Култура
„Смачено ми е од себе“ и промоција на книгата на Уневска, утре на Скопје филм фестивал
По сагата „Кум“, програмата на 25. издание на Скопје филм фестивал продолжува со најновите европски и светски остварувања. Утре (четврток 15 септември), во Кинотека на С Македонија, со почеток од 19 часот ќе биде промовирана најновата книга на филмската критичарка Сунчица Уневска „Дух во школка“.Ова е нејзина четврта книга, издавач е „Аквариус“.
„Ова не се само филмски рецензии, се вели во предговорот, ова се есеи за животот, за темите, кои вечно нè интригираат и чии прашања и одговори се бројни, сè зависи каде одиме, што бараме и што се надеваме дека ќе најдеме“, се вели во предговорот на книгата на Уневска.
Веднаш потоа, во 20 часот ќе биде прикажана норвешко-шведската продукција „Смачено ми е од себе“ (2022), по сценарио и режија на Крисофер Боргли, дел од програмата Фокус на европски филм.
Оваа мрачна норвешка комедија го издига токсичното однесување на повисоко ниво и со модифициран приказ на Минхаузеновиот синдром го разоткрива нашиот колективен нарцизам. Се води борба да се привлече вниманието на социјалните мрежи, а заедно со вродената морбидна љубопитност, играњето жртва станува форма на фетиш што еден од главните ликови решава да ја искористи. Нејзините импулси се колку смешни толку и одвратни, не затоа што е тешко да се сфатат, туку затоа што на лично ниво можеме многу добро да ги разбереме.
Во 22 часот (четврток, 15 септември), публиката на Скопје филм фестивал ќе има можност да го погледне уште една проекција на овогодишниот кански победник „Триаголник на тагата“ на режисерот Рубен Остлунд. Филмот е урнебесна, смешна и брутална сатира за ултрабогатите и за ѕвездите на социјалните мрежи. Амбициозен, див и без никаква воздржаност, „Триаголник на тагата“ заслужено го внесе Остлунд во малата групата на двојни добитници на „Златната палма“.
Потсетуваме дека вечерва (среда,14 септември) ќе биде прикажан третиот и последен дел од сагата „Кум“ на режисерот Френсис Форд Копола. Третиот дел од сагата за семејството Корлеоне излезе во 1990 година и забележал 7 номинации за „Оскар“, за првпат бил номиниран и брилијантниот директор на фотографија Гордон Вилис, но не добил ниту еден. Со прикажувањето на антологискиот серијал „Кум“, Скопје филм фестивал во соработка со Кинотека на С Македонија ја одбележуваат 50-годишнината од првиот од серијалот „Кум“ (1972).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.