Култура
Почина композиторот Томе Манчев
Синоќа ненадејно почина истакнатиот македонски композитор проф. д-р Томе Манчев. Томе Манчев беше истакнат композитор, педагог, музички писател, истражувач и општествен деец.
Роден е во 1950 година и беше еден од најистакнатите претставници на македонската музика од преминот меѓу 20-тиот и 21-виот век. Автор е на обемен творечки опус кој се распростира на речиси сите музички жанри, но главниот белег го остави во оркестарското творештво. Благодарение на своите темелни и систематски студии во Македонија (Властимир Николовски) и во странство (Чешка – J. Дворжачек и Ј. Церемуга и Бугарија – Д. Сагаев) внимателно ги изучи и истражи техниките на компонирање и оркестирање на дваесеттиот век што, натаму, најде одраз во неговите многубројни оркестарски композиции. Резултираше, исто така, со неговиот докторат по уметнички науки втор степен со наслов: ,,Движењето суштински елемент кај симфониското творештво”. Како најкарактеристични и најмаркантни дела треба да се спомнат „Симфонија – Реквием“ (2001-04), „Егзодус -2001“ (2001), Симфонијата број 2 „Паганофонија“ (1986-87), Кантатата „Татковина“ (1987), композицијата „Стара песна – концертни сцени“ за симфониски оркестар (нарачка од Македонската филхармонија по повод 50 години од формирањето, 1994), Песна и Танец (2000) и тн. Во сите овие дела Томе Манчев демонстрирал виртуозно владеење на оркестарската техника во манирот на највисоките дострели на полската композиторска школа на дваесеттиот век (Лутославски), комбинирано со силната експресивност што многу често извира од архаичните или поновите слоеви на македонската музичка почва и му дава на неговиот композиторски јазик автентичен личен белег. Сите овие карактеристики на посебен начин се чувствуваат и во неговите многубројни камерни и солистички дела во кои најчесто користи релативно модерни изразни средства (во смисла на музичката модерна на дваесеттиот век). Делата на композиторот д-р Томе Манчев се изведени на повеќе манифестации и концерти во Македонија и во светот.
Томе Манчев беше долгогодишен активен член на Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ. Добитник е неколкупати на наградата „Панче Пешев“ во 2002, 1996 и 1989 за најдобро македонско дело во претходната година како и на наградата „Трајко Прокопиев“ за 2009 година, која Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) ја доделува на композитори и музиколози за животно дело.
Томе Манчев до неодамна беше професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, благодарение на што неговиот изграден творечки опит е пренесен на низа помлади македонски композитори, од кои некои веќе се носители на современиот музички живот кај нас. За своите композиторски и педагошки дострели Томе Манчев е добитник на повеќе стручни и општествени признанија меѓу кои за животно дело од областа на музичката педагогија за 2014та година од здружението на музичките и балетските педагози на Република Македонија, од Собранието на Републичката заедница на култура во 1989та година за делото Симфонија бр.2 – Паганофонија за симфониски оркестар и солист баритон, како и повеќе награди на „Хорските тетовски одѕиви“ и „Хорските смотри“ во Кавадарци за повеќе хорски дела.
Погребот на професор д-р Томе Манчев ќе се одржи во текот на утрешниот ден во неговиот роден град Гевгелија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.