Култура
„Теремин-вокс фантазија“ во Камерната сала на Филхармонијата
„Теремин-вокс фантазија“ е насловот на камерниот концерт што ќе се одржи овој четврток во 20 часот во Камерната сала на Филхармонијата. Како солистка на теремин ќе настапи Ива Дамјановски, а настапуваат и Маријана Николовска (пијано), Татјана Петрушевска (обоа) Мартин Димитров (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола) и Паскал Краповски (виолончело). На програмата се дела од Б. Мартину, К. Ајк и М. Јовановска.
Ива Дамјановски (1996) е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при УКИМ (2019) во класата на проф. Тодор Светиев. Моментно е студент на Катедрата за музикологија, на универзитетот Università di Trento, како и на Катедрата по музичка интерпретација и композиција при Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје во класата на прoф. Марија Ѓошевска. Добитник е на наградата на УКИМ за најдобро дипломиран студент на Факултетот за музичка уметност во учебната 2018/2019 година. Автор е на научната статија „Сценското дело на иднината: современиот перформативен феномен, неговиот развој и комуникација со публиката“, објавена во четвртото издание на научното списание Ars Academica (2016). Автор е и на трудот ELELORP 76: MUSICA NOVA MACEDONICA. Електроакустичната музика во Македонија, нејзиниот развој и карактеристика“, презентиран во рамките на научната конференција на 42. издание на манифестацијата „Струшка музичка есен“, издаден во официјалниот зборник.
Таа е дел од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти No Hay Banda, посветени на филмската музика, во соработка со Академската сцена при Факултетот за драмски уметности при УКИМ, Скопје (2017- 2019). А исто така таа е организатор, режисер и изведувач на концертните проекти „Монохроматика“ (дел од програмата на манифестацијата Денови на македонска музика, 2018 ) и „Монолози“ (дел од програмата на фестивалот „Златна лира“, 2018). Моментно работи хонорарно како корепетитор на Факултетот за музичка уметност при УКИМ и е дел од експерименталното дуо „Алембик“. Нејзината прва композиција за пијано, Breath, е објавена во компилацијата „Kлавирско небо 3“, во издаваштво на продукциската куќа Pop Depresija. Во 2021 го реализира и својот солистички концертен проект Аs we danced we gave substance to shadows, на кој првпат настапува, покрај пијано-програмата, и со изведба на теремин. Добитник е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 година за стихозбирката „Тие“ (2017, „Блесок“), кој го добива своето второ и дополнето издание во 2019 година. („ПНВ публикации“). Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење“ за која ѝ е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Нејзината поезија е застапена во многу антологии и списанија за книжевност. Добитник е на третата награда на конкурсот „Антево слово“ за најдобра необјавена песна (2021), како и специјалната награда на меѓународниот натпревар Castello di Duino во Трст за најдобра необјавена песна со значајна социјална или хуманистичка порака (2021). Учествувала на голем број поетски читања во и надвор од државата, меѓу кои и „Астални проекции“, и нејзината поезија е застапена во монографијата посветена на поетската манифестација (2019, „Бегемот“), како и голем број други поетски читања во Скопје. Нејзината наградена книга „Двоумење“ доби две претставувања во Осиек и Нашице во рамките на манифестациите Денови на македонската култура и одбележувањето на 160 години од Зборникот на Миладиновци. Нејзината поезија е преведувана на српски, грчки, хрватски, словенечки, англиски, албански, шпански, италијански, бенгалски и на романски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст