Контакт

Култура

Од денеска почнува МОТ со претстави во живо и онлајн-прикажувања

Објавено пред

Од денеска до 3 декември ќе се одржи 45. издание на Младиот отворен театар (МОТ) со претстави во живо и фестивалски онлајн-претставувања.

dobivaj vesti na viber

Ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и од Хрватска.

45., првпат хибриден Млад отворен театар, ќе се одржи на три сцени – онлајн во домовите, Младинскиот културен центар и во Универзалната сала.

Цената на билетите за претставите во живо е 300 денари, а онлајн-претставите се бесплатни, но неопходен е билет бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.

Во десет фестивалски вечери ќе се гледаат три премиери: „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, копродукција на МОТ и Факултетот за работи што не се учат, перформансот Screensaver, развиен во рамките на програмата „Современа кореографија и танц“ на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театарот „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес.

24-28 ноември

*ПРЕМИЕРА* „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ | 19:00 | Универзална сала

Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).
„Универзална во пламен“ е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познат на скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши. Претставата ќе има 5 премиерни изведби од 24 до 28 ноември.

25 ноември

„Траги од Антигона“ | 20:00 | онлајн

Втората вечер е резервирана за гостување од Атина со стрим на претставата „Траги од Антигона“ во режија на Ели Папаконстантиноу (ОДЦ ансамбл). Грчката режисерка препознатлива по мултидисциплинарните перформанси со различни уметнички форми, по многу светски фестивали и освоени награди, ја користи состојбата со коронавирусот за нова креација.
„Ние, жени од различна возраст и уметничко потекло, ги споивме гласовите за да ја пресечеме сторичноста на полот, да ги конфигурираме домашноста и дигиталниот простор. Во нашите домашни затвори, ја истражуваме огромноста на јавните агори; врамени во дигитални кутии, ние остануваме транспарентни за целиот свет да ѕирка кон нас, сепак, безбедни во засолништето на нашиот најголем приватен простор (за разлика од другите жени – жртви на семејно насилство). Еве кои сме: „Отсутните девојки“, во спомен на сите жени пред нас. Исто како и нашите мајки и „сестри“, ние ја користиме изолацијата во наша корист за да ги навеземе античките траги од Антигона како дел од нашата лоза. Исто како и жените пред нас, ние правиме уметност во изолација. Само овој пат излегуваме во јавност!“
„Траги од Антигона“, пребојување на античкиот мит за Антигона, доаѓа како непосреден одговор на глобалното затворање поради коронавирусот и тековниот дијалог за тоа што значи присуството (и отсуството). За прв пат во поновата историја, изолацијата веќе не е женска состојба. ОДЦ Ансамбл во круг на жени истражи целосно нов изведувачки јазик што можеме да го наречеме „театар на изолација“.

26 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Screensaver“ | 19:30 | онлајн

Следната премиера ја гледаме онлајн. „Screensaver“, танцување во идната носталгија. Интернационална танчерска екипа, епизодично структурирана кореографска серија, дел од истражувањето „КО-серии“, која по уметничкиот престој во Брисел, Стокхолм и Скопје, започнува со премиера на МОТ. „Screensaver“ се појавува како танцувачка практика, но всушност е ТВ поп-шоу или само апсурдно видеорекламирање, кое го носи со себе танцовата архива од 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Архивата „Screensaver“ отвора спекулативен простор на минати временски линии што поинаку се занимавале со танцот, простор да коегзистираат истовремено во денешната перцепција на танцот и кореографијата. Просторот каде што може да се доживее танцот што се играл илјада пати, или сеќавањето на некој танц што е виден многу пати и сите го носиме во себе, конечно може да биде доживеан; простор за танц на идна носталгија, простор за танц и кинетички задоволства. Пристапот отвора простор за задоволства во доживувањето на танцот и кореографијата како кинематографска меморија на нашите тела. Перформансот „Screensaver“ е развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

27 ноември
„Полковникот птица“ | 18:00 | онлајн
„Ајхман во Ерусалим“ | 20:00 | онлајн

Сцените на Театар Гостивар и ЗеКаеМ Хрватска се онлајн домаќини на четвртиот ден на МОТ, кога гостува НУ Гостиварски театар – најновата театарска институција кај нас. „Полковникот птица“ е нивна трета претстава, прва на македонски јазик. Текстот „Полковникот птица“ од Христо Бојчев е неговиот најуспешен текст, напишан во 1997 година, кој ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе, кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош, која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа. „Полковникот птица“ е претстава за различни
луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови нешта треба да нѐ пленат сите. Нивната посветеност треба да нѐ учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата е да ги разбереме нив, и кога ќе ги разбереме, да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот.
По неа следува Загребачко казалиште младих со „Ајхман во Ерусалим“ во режија на словенечкиот режисер Јернеј Лоренци, кој јасно ја разбира потребата за испитување на баналноста на злото и нејзиното присуство кај секој човек, доаѓа во момент кога практично цела Европа ги преиспитува своите антифашистички корени. Уште една блескава претстава од хрватската сцена. И уште една што се занимава со контроверзна тема. Во вистински момент, кога цела Европа зборува за фашизмот… Фашизмот во нашето
општество.

28-29 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Херои 4:33“ | 18:00 | МКЦ

Третата премиера на МОТ доаѓа од Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес и ја гледаме во живо во МКЦ на 28 ноември. „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски претставува своевидна „инсталација“ во која, преку употребата на различни медиуми во три специфични простори, изолирани едни од други, ја истражуваме врската помеѓу „присуството/отсуството“ карактеристично за театарот како медиум. Гледачите, соодветно заштитени и водени еден по еден, како низ музеј, ќе бидат запознаени со нашите „експонати“, последните преживеани, пионерите на „новата реалност“. Стварноста што ќе биде претставена во секој од просторите, наликува на своевидна дистописка стварност, во која човештината отстапува пред сопствената опачина. Целото доживување, кое гледачот го има од инсталацијата, наликува на оние секунди пред почетокот на претставата, кога светлата во салонот ќе се изгаснат, а претставата сѐ уште не започнала, кога стварноста околу нас отсуствува, а сценската сѐ уште не се појавила. Просторот, костимите и музиката се во функција на доживувањето од овој меѓумомент на „присуство/отсуство“, кое трае нешто повеќе од 13 минути, колку што трае композицијата на Џон Кејџ. Претставата ќе има реприза наредниот ден.

29 ноември
„Три сестри и Наташа П.“ | 19:30 | онлајн
„Илузии“ | 21:00 | онлајн

Следува претстава направена непосредно пред пандемијата. По карантинот: Чехов со музика во живо, Чехов со корона-маски, Чехов на Нишвил Џез фестивал, ФемАрт Приштина, сега и на МОТ. „Три сестри и Наташа П.“, ко-продукција на Арт медиа и Национална опера и балет, во режија на Наташа Поплавска ја следи драмата „Три сестри“ на Чехов со фокус на ликот Наташа Прозорова, сопруга на Андреј Прозоров, братот на трите сестри: Олга, Маша и Ирина. Се отвораат едноставни прашања: зошто ликот на Наташа на листата на карактери е пред ликот на Олга, Маша и Ирина? Ако е прв женски лик, зошто не се појавува прва во драмата? Чија е оваа „драма“? „Драма“ на Андреј, на Наташа или ова е „драма“ на Олга, Маша и Ирина? Какви одговори ќе добиеме? Се отвори проблемот со драмата и преку призмата на „другите“, односно Наташа, ликот што дојде од друго социјално ниво во куќата на Прозорови од Москва.

„Илузии“, инспирирана од истоимената драма на Иван Вирипаев, во режија на Нела Витошевиќ е експериментална, виртуелна претстава, која е приказ и обележје на пандемиското време. Претставата недвосмислено ја покажува желбата и крикот на уметникот да создава во состојба на криза и да му пркоси на времето, кое е неповолно за уметноста. Користејќи се со театарски пристап, но во виртуелниот свет, екипата направи претстава што ги отвора темите на љубов, неверство, отуѓеност на луѓето, како и празнотијата и минливоста на животот. Теми што во вакви новонастанати околности се актуализираат кај секој човек. Приказната ни ја раскажуваат четворица актери, кои играат определена улога, но истовремено се и наратори на дејството.

