Култура
,,По стапките на Дичо Зограф” во Скопско
Во околината на Скопје се одвиваат активности насловени како ,,По стапките на Дичо Зограф во Скопско“. Се спроведуваат дејствија кон доближување на творештвото на познатиот Дичо Зограф кон населението од руралните средини на градот Скопје. Се спроведуваат активности кон градење на капацитетите на локалните жители, особено младата популација, за вредностите и значењето на нивното локално недвижно културно наследство. Во функција на одржлив развој во туризмот се реализираат работилници, средби, едукативни флаери, прикажување на серијата „Прекалени – Дичо Зографот“.
Димитрија Крстев(ич), познат како Дичо Зограф, е еден од најголемите македонски зографи во 19 век чие творештво стана пример за многу идни генерации зографи. Неговите дела станаа парадигма за генерации зографи во пошироките балкански простори, до пошироките маси, посебно младите, идентификација на културни и традиционални преданија и настани кои се заборавени или занемарени, како и афирмација на постојното недвижно културно наследство од територијата на Скопско. Роден е во 1819 во село Тресонче, Дебарско. Создава импресивен опус кој содржи повеќе од над 2000 дела кои пленат со својот изглед и ни го откриваат чудесниот духовен свет на овој мајстор на иконописот. Неговото иконописно творештво претставува пресвртница на еден илјадагодишен период и почеток на еден сосема нов правец во историјата на македонската црковна уметност.
Дичо Зограф, како и најголем дел од Мијаците се стекнал со високо образование и добро ги владеел книжевниот грчки и старословенски црковен јазик, а исто така и духовните прашања. Дичо го превел од грчки на мијачки дијалект стариот зографски прирачник – Ерминија, во кој се наоѓаат иконографските и технички белешки за начинот на работа на иконите и на ѕидните слики. Прирачникот го проширил со свои видувања и пренел дел од сопственото искуство.
Припаѓајќи на интелектуалната елита на тоа време, бил добро упатен во клучните прашања кои ја бранувале македонската јавност. Добрите препораки го поврзуваат со црковните власти и со граѓанските првенци, вклучувајќи се притоа во битката за воведување на црковнословенскиот јазик во богослужбата и народниот јазик во образованието. На тоа укажуваат неговите дела кои ја посочуваат неговата насока на движење.
Твори во различни делови на Македонија како и во соседните земји. Освен во Скопје и Скопскиот Регион, сликал во кумановскиот, дебарско-реканскиот, гостиварскиот, охридско-струшкиот крај, а реализира и доверени задачи во Србија и Бугарија. Работи на нови иконостаси и ги обновува постоечките, а ѕидните површини ги осликува со живопис на повеќе новоизградени или постоечки манастири и цркви.
Активностите кои се одвиваат насловени како ,,По стапките на Дичо Зограф во Скопско“ подржани се од Градот Скопје, „Плимонт“ Скопје, Општина Гази Баба и „Женска акција“, чија мисија е унапредување на статусот на жените и младите во современите општествени процеси во Р Македонија. Афирмирање и активирање на жените и младите кон промоција на нивниот интерес во рамките на основните цивилизациски придобивки, промовирање на креативноста и иницијативноста во општеството воопшто. Унапредување и заштитување на македонските традиции, како и сите аспекти на македонското општество. Развивање солидарност за заштита на човековите права и човековата слобода, отфрлање на насилството, комуникација, соработка и солидарност, како и развивање на ненасилните методи како основен предуслов за заштита на слободата, остварување на правдата и постигнување на демократска, економска, социјална благосостојба за поединецот и заедницата подеднакво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.