критика ги има оценето како ремек-дела. „Шумата на обесените“ е објавен и на македонски јазик, во издание на „Македоника литера“ (2018). „Адам и Ева“ е неговото второ дело на македонски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.