Култура
Отворено 60. јубилејно издание на Охридско лето
Со концерт со наслов „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“, посветен на нашата оперска примадона Ана Липша-Тофовиќ, во изведба на солистите Марија Јелиќ – сопран, Дарио ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран, во пијано-придружба на Миливое Велиќ, вчера, во Античкиот театар во Охрид свечено беше отворено годинешното 60. јубилејно издание на фестивалот Охридско лето.
Министерот за култура, Хусни Исмаили, рече дека фестивалот Охридско лето денеска е многу повеќе од очекувањата на неговите основачите пред 60 години, но и од нивните соништа за фестивал кој ќе биде уметнички амблем на Северна Македонија на уметничката светска арена.
„Фестивалот Охридско лето, кој оваа година бележи значаен и величествен јубилеј, не се мери веќе со годините на неговите изданија, туку се мери со уметничките успеси што ги носи секоја година. Фестивалот низ годините израснал од ентузијазмот и љубовта на многу луѓе, кои можеби вечерва и не се меѓу нас, но со нивната посветеност овозможија тој да опстои повеќе од половина век и да создава уметници што би ги посакувала секоја светска сцена“, рече министерот Исмаили.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој упати честитки за шестдецениското опстојување, во кое, како што истакна, врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука, во Охрид.
„И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи, кои со својот труд и со посветеноста се вградија себеси во мисијата на овој фестивал“, рече претседателот.
Јубилејното фестивалско издание првпат од 1961 година се одржува надвор од вообичаениот термин и ќе трае од 4 до 30 август со строги придржувања кон протоколите за заштита од ширење на Ковид-19.
Во текот на фестивалските денови на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, предворјето на „Света Софија“, ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници. Музичката програма на Охридско лето годинава содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската оф-програма.
На фестивалот ќе настапат реномирани музичари од Русија, САД, Шпанија, Турција, Косово, Италија, Албанија, Германија, Франција, Чешка, како и уметници од домашната музичка сцена.
Драмскиот дел од програмата, пак, ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи.
Шестдецениското опстојување и успешниот пат од едновечерен концерт до манифестација со врвен светски уметнички дострел, фестивалот Охридско лето ќе биде одбележан и со промоција на монографијата „Фестивалска приказна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот Регион
Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбатата се одржа во Завод и Музеј – Охрид, а учество зедоа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.
„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцира Костадиновска- Стојчевска.
На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.
Министерката со македонските експерти ги информира членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи, меѓу кои предлог-закон за управување со светското природно и културно наследство и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот Регион – светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.
Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг-мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“ во Република Албанија и во Северна Македонија.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.