Култура
Премиерата на новиот руски филм „Собибор“ на 14 мај во Скопје
На 14 мај во Кинотеката на Македонија во Скопје премиерно ќе биде прикажан најновиот руски филм за единственото успешно масовно бегство од германски концентрационен логор во Втората светска војна.
Филмот е заснован врз настани кои се одиграа во текот на Големата татковинска војна во нацистичкиот логор на смртта „Собибор“ во Полска. Во октомври 1943 година поручникот на советската војска Александар Печерски, кој како заробеник се наоѓа во логорот, за само три недели успева да организира бунт на затворениците од земјите на западна Европа и Полска, единствениот успешен бунт во нацистички логор на смртта.
Еден од најпопуларните руски филмски актери Константин Хабенски со овој филм дебитира како режисер и ја толкува улогата на Александар Печерски. Хабенски исто така е познат и по филмовите „Ноќна стража“, „Времето на првите“, „Адмирал“, а исто така има играно и во холивудски остварувања како што се „Црно море“, „Баран“, „Крај на пријателството“, „Светска војна 3“.
Премиерата на филмот се одржува во рамките на прославата по повод 73-годишнината од победата во Големата татковинска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Го исполнивме аманетот на нашите предци, до крајот на 2025 година, нов „Центар за македонски јазик“ во Љубојно
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, и Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, денеска во преспанското село Љубојно направија увид во започнатата реконструкција и адаптација на старото училиште „Димитар Влахов“ во „Центар за промоција на македонскиот јазик“.
„Владата, Министерството за култура и Заводот и музеј од Битола со сето срце и одговорност се заложија објектот со имотен лист број 55 да заживее во чест на македонските дејци и на сите просветни работници, како и во чест на оние на кои споменот на школските денови во старото училиште е повеќе од спомен. ’Центарот за македонски јазик‘ ќе биде наш заеднички паметник за кој до крајот на наредната, 2025 година, со задоволство ќе речеме – аманетот го исполнивме“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура рече дека секогаш со радост му се враќаме на Љубојно, на ова македонско образовно светилиште, кај темелите на нашето описменување на мајчин, македонски јазик.
„Како генерација го исполнуваме долгот за зачувување и на архитектонското наследство што како вредност го има ова старо училиште во историјата на македонската уметност, како и долгот кон просветителската и општествената улога што ја има училиштето за едукација на македонскиот народ“, истакна таа.
Додаде дека во изминатиот период, надлежната установа Завод и музеј – Битола, со стручните тимови и со сите вклучени во процесот, со висока професионалност ги исполни многубројните неопходни чекори за остварување на визијата за еден модерен Центар за промоција на Љубојно, на Преспа, на македонскиот јазик, култура, на нашиот идентитет.
„Овој благороден и исклучителен проект“, рече министерката за култура, „го започнавме со прогласување на селото Љубојно за заштитена споменична целина, по што беа изработувани сите потребни стручни елаборати и проекти, за да ја добиеме градежната дозвола и градбата да може да започне.“
Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека со изградбата на „Центарот за промоција на македонскиот јазик“, ја искажуваме почитта кон сите учители и ученици кои на ова место се образовале уште кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека тие веќе одржаа настан во дворот на училиштето, на отворањето на „25. денови на Благоја Корубин“, и одаде: „Очекувам возобновениот ’Центар за промоција на македонскиот јазик‘ да e место кое ќе го посетуваат младите луѓе од дијаспората, кои ќе го изучуваат македонскиот јазик. Но, очекувам овој центар да изврши голема улога и во зајакнување на билатералните и трилатералните односи со соседните држави, Албанија и Грција, да биде мост кој ќе ги обединува овие три држави“.
За реконструкција на старото училиште ,,Димитар Влахов“ во Љубојно и за негова комплетна адаптација во „Центар за промоција на македонскиот јазик“, од буџетот на Министерството за култура во 2024 и во 2025 година ќе бидат издвоени 32,8 милиони денари.
Култура
Изведба на раскошната балетска претстава „Дамата со камелии“ од Џузепе Верди на 20 март
На 20 март со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе раскошната и драматична балетска претстава „Дамата со камелии“ работена по музиката на Џузепе Верди, а драматуршката подлошка е земена од неговата популарна „Травијата“.
Диригент е Иван Еминовиќ, кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со големите театри „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург, а раскошната сценографија и костимографија се на Павол Јураш од Словачка.
Во главните улоги ќе настапат нашите балетските првенци: Мими Поп Алексова Атанасовска и Бобан Ковачевски заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Култура
Еден од највлијателните jazz fusion состави на Балканот, „Васил Хаџиманов бенд“, го претставува својот нов студиски албум со наслов „Кејф“
Еден од највлијателните „jazz fusion“ состави на Балканот, Васил Хаџиманов Бенд, го претставуваат својот нов студиски албум со наслов „Кејф“ (Keyf).
Оваа исклучителна група на музичари веќе долги години ја воодушевува публиката ширум светот со својот единствен звук и енергија, а нивниот нов албум повторно нѝ носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и како и досега, креативни експерименти со различни музички стилови и ритми.
Албумот „Keyf“ е осми студиски албум на бендот и објавен е во дигитален и CD формат од страна на хрватската издавачка куќа Croatia Records.
Содржи девет песни продуцирани од Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски. Музичките нумери како насловната „Keyf“, но и „Gypsy“, „Afghan Samba“, „Helidoro’s Recipe“, „Mente Pura“, ќе ги потсетат сите љубители на добрата музика на тоа зошто Васил Хаџиманов Бенд својата музика ја изведува на бините ширум светот и зошто токму нивната музика во Србија е прогласена за уметничко дело со национална вредност.
Снимањето и продукцијата на албумот се Gdi For The Arts i Croatia Records.
Васил Хаџиманов е музичар со единствен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива врска на регионалната џез сцена и поединец кој во себе носи дел од своите предци кои, секој на свој начин ги обележија музичките простори на Балканот.
Потпирајќи се на богатото искуство во областа со фолклорот, Васил Хаџиманов е автор кој правилно ја сфати пораката од своите предци и таа инспирација ја преточи во автентичен музички исказ.