30 ноември
„Иднината е приватна“ | 19:00 | онлајн

Независната театарска група Пресврт започна токму со овој проект, истражувајќи го реалниот живот, наспроти животот на интернет, приватноста и приватизацијата, дистанцираноста во сајбер- просторот. „Иднината е приватна“, во режија на Милош Б Андоновски беше идеја што се развиваше уште пред појавата на вирусот и карантинското онлајн функционирање. Во време кога виртуелниот простор е единствената агора во која луѓето живеат, која е позицијата на човековата приватност? Дали таа ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или вешто ќе ја зачуваме? Што се случува кога нашиот идентитет го гради одреден алгоритам? Можеби токму софтверот ќе нè натера да се навратиме кон она што е човечки. Поставена во далечната иднина, претставата „Иднината е приватна“ зборува за живот оформен од физичка дистанца, изолација и комуникација исклучиво преку виртуелни профили.

1 декември
„Спроти нештата“ | 21:00 | онлајн

Најредовниот гостин на МОТ, од самите почетоци на фестивалот. Словенско младинско гледалишче – омилениот театарски ансамбл на нашата публика, овојпат со „Спроти нештата“, во режија на Борис Никитин. Во своите дела, Никитин ги истражува границите помеѓу реалноста и фикцијата, документот и неговиот фалсификат и претпочита да ги разнесува овие категории. Вака создадениот театар е суров, груб, фронтален и директен. Прекумерното реагирање, пародијата, провокацијата и субверзивното играње со границите помеѓу реалното и лажното станаа фино подесени реквизити за популизам во натпревар за политичко внимание. Границите на договореното постојано се поместуваат и се доведуваат во прашање. Како да ја влечеме западната филозофија над дадаистичка јама и прашањето „што е реалност?“ и „кој ја одредува?“ ќе стане гориво за следниот престап. Нефикција во трескавична состојба, пародија како парадигма на нашето време! И последиците, како и секогаш, реални: победа на избори, предизвикување кризи, донесување политички одлуки, војни, продажба на производи. Жртва на ова е малиот човек и неговата веројатно најголема политичка способност: неговата ранливост. Ранливоспособност. Како може да се справиме со сето ова на сцената, овој веројатно најдвосмислен простор што еволуцијата го има создадено некогаш? Можеби само како лоша шлаканица, како спротивставување на нештата.

2 декември
„Кожурец“ | 19:30 | онлајн

Нов храбар обид за експериментирање на театарската група Артопија што повеќе од 4 години е симбол на слободен театарски израз, потрага по нов, со силна желба за искрено пренесување на сопствената емоција од другата страна на просцениумот. Работена според вистинска приказна, претставата „Кожурец“, во режија на Билјана Радиноска го отвора просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешни механизми на сексуалната злоупотреба на децата. Претставата претставува своевиден емотивен пејзаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес.

3 декември
„Лоунли пленет“ | 18:00; 20:00 | МКЦ

Култното Ателје 212 го затвора 45. МОТ со обид оваа тешка состојба да ја преврти во тотална спротивност. „Лоунли пленет“ е претстава од имерзивен карактер, која се изведува на отворени и затворени простори, околу и во театарската зграда, намерно избегнувајќи го класичниот сценски простор, односно самата сцена. Преку колажната структура од пет авторски и изведувачки гласови, кои се испреплетуваат и се провираат едни со други, уметниците ја водат соодветно оддалечената публика на туристичка турнеја низ двете страни на паричката на утопијата и дистопијата на нашето (театарско) секојдневие.
Оваа претстава се одразува на светот на првата половина на 2020 година, додека истовремено се обидува да ги преиспита формите на театар што може да се случат и покрај вирусот, и следствено на тоа, потенцијалните форми на заедништво во јавниот простор на иднината.

 

Како последица на ситуацијата предизвикана од Ковид-19 во која се наоѓаме, тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје.

Култура

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот Регион

Објавено пред

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбатата се одржа во Завод и Музеј – Охрид, а учество зедоа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.

dobivaj vesti na viber

„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцира Костадиновска- Стојчевска.

На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.

Министерката со македонските експерти ги информира членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи, меѓу кои предлог-закон за управување со светското природно и културно наследство и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот Регион – светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.

Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг-мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“  во Република Албанија и во Северна Македонија.

Прикажи повеќе...

Култура

Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО

Објавено пред

Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.

dobivaj vesti na viber

Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.

Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.

Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.

АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.

Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.

Прикажи повеќе...

Култура

„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет

Објавено пред

На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.

dobivaj vesti na viber

Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.

Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.

Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија16 минути

Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни

Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90...

Македонија1 час

Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на...

Економија3 часа

Трендафилов најави неколку протести: Во вторник ќе ги охрабриме судиите да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска, на прес-конференција, за 2 април најави протест, кој ќе почне пред седиштето на ССМ...

Топ4 часа

Го оградил државното земјиште зад Поликлиниката „Бит-пазар“ и наплаќал за приватен паркинг: кривична за скопјанец

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А. Р. (62) од Скопје и против...

Македонија4 часа

(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски

„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша....

Економија4 часа

„Растот на платите со кои се фали Битиќи е лага, платите се стопија со порастот на трошоците на живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Уште една голема манипулација на СДСМ кои се во очај! Во отсуство на било какви економски резултати, Фатмир Битиќи на...

Македонија7 часа

Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори

Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека...

Свет7 часа

Масовен руски напад врз Харков: Бомби паѓаа цела ноќ, две лица загинаа

Во текот на ноќта руските војници гранатираа 17 населени места во областа Херсон, при што загинаа две лица, а четворица...

Свет7 часа

Две тела пронајдени во автомобил под урнатиот мост во Балтимор, паднале од височина од 50 метри во водата

Полицијата во американската сојузна држава Мериленд објави дека две тела биле пронајдени во автомобил во реката Патапско, каде што мостот...

Македонија7 часа

Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф...

Регион8 часа

Потрагата по Данка Илиќ продолжува трет ден, се проверуваат телефоните на родителите

И покрај прекинатата теренска потрага по Данка во Бањско Поле и околината, полицијата продолжува со интензивна оперативна работа за утврдување...

Свет8 часа

Путин: Обвинувањата дека Русија ќе ја нападне Европа по Украина се целосна глупост

Рускиот претседател Владимир Путин ги осуди обвинувањата на Западот дека Русија планира да се бори против Европа. Ги нарече „целосна...

Свет8 часа

Маж во Илиноис уби четири лица и избоде петмина, нападот траел 20 минути

Четири лица загинаа, а пет се повредени во напад во Рокфорд, Илиноис, додека 22-годишен осомничен е уапсен. Полицијата, исто така,...

Македонија23 часа

Турската демократска партија се приклучува на Европскиот фронт, Ахмети: Овој сојуз е историски

По потпишувањето на коалицијата за Европскиот фронт со ДПА на Мендух Тачи, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, ПДЕ на...

Македонија24 часа

Тошковски: Ќе сторам сè МВР да гарантира организирање на безбедни избори

Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на панел дискусија „Зајакнување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните...

Македонија1 ден

Дисциплински постапки за петмина полицајци за пукањето пред тетовската болница

Поднесени се две две кривични пријави од СВР Тетово против М. Т., полициски службеник во Полициската станица за граничен надзор...

Македонија1 ден

ГРОМ, Интегра и ПЦЕР се здружија: коалицијата „Храбро за Македонија“ нема да поддржи уставни промени ниту пред ниту по изборите

Политичките партии Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) денес се здружија во...

Македонија1 ден

„Вреди“: Албанците нема да му простат на Бујар Османи за случајот Монструм

Претходно кога објаснувавме кој е Бујар Османи, дојде време да се откриваат неговите корупциски скандали, но и политичките ставови што...

Македонија1 ден

Мицкоски: Имаме принципиелен договор за настап на парламентарните избори врз кој ќе функционираме како идна влада

Ние имаме принципиелни разговори и преговори и принципиелен заеднички договор за настап на следните парламентарни избори и очекуваме понатаму, врз...

Свет1 ден

Бајден: Да ja ​​заштитиме Украина од месарот Путин

Американскиот претседател Џозеф Бајден уште еднаш го навреди рускиот претседател Владимир Путин говорејќи пред гласачите во американската сојузна држава Северна...