Изложби
„Скопје одново” ја раскажува историјата на колекцијата на Музејот на современата уметност
На 18 ноември, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, ќе биде отворена изложба со наслов „Скопје одново“, која во фокус го става процесот на основањето на Музејот и на неговата исклучителна меѓународна колекција, со посебен фокус на американските уметници.
Изложбата „Скопје одново“ е резултат на соработката помеѓу МСУ – Скопје и Амбасадата на САД во Скопје, а кураторки на изложбата се Ана Кац (кураторка во Музејот за модерна уметност во Њујорк – МОМА) и Кумјана Новакова (кураторка соработничка на МСУ – Скопје).
Во рамките на постановката ќе бидат изложени повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата. Така, првпат МСУ – Скопје ќе изложи дел од личната кореспонденција на авторите, како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли…
Изложбата „Скопје одново“ ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 од Меѓународната асоцијација на пластичните уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на градот Скопје по земјотресот. Со подароците од автори од целиот свет МСУ – Скопје станува дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјата. Повеќето од делата ги потпишуваат водечки уметници на глобалната современа сцена во двете децении по земјотресот, што води и до основањето на МСУ во 1964 година. Полската влада во тоа време финансира тим од прогресивни млади архитекти, кои во 1970 година го градат објектот, кој денес е постојан дом за Музејот.
Во таква една атмосфера на транснационална соработка и ентузијазам, преставена во извештајот на ООН од 1966 година со наслов „Скопје воскреснува“, МСУ развива и разновидна програма на изложби, меѓународни соработки и партнерства. „Скопје одново“ ќе изложи и дел од архивскиот материјал, кој сведочи за оваа важна позиција на МСУ – Скопје во тоа време. Со поттикнување исклучителна отвореност и колаборативно работење, колекцијата и програмата на МСУ – Скопје во 60-тите, 70-тите и во 80-тите сведочи за едно радикално космополитско, транснационално наследство на социјалистичка југоисточна Европа.
„Скопје одново“ ќе понуди и отворена јавна програма, која преку филмски проекции, работилници, предавања и водење низ изложбата ќе ги претстави и разните аспекти на изложените дела и архиви.
Јавната програма се развива во соработка со Кара Мејнс (кураторка во Музејот за модерна уметност во Њујорк – МОМА), програмата за уметничка критика со Кет Хариман (новинарка од САД, која пишува за медиуми, како Vice, Cultured), визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска-Зарапчиев, а дизајнот на изложбата е на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков. Постановката во Скопје ќе биде отворена сè до 18 февруари следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
Мице Јанкуловски ја отвори изложбата во Букурешт
Синоќа, во 19 часот, беше отворена самостојната изложба на слики од Мице Јанкуловски, „Надвор од црното“, во галеријата „Галатека“ во Букурешт.
Автор на концептот е Корнелија Конеска, а куратор – Анка Боериу, универзитетски професор на Националниот универзитет за уметност на Романија.
За уметничкото творештво на Јанкуловски
Како уметник повеќе од пет децении Јанкуловски континуирано е посветен на истражувањето во областа на сликарството и цртежот, но експериментирал и се претставувал преку повеќе уметнички дисциплини (сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми…) заради што меѓународната професионална јавност го препознава како мултимедијален уметник. Во своето уметничко дело тој постојано ги истражува формата, просторот, бојата, небојата и движењето како елементи што се повторуваат.
Јанкуловски првенствено се занимава со истражување или поточно барање на разните форми, кои ги поставуваат темелите за создавање уметност. Неговите интереси вклучуваат испитување на врските меѓу формите и просторот, нивното заемно влијание и како формите се движат во даден простор. Кога се набљудуваат неговите слики и цртежи, може да се забележи дека доминантни се геометриските форми, но на крајот тие еволуираат во поорганска и невоздржана форма. Рабовите на овие форми играат клучна улога во дефинирањето на просторот и овозможуваат тој да функционираат како кохезивна целина.
Последната фаза на концептуални слики на Јанкуловски се одликува со монохроматичност, модуларност, мултипликација и минимализам. Уметникот користи систематски пристап за примена на основни форми, како што се кругови, квадрати и триаголници на големи квадратни платна, користејќи само црна боја. Формите се создаваат со правење шари на намази од дебел слој црна боја. Во зависност од тоа дали намазите се нанесуваат на заднината или на самите форми, се постигнува дополнителен впечаток на позитивно/негативно. Серија од дела се создава со мултипликација на формите во платната, како и со мултиплукација на самите платна, што резултира со големи концептуални дела, како полиптиси.
Веднаш треба да се забележи дека црното, т.е. небојата, како што понекогаш се дефинира, е единствениот протагонист на делото… покрај светлината како составен дел на конечниот резултат.
Во однос на просторната организација на концептуалните дела од повеќе делови, Јанкуловски секогаш се труди да обезбеди можност за нивно читање, без разлика на позицијата на деловите, за да може да се набљудуваат поставени на разни начини – резултат на неговиот првичен интерес за палиндромите (зборови што се читаат исто и напред како назад).
Индивидуалниот творечки потпис во делата на Јанкуловски се стреми кон контемплативност и медитативност со претставување на постојаната различност на универзалниот поредок. Неговата потреба да ги пренесе горенаведените односи во (речиси) дводимензионални дела е на ниво на филозофска интерпретација, при што секое дело има своја приказна и отвора мноштво нови димензии.
Неговото најново уметничко творештво е истражување со карбон (познатата најцрна боја) – боја откриена со најновите нанотехнологии, која обезбедува поглед во непознатото надвор од сè што досега е познато за црното.
За изложбата „Надвор од црното“
Основниот мотив на изложбата е визуелен одговор на прашањето: „Што има надвор од границите?“
Наспроти белата боја (која ги рефлектира сите бои), црната ги апсорбира сите бои и се доживува како граница каде што сите бои завршуваат. Дали е така? Што е зад или подобро надвор од црното? Според перцепцијата на Јанкуловски – повеќекратна реалност!
Концептот на изложбата е една од тие реалности. Главните атрибути на неговото уметничко дело му дозволуваат да прави бескрајни варијации и разни реалности, но како докажан минималист ги постигнува со минимални елементи. Како и секогаш, тој користи само црни квадратни платна со разни растери со црн акрилик. Конечниот резултат се постигнува со мултипликација на формите и со комбинација на модуларните (претходно обмислени) формати на платната распоредени во полиптиси.
Изложени дела:
„Ноќите на Тоскана“, 2019 (сегмент)
Полиптих од 10 слики, акрилик на платно, 195 x 1.950 cm (195 x 195 cm/секоја)
„Круговите на Леонардо“, 2020 (сегмент)
Полиптих од 4 слики, акрилик на платно, 195 x 780 cm (195 x 195 cm/секоја)
„Хоризонтален свет“, 2021 година
Полиптих од 4 слики, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm/секоја)
„Дијагонален свет“, 2021 година
Полиптих од 4 слики, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm/секоја)
Изложби
Самостојна изложба на Глигор Кондовски во „Центар Јадро“
На 2 ноември, во 20 часот, во КСП „Центар Јадро“, ќе се одржи самостојна изложба на фотографии на Глигор Кондовски со наслов „Импровизации“.
На отворањето на изложбата настапува џез-триото: Глигор Кондовски – виолина, Владан Дробицки – тромбон, Дени Омерагиќ – контрабас. Изложбата ќе ја отвори Мирко Попов.
„Во овој фотографски момент Глигор ја поставува фотографијата на ниво на класичната визуелна техника. Медиумот е граница, но ликовниот израз е високата визуелна точка на вкрстување на сите технички патувања. Слободниот дух и слободната рака во овој случај го одвеле уметникот на најнеочекуваните фотографски надминувања, а слободата како апсолут во сите сфери од животот ја носи и како ангажирана идеја овој современ уметник. Овие фотографии поставуваат прашања: што е слобода, ги преиспитува границите на слободата, односот на современиот човек кон слободата, како и тоа што е внатрешна, а што надворешна слобода?“, рече м-р Билјана Билбилоска, ликовен уметник.
М-р Глигор Кондовски (1980) дипломира на Факултетот за музичка уметност, вокално-инструментален оддел, отсек виолина. Дипломира на вториот Факултет за драмски уметности при Тетовскиот универзитет, филмска и ТВ-режија. Магистрира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, филмско и ТВ-сценарио. Моментно е вработен како наставник по виолина во ДМУ „Тодор Скаловски Тетоец“ во Тетово. Во 2008 година негова композиција Green dance е во компилациско ЦД со наслов Imamo dobro glasbo, издадено преку Радио Вал 202 при РТВ Словенија. Во 2014 година учествува со експериментален филм „Рестарт“ на Микорарт фестивал во Белград, Србија. Во 2016 на Festival u Slavonski brod, Croatia. Во 2016 на Indipendent European Cinema, во Нови Сад, Р. Србија. Во 2017 на студентскиот филмски фестивал New wave Софија, Р. Бугарија. Во 2019 со филмот „Попладневни малини“ учествува на државен филмски фестивал во Крушево, на Вива фестивалот во Сараево, Босна и Херцеговина и на Inshort fest во Нигерија. Прва самостојна изложба на фотографии со наслов „Обични профили“ ја прави во Смедеревска Паланка, Р. Србија, во 2018 година, како и со дел фотографии учествува на: изложба на фотографии во Музејот на современата уметност и „ЕУ инф-центарор“ во склоп на проектот Денови на разноликоста, 2017. Самостојна изложба со наслов на фотографиите: „Тетовски џез-моменти“, 2019, со поддршка на Министерството за култура. Самостојна изложба на фотографии со наслов: „На сцена“, 2020, со поддршка на Министерството за култура. Самостојна изложба на фотографии со наслов: „Сфера“, со поддршка на Министерството за култура, 2021 година. Во 2020 го издава музичкиот албум: Here, под македонската етикета „Шарла“, после тоа за истата етикета ги издава албумите: „Беседа“ за соло виолина импровизација и Hover, 2021 година. По тоа, за ПМГ ЏЕЗ го издава албумот: Nightscape, во 2021 заедно со џез-тромбонистот Владан Дробицки и во 2022 година за истата дискографска куќа го издава албумот: „Разгледи“ заедно со Марија Каева – вокал, Владан Дробицки – тромбон. Со композицијата Once upon a train учествува на една компилација наречена „Клавирско небо“ во Р. Србија, 2021 година. Во 2022 го издава соло албумот: Encounter за издавачката куќа ПМГ ЏЕЗ. Неколку промотивни настапи на албумот: „Крај Вардарот сесии“ во „Аудиокултура“. Настап на Џез-фестивалот: „Крај Вардарот џез“, 2023, и настап на Скопско лето, 2023 година.
Изложби
Отворање изложба на фотографии на Ерина Богоева во МКЦ
Вечерва, во 20 часот, во Галеријата 2 на Младинскиот културен центар, ќе биде отворена изложба на фотографии со наслов „Македонските архитектурални скулптури“ од Ерина Богоева.
По многу години истражување и фотографирање на архитектурата од втората половина на ХХ век во Скопје, во 2017 година Ерина ја посветува својата последна изложба „Затемнетиот град“ токму на таа тема, а во 2018 година со иста инспирација ја издава и монографијата „Скопје – архитектурата како фотографска скулптура“.
Непобитен факт е дека монументалистичката архитектура е присутна не само во главниот град туку и во целата држава и таа досега ретко била предмет на истражување, фотографирање и презентирање. Во Скопје и во другите градови таа е често занемарена, оставена на маргините и пропаста. Амбивалетниот однос кон тие (веќе историски) времиња влијае врз фактот на неможноста да се постигне одвојување на убавината на градбите од политичкиот и историскиот контекст на времето во кое се создавани. Преку фотографијата Ерина ја прикажува оваа архитектура во целосната нејзина скулптуралност, комплетно извадена од временскиот и просторниот контекст.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и од Младинскиот културен центар и е од продажен карактер.
Ерина Богоева е родена на 2.7.1988 во Скопје. Нејзините почетоци во уметноста и поконкретно во фотографијата се поврзани со програмата на меѓународната матура, во склоп на средното образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007. Во октомври 2021 година Ерина ја има својата петта самостојна изложба „Мистеријата зад женскиод поглед“, поддржана од Europe House Skopje по што се одржува и дискусија инспирирана од изложбата, а посветена на жените во креативните индустрии во нашата земја. Истата година, во ноември, Ерина е дел од фотографската изложба на модното списание „Вог“ во Милано преку фондацијта ВИД.
Изложба ќе биде отворена за посетителите до 15 октомври 2023.