Култура
Пијанистот Арчиули ќе одржи концерт за зимската програма на „Охридско лето“
Пијанистот Емануеле Арчиули, еден од најоригиналните и интересни изведувачи на денешната класична музичка сцена, ќе настапи во рамките на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ . Концертот што е поддржан од Италијанската амбасада во Република Македонија на чело со Неговата Екселенција амбасадорот Карло Ромео, ќе се одржи на 18 декември, во фоајето на Македонска опера и балет во Скопје, со почеток во 19 часот.
Репертоарот на Арчиули е огромен, од музиката на Бах до современата музика, со силен афинитет кон композиторите од САД.
Овој исклучително талентиран и виртуозен пијанист постојано развива нови проекти и ги следи новите идеи и иновативните програми во светот на музиката. „Кружни полноќни варијации“, збир од 16 композиции кои експресивно биле напишани за Арчиули од композитори како Крамб, Бабит, Кернис, Ржевски, Торке, Даугерти, Болком и Харбисон, неодамна го предизвикаа интересот на меѓународните критичари. Варијациите, кои беа издадени од Страдивариус на цеде под наслов „Околу полноќ – Омаж на монахот Телониус“ во мај 2011 година, се прославени од страна намеѓународната стручна критика.
Неговите бројни снимки (Чандос, Страдивариус, Иннова, Ваи, Бриџ, Верго итн.) го вклучуваат насловот „Врати до секаде“, со музика на Карла Блеј, Фред Херш и Чик Кореа, комплетните дела за пијано на Берг и Вебер, светската премиера на концертот за пијано и оркестар на Бруно Мадерна, како и многу американска музика.
Компакт-дискот на Аричули посветен на Џорџ Крамб беше номиниран за награда „Греми“, а неговото цеде со дела на Адамс и Ржевски ја доби наградата на италијанските критичари за најдобра снимка во 2006 година. Неодамна „ВАИ рекордс„ издаде ДВД со музика од Ивес Конкорд Соната. „Прошетка во убавина“ со две цеде-плочи тукушто издадено од Иннова, содржи музички композиции од американски композитори како ЈЛ Адамс, Бресник, Доерти, Ган, Гарланд, Хајдон, Балард и други.
Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали, како што се Берлинскиот фестивал, Виен Модерн, Ла Скала Милано, Биеналето на Венеција, Фестивалот за пијано во Мајами, Милерб театарот во Њујорк, Маџо Музикале Фиорентино, Фестивалот на камерна музика „Санта Фе“, како и на Меѓународните фестивали за пијано во Бреша и Бергамо.
Во мај 2011 година Емануеле Арчиули беше награден со најважната награда на италијанската критика „ Премио Франко Аббати“. Во освојувањето на оваа награда, Емануеле Арчиули ги следи стапките на Маурицио Полини, Раду Лупу и Зубин Мехта. „Овој пијанист од Бари беше авторитативна фигура на повеќеслојниот хоризонт на сите нешта кои се модерни веќе со години, додека истовремено се зачувува поврзаноста со традицијата“, изјави стручното жири.
Арчиули предава современа музика на Академија ди Пинероло, професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест визитинг-професор на многу американски универзитети.
Неговиот концерт во Скопје, како што велат од дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“, е дел од зимската понуда за љубителите на класичната музика, а тенденцијата е светски познати уметници да ја збогатуваат културната понуда на фестивалот не само во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, туку и во текот на останатиот дел од годината. Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ , претходниот месец во црквата „Света Софија“ се одржа концерт на исклучително талентираните млади руски музичари, пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст
Култура
Промоција на стихозбирката „Песнило“ од Ива Петреска
Дебитантската стихозбирка „Песнило“ од младата поетеса Ива Петреска ќе биде промовирана в среда, 27 март, со почеток од 20 часот во „Кафе лаб“ („Лабораториум“) во Скопје. Збирката низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска, а настанот ќе биде збогатен и со изложба на фотографии од Колевски.
„’Песнило’ пее за сите нешта што се чувствуваат на кожата, што ежат, што горат, што оставаат лузни, а потем сече, слој по слој, со прецизен и остар јазик како скалпел соголувајќи го гнилото во нас и во општеството за накрај в раце да го држи нашето срце и од нас зависи дали ќе ни заврши во тегла“, вели Јулијана Величковска.
„’Песнило’ ќе ви ги отвори очите, ќе ве разбесни, ќе ве насмее, ќе ве налути, ќе ве праша дали сте здрави и ќе ве прекори. Ова е стихозбирка што беснее меѓу двете корици, а ако има беснило, Ива Петреска ќе ја излечи со своето песнило“, рече Андреј Медиќ-Лазаревски.
„Ете така, само понекогаш, ќе се појави млад женски глас што патува низ времето, и постои отсекогаш до којзнае кога, ако не и засекогаш. Ива Петреска со својот младешки импулс и глас им ја дава живоста и бојата на нештата од кои е составен товарот на животот. ‘Песнило’ е анатомија на суштественото; песните се хируршки прецизни резови преку кои се прави пристап до телесното и духовното, од каде излегуваат звучно и тактилно, со сета своја силина, љубовта, презирот, молкот на едниот и крикот на другиот, болката на местото на љубење, сето тоа длабоко од внатрешноста на срцето, директно од местото на допирот, однатре истекува сета зачуденост од неправди и лаги, сета растргнатост помеѓу грижата за другиот и гневот кон него, сета храброст одново и повторно да љуби. „Песнило“ е сите прашања, сите повици да се разбуди другиот, да се биде буден, да се гледа, да се држи погледот вперен во убавината, во апсурдот, во животот, да се биде една од жените што трчаат со волците, да се биде дива, а не сива“, вели Д. А. Лори.
Ива Петреска (2001, Скопје) студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ и „Клинци“, во организација на „Култура бета“,„Отскочна штица“, настан за млади во рамките на Скопскиот поетски фестивал, „Добри гости“, и др., а неколку нејзини песни се објавени во „Репер“. Застапена е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (2023, ПНВ Публикации). „Песнило“ е нејзина прва стихозбирка.
Култура
Одбележување 79 години МНТ
Годинешниот 79. роденден на МНТ ќе биде хуманитарно одбележен.
„Во текот на сите години постоење оваа институција секогаш била тука за публиката. Тоа продолжува и денес со изведбите на претставите ‘Силјан Штркот шанца’ и ‘Сите сме птици’, кои во таа чест ќе бидат одиграни на 3 април“, велат од МНТ.
Средствата од продадените билети за овие претстави ќе бидат наменети за лекување на нашиот Леонид Индов.
Истиот ден во фоајето на театарот ќе биде претставена документарна изложба „Миг кој трае“, на која низ оригинални фотографии и предмети ќе бидат претставени дел од досега изиграните претстави од 1945 година до денес.
Изложбата е отворена за публиката.