Култура
Отворање на самостојната изложба „Земја“ на Бојана Артиновска-Трпческа
Вечерва, во КСП„ Центар – Јадро“, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Земја“ на уметницата Бојана Артиновска-Трпческа.
Во својот осврт кон изложбата историчарката на уметност Викторија Димеска истакнува: „Стремежот за автономни својства на обликот и експресивниот сензибилитет на бојата ја откриваат амбициозната творечка тенденција на Бојана Артиновска-Трпческа. Следејќи ги законитостите на субјективниот внатрешен творечки порив, односно интуитивната потрага по современи концепти и содржини, авторката создава комбинација од повеќе стилови преплетувајќи ги во разни теми. Динамиката на формата и нејзината промена претставуваат уште еден визуелен впечаток што ја мотивира авторката и понатаму храбро да истражува и твори. Создавајќи сопствената естетска поетика, таа гради автентичен и суптилен ликовен јазик.
Трпческа интуитивно и јасно ја согледува важноста и моќноста на карактеристиките на женскиот принцип и притоа, суптилно ја толкува и изразува преку тонски богатата палета на бои и нивната суптилна транзиција. Неуморната борба против вечната објективизација на жената и женското тело ја изразува преку алегориски ликовен јазик. Во сопственото творештво таа ја воспоставува космичката рамнотежа во архетипскиот танц меѓу машкиот и женскиот принцип.
На отворањето ќе се одржи и поетски перформанс со авторите Тихомир Јанчовски, Елена Пренџова, Марија Г. Вардарска и Горазд Китановски.
Бојана Артиновска-Трпческа е родена во Велес 1977 година, каде што завршува основно и средно образование. Факултет за ликовна уметност при Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје завршува во класата на проф. Родољуб Анастасов, отсек сликарство и сценографија. Дипломската работа ја изложи во Сули ан со наслов „Архитектура на времето“
Од 2000 до 2003 година живее и работи како слободен уметник во САД.
Во 2008 година во Музејот на НОБ во Крушево ја реализирала својата прва самостојна изложба на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ со наслов: „Во мене“.
Својата втора самостојна изложба ја реализирала во 2011 година во ликовната галерија во Прилеп. Со наслов „Гозба“ изложбата е своевидно ретроспективно видување на нејзината дотогашна работа. Третата самостојна изложба ја реализирала во 2020 година во Ниш, Република Србија, со наслов „Трепет“. Следува „Позадини“, изложба што е реализирана како интерактивен проект 2021 година во Прилеп.
2022 година го реализира проектот „Земја“, мултимедијален перформанс, каде што беа вклучени литературни творци, кои читаа свои дела на истата тема во Прилеп и во октомври во Скопје
Од 2005 година е член е на Друштвото на ликовните уметници од Битола, а од 2010 година е член на Друштвото на ликовните уметници од Прилеп, со кое има остварено повеќе групни изложби, хуманитарни акции и перформанси. Од 2021 е член на ДЛУМ.
Живее и работи како самостоен уметник во Прилеп. Во повеќе пригоди соработувала како надворешен соработник со НУЦК „Марко Цепенков“ и со театарската работилница за изработка на костими, сценографија, шминка и рекламен материјал.
Напоредно со сликарството и сценската уметност истражува и во полето на фотографијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).