Култура
Премиера на „Кајмак“ на Манчевски во Италија, од 7 април и во кината во Бугарија
Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја имаше и италијанската премиера во селекцијата на Меѓународниот филмски фестивал во Бари.
Овој фестивал е еден од најголемите во Италија и е поврзан со две легендарни имиња на италијанската кинематографија – директорот Феличе Лаудадио, кој во богатата кариера беше на чело и на Венецискиот фестивал и на низа значајни филмски институции, како и филмскиот критичар Енрико Марџели, кој го претстави „Кајмак“ пред премиерната проекција и го водеше разговорот со авторот Манчевски.
„Кајмак“ беше проследен со бурен аплауз во историското кино „Петруцели“ старо 120 години и прогласено за споменик на културата во Италија.
Италијанскиот печат го најави „Кајмак“ како „храбар филм“, а фестивалот вели дека е „Смело и современо дело… Приказна за чувства и привлечност, која не се плаши да се занимава со непријатни теми, како што се трговијата со луѓе и сурогат-мајчинството“.
На прес-конференцијата со Манчевски филмскиот критичар Енрико Марџели даде голем фокус на работата со глумци, со пофалби за изедначеноста на глумата и за одлично одиграните ролји. Тој забележа дека иако филмот е комедија и се занимава со навидум секојдневни ситуации, барањата од актерите биле длабоки, со влегување во суштината на ликовите, а за кастингот рече дека, иако се работи за секојдневни ситуации во филмот, Манчевски им задавал сцени од класиците. Развивајќи интересна дискусија на тема еротика во сериозни филмови, Марџели рече дека му е жал што ја има помалку на филм денес, на што Манчевски коментира дека делумно тоа е причина на неопуританизмот, како што тој го нарекува, „а бизарно е што неопуританизмот произлегува од диктатурата на размислување од левицата, која би требало да биде слободарска и либерална авангарда“.
Манчевски во Бари дојде од Софија, Бугарија, каде што беше на чело на жирито на фестивалот, а истовремено се одржа и ретроспектива на неговото творештво, во која беше вклучена и бугарската премиера на „Кајмак“. Присуството на Манчевски во Бугарија беше проследено со голем публицитет и многубројни интервјуа за бугарските медиуми.
Од 7 април „Кајмак“ ќе се прикажува и во редовната програма во кината во Бугарија.
Пишувајќи за опусот на Манчевски, еден од најистакнатите бугарски новинари од културата, Цветан Цветанов, во списанието „Култура“ вели:
„Милчо Манчевски е визионерски волшебник… Мајстор на геометријата на голото човечко тело, без тоа да е основа на неговите филмови, Манчевски создава некои од најубавите еротски сцени во современата европска кинематографија – било да се во молски клуч на духови во ‘Сенки’ или на речиси комично рамниште во ‘Кајмак’… Не е ни важно затоа што зборуваме за апсолутни вредности… ‘Кајмак’ е речиси анаграм на ‘Мајки’…“.
На почетокот на месецот „Кајмак“ ја освои специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто, Португалија.
Во исто време „Кајмак“ беше прикажан и на „Фест“ во Белград, каде што сите три проекции однапред беа распоредени, а актерката екипа од филмот, која присуствуваше на премиерата, доживеа огромен аплауз.
„Кајмак“ е седми филм на Манчевски и е црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството. Беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.
„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МТВ, а поддржана од „Еуримаж“. Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.
Фестивалот којшто се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.
Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.
„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.